Иницијатива Кооперација: Лични политики

27.06.2012 12:02
Лични политики

Датум и време: 29/6/2012 во 20:30 часот

Локација: Бул. 8 Септември, бр.4, Скопје (Комплекс Македонија)

Учесници: Инес Ефремова, Снежана Алтипармакова, Дијана Богдановска, Немања Цвијановиќ, Марчело Брајновиќ, Борис Шемов, Симон Узуновски, Велимир Жерновски, ОПА, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Игор Тошевски, Никола Узуновски, Владимир Јанчевски



Политиката и уметноста имаат многу точки на вкрстување. Политиката претставува определена, дефинирана насока на дејствување која е усвоена за поефикасно постигнување на одредена цел. Во најширока смисла тие се синоними, особено ако се земе предвид комуникацискиот аспект на уметноста. Ставовите за тоа што ја чини уметноста политичка, варираат од тие дека целокупната уметност е секогаш ангажирана, до тие кои тврдат дека се работи исклучиво за експлицитните пораки нашкрабани по ѕидовите во некоја „конфликтна зона“. Но, она што е сигурно е дека кореспондирајќи со современите настани, уметникот може преку уметноста да завземе политички ставови исто како што умее да делува во рамки на сите други општетствени структури. Сепак, кога сме соочени со делото, останува секогаш прашањето како ќе му пристапиме: дали станува збор за субјективните, личните мотиви на авторот, или го гледаме делото според ефектот што тоа го остава на нас? "Лични политики" е обид за поттикнување на размислувања за границите и меѓузависноста на личното/приватното и заедничкото/јавното. Обид да се преиспитаат уметничките позиции, границите на уметничката автономија и постојаните обиди на уметникот за отворањето кон светот, балансирајќи помеѓу потребата да го задржи личното. Херметичноста и неинтелегибилноста на индивидуалните, лични изрази, метафорички кажано, се ѕид, но и врата, бидејќи неизбежно го содржат потенцијалот за воспоставување на комуникација. Условно речено, синтаксата е недефинирана, но лексиката (севкупниот вербално-визуелниот фонд на елементи кои се во некаков сооднос во „делото“) е барем делумно разбирлива и споделувана од сите. Не постои приватен, личен јазик, барем не таков кој би бил имал смисла. Меѓу другото, целта е да се укаже на мноштвото различни приоди кон различни прашања и различните стратегии за премостување на разликите, без обид за нивно целосно поништување. "Лични политики" е обид да се претстават и/или критикуваат специфичните односи помеѓу индивидуите, помеѓу идивидуа и група, како и односот на индивидуата и без-личниот систем изграден и менуван/модифициран од личности, систем кој се состои од севкупните односи помеѓу индивидуите, како резултат на личните политики. Токму личната политика на уметникот, неговиот обид за дејствување преку делото, нуди основа за воспоставување на контакт и евентуално, комуникација, а од реципиентот зависи дали таа ќе биде еднонасочна или и повратна.

КООПЕРАЦИЈА се заблагодарува на Филип Спасовски за отстапениот простор.