Непрофесионалноста на некои медиуми во Македонија

28.06.2012 09:34
Непрофесионалноста на некои медиуми во Македонија

Победата на демократијата поразена од хипокризијата и непрофесионалноста на некои медиуми во Македонија

На 22 и 23 јуни се одржа првиот Фестивал на Гордоста во Солун под мотото „Една љубов – илјада бои“, во организација на Thessaloniki Pride и Homophonia, под покровителство на Градоначалникот и Туристичкото биро на Солун. Трошоците за учеството на македонските активисти ги покрија организаторите од Солун и Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија. И немаше можеби да биде ова некаква вест кај нас, да не беше долгогодишниот спор со Грција и економската криза која го јаде грчкото општество и од внатре и од надвор. И немаше да е некакво доживување, да не беа тие околности и тие прекрасни луѓе, кои не направија компромис и излегоа од подземјето на Солун, излегоа од затворените барови, приватните станови, скриените профили на социјалните мрежи, излегоа во сета своја различност на улиците на Солун да ја искажат својата гордост за тоа кои се и какви се, ја покажаа убавината на различностите кои живеат едни до други, не секогаш свесни за постоењето на „другиот“, излегоа да ги побараат своите права како човечки суштества.

Срамно известување од некои македонските медиуми

Известувањето на медиумите кај нас ја покажа длабоката криза на новинарството во Македонија. Како учесник на Фестивалот на гордоста, кога се вратив во Скопје гледајќи вести на одредени телевизии и читајќи весници не можев да препознаам дека зборуваат за настан на кој јас учествував и говорев како македонски активист. Се покажуваа сцени кои воопшто не се снимени во Солун, се прикажа „голема нетрпеливост“ на граѓаните на Солун, дури и крајно срамно се извести како за авионска или патничка несреќа, демек „ниту еден учесник од Македонија не бил повреден“! Известувањето и не беше известување, туку очигледно „спинување“, веројатно нарачано од „центрите за вистината“.

Реалноста е сосема поинаква. Во реалноста имаше околу 1.500 учесници на Фестивалот кои цел ден на информативни штандови нудеа информации во строгиот центар на Солун. Јас говорев на главната сцена и бев претставен како македонски активист и никој не направи никаква драма од тоа. Еден час пред да почне поворката низ улиците на Солун се појавија дваесетина воинствени „христијани“ кои се заканија дека ќе спречат да се одржи поворката. Како во грчките драми – хорски, оние што беа против го кажуваа својот став, другите одговараа со свои аргументи (без притоа да влегуваат едни на други во збор/скандирање), потоа полицијата професионално ги тргна настрана противниците од договорената рута и поворката си почна според планот, на чело со Градоначалникот на Солун. Во текот на марширањето низ градот граѓаните на Солун ѝ се придружуваа на поворката така што таа на крајот заврши со околу 4.000 учесници кои се радуваа на моментите на слобода и себереализација, и тоа не беа само лезбијки, геј мажи, бисексуалци, трансродни и интерсексуалци (ЛГБТИ), туку и сите други кои научиле што значи да се почитуваш себеси и да се бориш за себе и своите права. Во чест на Фестивалот, Кулата – најпрепознатливото обележје на Солун, таа вечер беше обоена со светла во боите на виножитото.

Демократски капацитет во самото движење

Начинот на кој беше осмислен и реализиран Фестивалот на гордоста го покажа демократскиот капацитет во самото движење и одговорот на локалната власт и полицијата, за кој можеме да учиме сите кај нас, и невладини организации и државни институции. Двете организации Thessaloniki Pride и Homophonia не соработуваат многу, односно имаат различни агенди и интереси, но Фестивалот го организираа заеднички, и никој не можеше да почувствува дека се работи за мешовит организационен комитет, каде често членовите на Комитетот и не се согласуваа едни со други. Идејата за успешно и гордо излегување на улиците на Солун за нив беше поважна и смогнаа сили да ги надминат несогласувањата и успешно да ја реализираат идејата. На самиот Фестивал беа присутни и голем број неформални движења и групи, а некои од нив беа сосема против начинот на кој е реализиран Фестивалот и делеа летоци во кои објаснуваа зошто не им се допаѓа. На пример, една неформална група мошне активно лобираше меѓу присутните против истакнување на логоа, банери и рекламен материјал на општинските власти и различни приватни донатори, зашто сметаат дека на тој начин се губи автентичноста на движењето и се корумпира основната идеја. Од друга страна, организаторите објаснуваа дека поинаку не ќе беше можно да се организира Фестивалот и дека поддршката (и финансиска) е неопходна. На говорницата пред почетокот на самиот марш јас бев најавен како македонски активист, за што немаше негативни реакции, дури и, напротив, реакциите беа со голема поддршка. Сето ова, овој демократски капацитет е голема и многу важна лекција за нас како активисти, а и за нашите државни институции како наши претставници и сервис.

Заедничка борба

Интересно е што овој Фестивал спои многу различни луѓе, дури и оние кои не многу ги разбираат барањата на ЛГБТИ заедницата, но излегоа заедно да ја изодат таа патека на гордоста. Претпоставувам она што ги здружи граѓаните на Солун и ЛГБТИ активистите е заедничката разочараност и изневерност од сопствените и светските политичари и финансиери. Граѓаните на Солун точно ја препознаа заедничката нитка која ги поврзува. Точно препознаа дека заедно се посилни и дека треба едни со други, многу различни, да се поддржуваат. Фестивалот на гордоста беше крик кој ги исполни не само улиците на Солун, туку и ја покажа свесноста за моментот и одлучноста на граѓаните на Солун да се борат за своите права. Во текот на целата поворка повеќето граѓани кои се затекнаа или намерно излегоа да ја проследат поворката, се придружуваа и ја славеа еднаквоста во различноста. За нас, кои дојдовме од држава каде сè помалку има активно граѓанство, каде сè помалку има критичко новинарство и медиуми, каде секој од секого се плаши и генерално има атмосфера од типот „не е мој проблем“, ова беше вџашувачка шлаканица.

Враќањето во Скопје и проследувањето на медиумските „вести“ за Фестивалот во Солун уште поизразено го разоткри грдото лице на нашата (не)демократија, ни потврди дека живееме во спинувана (не)реалност, како глувчиња во нечија фетишистичка лабораторија каде се бараат лекови за комплексни комплекси. Чувството на безизлезност кое повеќето граѓани на Македонија го имаат нема да го реши никој однадвор, нема да дојде некој со апартура за кислород и да ни вдахне воздух за да дишеме слободно и да се реализираме себеси без пресија од „нашите“ институции. Решението е во секој од нас поединечно и во сите нас заедно. Дејствувај!

Корените на World Pride

Поворките или Фестивалите на гордоста започнале со првиот бунт кој се одиграл во Њујорк, ноќта меѓу 27 и 28 јуни 1969 година, во клубот Stone Wall, па затоа и често се нарекува Stone Wall Uprising. Во клубот најмногу оделе ЛГБТИ луѓе, кои честопати биле малтретирани од полицијата. Таа ноќ, не можејќи веќе да ја трпат тортурата од локалните полицајци, се спротивставиле и во „тепачката“ подебелиот крај го извлекле полицајците. Стравувајќи од одмазда, геј мажите, лезбијките и бисексуалците, трансордните и интерсексуалците излегуваат на улиците на Њујорк, протестирајќи против полициската бруталност. Следната година на 28 јуни 1970г., одбележувајќи го денот илјадници ЛГБТИ луѓе излегле на улиците на Њујорк, Чикаго и Лос Анџелес. Оттогаш секоја година во сè повеќе градови се одбележува овој ден на гордоста на ЛГБТИ луѓето токму во овој период, на крајот на јуни.

Авторот е програмски кординатор на Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија

Во продолжение погледнете повеќе фотографии од овој настан.

Action requires knowelgde,

Action requires knowelgde, and now I can act!

ОкоБоли главаВицФото