1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Од кај извира духовната беда што на политичката сцена се манифестира како дневен терор врз нормалноста и пристојноста? Вулгарност и баналност што ги ослободуваат луѓето од магичните врски со татковината и ги раатисуваат кога ќе им дојде да го отераат по ѓаволите денот кога е направена оваа несреќна државичка.
Во културата таа беда се јавува како жестока панаѓуризација која кај Македонецот предизвикува процеси какви што научните инпути предизвикуваат во земјоделството кога од една мала тиква се прави генетски модифициран организам, односно голема, огромна тиква.
Зошто ликовната понуда во Скопје е за три класи полоша од втората најлоша понуда во светот. Зошто немаме ниту една колку-толку пристојна градска агломерација која со своите содржини, распореди, естетики и функционалности, ќе сведочи за каков таков културен континуитет што е подолг од еден или два мандата на криминалците со лажни пасоши на политичари.
Што е тоа што на еден бугарски селанец или професор, политичар, водител или спортист му овозможува да биде поубедливо хармонизиран со себе во која и да е комуникација. Зошто никој не спори со тоа дека во светската кинематографија нема филмови со понеубедливи дијалози и реплики од македонските. Зошто радио и телевизиската програма во сите сегменти, од информативниот до забавниот и документарниот, е така тажно неписмена, некултурна, одвратна, вештачка, неприродна, изнасилена?
Зошто ние сме тие автори на транзицијата која може да се собере во пет реда ако се договориме дека зборовите што се употребувани повеќе од два пати ќе ги регистрираме како единечен формат, и во три реда ако за мерка ги земеме идеите што нè окупирале изминативе 22 години.
Мислам дека одговорот треба да го побараме во јазикот, односно мислам дека јазикот е одговор на нашето прашање. Еве неколку тези за дискусија.
1.
Отсуството на државен, институционален, културен и граѓански контекст низ вековите е главниот ограничувачки фактор кој ги плафонира можностите на македонскиот јазик на најниско можно ниво. Шансата што се јави во времето на државноста делумно беше потрошена (оправдано) на нормативно и институционално контекстирање на јазикот, а делумно беше потрошена во рамките на идеолошките и културолошките, се разбира и политички ограничувања.
2.
Јазикот нè хендикепира не само лексички туку така што го ограничува нашиот имагинариј, нашата фантазија, нашите сни, нашите перцепции и разбирања, на светот и на себе си. Нашиот јазик е еден мал леген кој не само што нè притиска со својата ограниченост во однос на океанот, туку не ни дозволува воопшто да ја имаме перспективата на океанот.
3.
Преродбеничкото народњаштво ги спушти не само комуникациските потенцијали на јазикот туку неговите сознајни капацитети, јазичкиот контекст во кој можат да се бараат решенија, не само на политичко ниво, туку и во пошироката заедница.
4.
Ова се важни прашања зашто човек може да се движи само во рамките на значењата што му ги утврдува јазикот. Тој не е во состојба да дава нови значења (Дерида).
5.
Ние, се разбира, не можеме да го смениме јазикот, но многу се важни две работи: да бидеме свесни за неговите ограничувачки можности во вкупните пласмани на заедницата и на поединците и, второ, да се бориме против сите користољубиви заглупавувања на нацијата преку упростачување на јазикот односно преку бришењето на сите значења надвор од најодвратната пропаганда.
Не без врска со оваа тема ми дојде како кец на десетка римска „Република“ која пишува дека популизмот е однос во кој возрасните граѓани се третираат како деца. Тој однос им се допаѓа на граѓаните зашто како деца ги ослободува од сите светски гревови.
Истата дефиниција ја покрива и ситуацијата во Македонија. Со тоа што дебели наслаги на адолесцентно поведение тука откриваме и кај оние што ги третираат граѓаните како деца. Популизмот во Македонија е светоглед што го исполнува комплетното општествено-политичко и културно пространство. Тоа е многу важна специфика зашто нè дефинира како средина во која нема ништо друго: власта и опозицијата, професорите и поповите, новинарите и естрадњаците, Есма Реџепова и Ѓорѓе Иванов, производителите на домати и доматите, сите заедно, сета флора и фауна прават од Македонија една општа игротека, една огромна градинка во која децата не ги чекаат родителите, а родителите не доаѓаат по своите деца.
Метафоричноста е буквална, буквалноста е метафорична, детските сни за фонтани и цркви, за езера и држави, за споменици и згради, за мостови и судови, за заедници и фамилии, не се транспонираат како зрели проекти што ќе се обидеме да ги реализираме со ограничените ресурси што ни стојат на располагање, туку без интервенции се пренесуваат директно во стварноста заедно со детската претстава за неограниченоста на ресурсите, за непостоењето на тој проблем како таков. Ние, значи не само власта, се однесуваме како деца што ја имаат суверената моќ над пластелинот и месат што сакаат, колку сакаат и кога сакаат.
Власта ја претвори Македонија во ментален и политички бонсаи. Јас не знам кој е бриколерот што нè одгледува како замрзнати во развојот растенија, но знам дека целата претстава без таков посветеник не е можна. Мислам дека се работи за тешка копродукција на геополитиката со некои домашни бизнис интереси. Со своите блокатори на перцепцијата, на аналитиката, на смислата за разни искривувања, апсурди и парадокси, со својата еднодимензионалност и површност, со своите клучни дефиниции во националната карактерологија, јазикот е основа која не ни дозволува да пораснеме. Во јазикот ги губиме сите разнообразности и се стопуваме како желе.
Опозицијата оди по селата и по градовите, по шумама и горама, по домаќинствата и по фармите, по плоштадите и по кафеаните наше земље поносне, за да ги чуе вистинските проблеми на граѓаните и да се запознае со нивните идеи за решавање на проблемите. Поголемо популистичко срање од оваа парада на политичкиот кич и на интелектуалното пијанство е само резултатот на таа политичка настава во природа: раководството на есдеесето, демек, открило дека главни проблеми во државата се невработеноста и сиромаштијата, а лидерот Црвенковски по долга и исцрпувачка работа на теренот успеал да детектира дека демократските процеси во државата назадуваат. Замислете! Ете што значи да имаш добар теренски материјал и јенски микроскоп на еднодимезионалната вообразба.
Тоа е како во приказната за некој раководител на есдеесемето кој по партиска задача спиел кај некоја жена во Сушица и притоа дошол до сознание дека жената не се бања, дека наместо влошки употребува јастучиња од волна, дека забите ѝ се расипани, дека смрди на овчо, по што излегол пред првите телевизиски камери и рекол дека кога есдеесемот ќе го собори ненародниот режим на Никола Груевски сите жени ќе добиваат бесплатна паста за заби, по пет евридеј влошки на месец, бесплатен шампон и по три литри топла вода, еден, значи, радикално нов пристап кон потребите на луѓето од овој што го демонстрира актуелната власт која сади врби и произведува сукњовидни накурњаци за споменици. Лудаци.
Не би сакал да го критикувам СДСМ за тоа дека со оваа фразеолошка Тора на недоученоста, на баналноста, на безидејноста, го заебава простиот народ и му нуди шарени лижавчиња во замена за гласовите што ќе го доведат на власт, туку сакам да го обвинам како структура која навистина верува во својата мисија врз основа на оваа боранија. Така се бетонира статус квото.
Механички се пренесуваат на теренот некои потенцијално добри линкови со народот, но совршено испразнети од сета хемија, од електромагнетните бранови на разумот и страста или, дури, на продуктивниот популизам, сеедно, кои тие линкови би можеле да ги направат функционални. Човекот е популист ако емитира енергија и ако зрачи со некаква гравитациона сила, без тоа тој е евтин панаѓурски циркузант.
Ситуацијата ја усложнува тоа што вемерето однапред ги потроши идејните основи на делувањето на есдеесето. Георгиевски ја потроши темата за промените, а Груевски за преродбата. А ние се доближуваме до точката на која без промени и без преродба сме мртви. Не сум сигурен дека кога ќе му дојде ред да бира меѓу општата смрт и сигурноста дека ќе бидат намагарчени и идиотизирани како конкретни личности по стоти пат, луѓето ќе ја одберат втората опција што овој пат им ја нуди Црвенковски.
Читав во „Њујорк ривју оф букс“ еден текст кој низ низа историски илустрации настојува да покаже дека битката за радикално нова политичка конституција која ќе се темели на идејата да се симне од репертоарот на политичкиот театар играта на големото и на помалото зло нема смисла при што како особено контрапродуктивни се прогласуваат идеите да се казнува помалото зло кога се јавува во форма на лоши реализации на партиите и на лидерите кои ни се блиски.
Крипторепубликанецот Рос Перо го донел во Белата куќа демократот Клинтон, еден демократски дисидент по име Ралф Нејдер му ја одзел победата на Ал Гор и на тацна му ја принел на Џорџ Буш помладиот, републиканските противници на Рузвелт му ја овозможиле победата на демократот Вудро Вилсон. Авторот не крие дека неговата идеја е да амортизира некои напади на разочарани авторитети од идејната база на првиот избор на Обама кои сега се закануваат да му го загрозат вториот мандат односно во Белата куќа да го инсталираат републиканецот Мит Ромни. Поентата на оваа критика на Обамините критичари, некои негови професори од Хардвар (Роберто Унгер) е дека со сите отстапувања од профилот на еден прогресивен политичар, Обама е неспоредливо подобар кандидат од тешкиот конзервативец од Масачусетс. Каква смисла, има, сугерира авторот, да се казнува Обама за изневерените принципи на прогресивноста така што на власт ќе се инсталира еден тежок назадњак кој ќе мора да води сметка дури и за отворено расистичките кругови што го поддржуваат во кампањата.
Јас ја респектирам стварноста и знам дека сериозните реконституции се речиси невозможни и знам дека обидите да се достигнат тие благородни цели можат да имаат и неповолни импликации (како во Белград, да речеме), но тие факти се помалку поразителни од сугестијата во „Њујорк ривју оф букс“ дека треба да ги дигнеме рацете и да ѝ се препуштиме на несреќата.
Кај нас има една испревртена перцепција во која критиките кои му се упатуваат на Црвенковски и на целата опозиција се дочекуваат со тврдењето дека тие ќе му помогнат на Груевски. Се разбира дека може да се размислува и во таа насока. Тие критики навистина можат да го форматираат критичното ниво на расположби и гласови кои ќе превагнат во полза на сегашниот премиер, макар што имаат сосема спротивна појдовна позиција и цел. Арно ама тие критики се единствениот зрак на надеж дека може да се случи промена. Единствениот.
Црвенковски работи за Груевски дури и кога не работи ништо. Тој како појава му дава три гола предност. Така е тоа поради општите хипотеки на транзицијата, но и поради талентот на Црвенковски да произведува спротивни ефекти од оние што масата симпатизери ги очекува од него. Тој талент особено дојде до израз во времето кога како претседател реши да го урива премиерот Бучковски (затоа што со евентуалната победа Бучковски ќе го фрлеше во сенка) и сите шанси на Социјалдемократскиот сојуз на изборите во 2006 година, а можеби и пред тоа, кога реши да го остави Хари Костов во безвоздушниот простор на премиерскиот кабинет, па потоа кога ја блокираше Шекеринска, па уште потоа кога реши да ги предизвика предвремените избори за кои сите му тврдеа дека ќе ги загуби, па кога одлучи да оди на избори под услови што Груевски ќе ги одреди... Да редам ли уште? Наместо да се циркузира по шумама и горама наше земље поносне целокупното раководство на есдеесето треба да покани некоја независна светска агенција која ќе им направи една ваква непристрасна анализа и без секакво сомневање ќе им каже дека тоа што тие го работат под раководството на Црвенковски е тешко срање кое никогаш нема да ги врати на власт.
Извор:globusmagazin.com.mk
Илустрации: Аријана Пападеметропулос
Тричко, во најголема мера се
Испратено на 29 јуни 2012 од КољаТричко, во најголема мера се согласувам со твоите (додуше често хипертрофирани) дијагнози. За еден нескротлив креативец хипертрофијата при дијагнистицирањето (една малку опасна лекарска практика, не?!, иако уметнички валидна) ваљда е сосема нормална.
Но, во анализите постојано ти се провлекува една, според мене, голема грешка: амнестирањето на Бучковски. Како стално, Тричковски, да ја заземаш страната на Бучковски во внатрепартискиот (а дали е само внатрепартиски?!) судир во СДСМ.
Мое мислење е дека Бучковски е еден од најлошите потези на Црвенковски (како што Груевски е еден од најлошите потези на Георгиевски; а Георгиевски има толку многу лоши потези што само некоја стварно голема свинштина може да се издвои на врвот). Бучковски, пак, во целата своја ограниченост, исто така на сцената донесе некои од најнеспособните кадри во досегашната плитка и килава демократска политичка традиција.
Но, дури и тоа немаше да му го земеме за зло на Бучковски (лошата кадровска политика, оти, знаеме, Македонија е земја со екстремно слаби човечки ресурси, колку и да се лажеме самите себе), да не беше токму Бучковски оној што го промовира клиентелистичкото мртвило како основа на сите политички процеси. Ужасот како ѓоамити слободен граѓанин на РМ да бидеш заробеник на Атила Сендреи и на такви слични криминални локални муфљузи (слуги на типчиња ко Атила Сендреи) - во голема мера ни го цементира морално-политичкиот светоглед на Бучковски. Бескрупулозноста и инструментализираноста на тој светоглед, на тоа разбирање на политиката, во голема мера го донесоа груевизмот, од кој пропиштеа и пилците под јајцевите лушпи! Така што денес и шуто и рогато треба да се збира (собрано од кол и од ортома), за да се упокои хоророт на груевизмот.
Дури и мизерната Србија (нејзината реална елита ја вбројува својата земја меѓу пет-шесте најбедни земји во Европа) не и’ го направи на Србија тоа (тотална распродажба) што го направија нашиве политички мизерии, меѓу кои Бучковски има не баш занемарливо место. Мене ми се чини дека дури и денес играчите околу Бучковски, разните десни и леви дошепнувачи и „бизнисмени“, за земјава се многу поопасни (токму во таа парализирачка смисла за која ти, Тричковски, експресивно и често безнадежно пишуваш) од СДСМ на Црвенковски. Тоа чувство, Тричко, можеби ми е некаква интуција, бидејќи реално не ги познавам профилите на сите тие муцки од кујните и кулоарите, но ете, ти ја соопштувам мојата (можеби хипертрофирана:) интуција. Иако, сепак - да не разводнувам докрај - политичките глупости што ги направи Бучковски се мошне мерливи и физички и, повторувам, тие мошне придонесоа за ваквава денешна мрачна стварност.
П.С. И тезата за проблематичниот јазик, Тричко, ти е прилично сомнителна, стар стреотип од кафана кој уште еднаш као ја потврдува (расната?!) инфериорност на македончето итн - досадно и приглупо.
Дудлањето кај БЦ не
Испратено на 03 јули 2012 од СелoтејпотДудлањето кај БЦ не престанува. Орал баце.. лево-десно.. мешај малце.. али голатај брату, голтај!
Па напрајте партија штом сте
Испратено на 29 јуни 2012 од ЛеринецПа напрајте партија штом сте толку паметни и знаете што треба и каде грешат другите.
Лесно е да мудруваш од ладовина или со француско винце.
Sutoto i rogatoto, Kolja,
Испратено на 29 јуни 2012 од TrickovskiSutoto i rogatoto, Kolja, mozat da odat zaedno samo na klanica. Branko e agent na Mesnata industrija na Istorijata. No, ako ti mislis deka toj Jarec-kapitalec ke ja odnese nacijata do vecnite pasista jas sum spremen da vi mavnam so nekoe samivce. Natopeno vo solzi.
Sakam da te zamolam na temata za jazikot da i posvetis pogolemo vnimanie i ako napises nekoj esej za nepodnoslivite hendikepi sto proizleguvaat od toa cudoviste ke ti prostam za bezveznoto zanimavanje so Buckovski.
Коља, ако се примени вашето
Испратено на 29 јуни 2012 од Дрвен АдвокатКоља, ако се примени вашето тумачење на Тричко, тогаш испаѓа дека Црвенковски го урна Бучковски за да ја спаси Македонија од клиентелизам. Ќе се согласите дека ни е доста од таков патриотизам. И тогаш и сега.
Се согласувам со Тричковски дека од радикалните општествени промени секогаш најмногу страдаат тие во чие име се промовираат.
Тричко, уште ќе му фрлаш
Испратено на 30 јуни 2012 од ПрашањеТричко, уште ќе му фрлаш бомба од гомна на имењакот или му се смири?