Современите предизвици на синдикалното дејствување (1)

29.06.2012 11:06
Современите предизвици на синдикалното дејствување (1)

Во нашата реалност недостасуваат пишани трудови од оваа област, која е една од најзначајните сегменти во остварувањето на економските и социјалните права на граѓаните.

Не тврдам дека воопшто ги нема, туку сакам да го насочам вниманието кон тоа дека тие се потполно маргинализирани, отфрлени или се сметаат за неважни. Исто така, постојат огромни потешкотии оваа област да се обработува на академско ниво (на пример, колку што ми е мене познато, постои еден студиски предмет „Модерен синдикализам“ кој е изборен во рамките на постдипломските студии на еден од институтите на нашиот универзитет), поради недостаток од литература, како и истражувања кои ќе треба да дадат одговори и насоки во кои треба да се движи оваа општествено-политичка струја.

Поентата на овој текст (кој ќе можете да го читате во неколку продолженија) нема да биде некаков историски преглед, туку запознавање на еден мал дел од јавноста, кај која постои интерес за оваа област, со предизвиците со кои се соочува синдикалното дејствување, како кај нас, така и пошироко. За потребите на овој текст консултирав литература од автори кои доаѓаат од нашиот регион, а тоа се професорите Брана Марковиќ (Институт за меѓународна политика и економија од Белград) и Зоран Стојиљковиќ (Факултет за политички науки од Белград). Се надевам дека наредните неколку страници ќе ви овозможат да изградите свои мислења и ставови за тоа што претставува синдикалното делување, синдикатите и нивните активности и какви резултати ние како јавност добиваме од нив.

Пожелно е ако сето ова што ќе го прочитате се обидете да го споредите со нашата синдикална реалност (ако навистина сте во можност).

Синдикатите денес се соочуваат со бројни предизвици, но не секогаш имаат интерес да се борат за некакви промени во областа на економските и социјалните права. Таква е мојата слика за синдикатите кај нас.

Во држава во која речиси дваесет и две години се соочуваме со иста или слична стапка на невработеност и кршење на елементарните права на работниците и речиси тотална пасивност на синдикатите, не можеме да дадеме никаква позитивна оценка. Мислам дека врвни достигнувања на нашите синдикати се неколкуте прошетки низ улиците, учеството во колективното преговарање (мислам дека ова е тотално сива област, затоа што никогаш јавно не сум успеал да бидам информиран за некакви достигнувања на ова поле) и излегувањето на неколку краткотрајни прес конференции во текот на една година.

Но, во последно време забележувам дека неколку синдикати кај нас, а тоа се ССМ, УНАСМ и КСС, (не)редовно информираат за своите активности преку нивните интернет страници. И да бидам искрен, во таа смисла предничи ССМ затоа што е најредовен кога станува збор за информирањето на јавноста (иако не сум убеден дека активностите за кои пишуваат се – или ќе бидат – ефективни), додека останатите два, УНАСМ и КСС информираат за некакви активности по еднаш на неколку месеци. (Околу содржината на нивното информирање можете, а и треба самите да се потрудите доколку сте љубопитни.)

Теоретската анализа која ќе следи би требало да ни овозможи не само да ги критикуваме синдикатите, туку и да се обидеме да ја разбереме нивната (не)активност.

Предизвиците со кои се соочуваат синдикатите (не само нашите) денес можат да се синтетизираат во неколку основни категории и тоа: технолошките иновации, перманентната невработеност, еродирањето на класичниот работен договор, малиот удел на вработените во синдикалното членство и синдикалниот плурализам.

Ќе ги погледнеме сите одделно.

1. Технолошките иновации и воспоставување на глобалните корпорациски мрежи имаат негативни ефекти по вработувањето. Воведувањето на модерните технологии го намалува бројот на работните места, затоа што некои операции кои претходно ги извршувал човекот сега се под контрола на модерните машини. Исто така, воведувањето на овие технологии ги истиснува некои од претходните форми на мануелно производство како и традиционалните занаети (иако овие учествуваат со мал број, споредено со поголемата слика за производниот процес).

Во оваа насока, вредно е да се цитира и Улрих Бек кој вели: „микроелектрониката произведува хибридни форми помеѓу платениот и неплатениот труд“. Логично, машината не добива плата за својата работа.

2. Перманентната невработеност, односно високите стапки на невработеноста прават дисбаланс во понудата и побарувачката на работната сила на тој начин што при вработувањето секогаш постои резервна армија на невработени која би прифатила и понеповолни услови за својата работа. Иако некој може да забележи на тоа дека при вработувањето постојат законски пропишани услови, како и колективни договори во кои се одредени правата и обврските на вработените, но таа забелешка би била некомплетна доколку се земе во предвид работата со општопознатиот „договор на дело/одредено време“ (кој е толку актуелен и експлоатиран кај нас) како и работата „на црно“.

Инаку, теоретски гледано, оваа форма на уредување на правата и обврските на вработените со договорот на дело претставува форма на анти-синдикален метод (развиен во САД) затоа што при вработувањето, работодавецот не е обврзан да се држи до колективниот договор кој ги пропишува правата и обврските на вработените во одредена област или на републичко ниво. Треба да ни биде јасно дека правата и обврските кои произлегуваат во договорите на дело се секогаш помали и потесни во однос на оние кои се пропишани во соодветните колективни договори.

3. Еродирањето на класичниот работен договор е веќе објаснето во претходниот сегмент, иако вредно за напомена е тоа дека кон крајот на дваесеттиот век договорите на одредено време учествуваат со 25-30% од вкупниот број на сите склучени работни договори.

4. Намалениот удел на вработените во синдикалното членство е последица на намалувањето на бројот на големите компании во националните економии. Па така, кај нас, речиси 75% отпаѓаат на малите и средни претпријатија во кои синдикалното организирање е или мало или воопшто го нема. (Колку компании со 5, 10 или 15 вработени имаат синдикат во своите рамки?)

Исто така, намалениот удел на вработените во синдикатите е последица на (не)активноста на самите синдикати, особено во посткомунистичкиот период (мислам дека кај нас сè уште трае оваа фаза) кога синдикатите се управувани од страна на партиите кои се на власт. Па, дури и да не е така, да претпоставиме ситуација во која поголемиот дел од синдикатите се во рацете на опозициските политички партии. И во тој случај не станува збор за некаква борба за економски и социјални права на работниците, туку поле за политичко-партиска битка.

(Со ова не сакам да го обезвреднам политичкото влијание на синдикатите. Тие се и треба да бидат политички [но, не партиски] субјекти.)

Синдикалниот плурализам е исто така еден од предизвиците со кои се соочуваат синдикатите, особено кај нас затоа што тој беше озаконет во 2005-та година со донесувањето на тогашниот закон за работни односи кој наместо мнозинскиот модел на сцена го донесе репрезентативниот. Тоа значи дека на ниво на републиката или одредена гранка, во колективното преговарање учествуваат работодавците и оние синдикати кои имаат барем 33% од синдикалното членство. Токму оваа новост кај нас им даде отворен пристап на политичките партии, своите агенди да ги спроведуваат преку синдикатите во кои е распоредено нивното членство. Во времето кога се воведе оваа новост, еден од поранешните претседатели на ССМ јавно истакна дека тоа нема да донесе прогрес во синдикалното делување. Не се сложувам дека беше во право, затоа што, на тој начин, барем нормативно, се зголемува влијанието на останатите синдикати кои дотогаш не беа вклучени во колективното преговарање.

(Во наредниот дел ќе ги разгледаме можностите за синдикалниот одговор на предизвиците на глобализацијата.)

(продолжува...)

Илустрации: Лори Липтон

ОкоБоли главаВицФото