Лажните тези на груевистичките пиони

30.06.2012 14:45
Лажните тези на груевистичките пиони

Груевски нема да победи на локалните избори, а уште помалку на парламентарните, редовни или предвремени, доколку не предизвика раскол во опозицијата. Тоа се потврди и на последните парламентарни избори.

Груевски нема да победи на локалните избори, а уште помалку на парламентарните, редовни или предвремени, доколку не предизвика раскол во опозицијата. Тоа се потврди и на последните парламентарни избори. Ако добро се погледнат бројките од последните избори, станува јасно дека Груевски, ниту со огромни пари, а ниту со невидена концентрација на моќ во своите раце, нема мнозинство.

Да беа последните избори барем слични на оние во 2006, 2002 или во 1998 година, малку е веројатно дека Груевски ќе добиеше шанса за трет мандат. Овој тренд на губење на моќта е незапирлив. Но, исто така, и Груевски ќе биде незапирлив во користењето на сите средства, најчесто нелегални или недемократски, за да се одржи на власта.

Политичките елити на опозицијата разбраа дека разединетоста и поделеноста му оди во прилог на Груевски. Оттука, оваа слабост која, за жал, беше манифестирана и на последните парламентарни избори, најверојатно, ќе биде надмината. Скицата како да се порази Груевски горе-долу е позната. Она што во моментов е некаква неповолност е тоа што планот на опозицијата изгледа како свест на политичката елита која нема доволна општествена верификација или, малку поколоквијално кажано, таа идеја не пенетрирала доволно длабоко.

Вториот голем проблем е што токму сега, кога опозицијата е на добар пат да постигне обединување од најширок формат, се отвора прашањето дали Македонија има алтернатива. Тоа, наједноставно кажано, може да се формулира и вака: Што добиваме со поразот на Груевски? Се разбира, ова е лажна дилема. Истовремено, тоа е многу опасна теза, бидејќи нејзин нарачател и нејзин финансиер е токму Груевски.

Оттука, во моментот кога Македонија има една здрава политичка платформа, која заслужува да доживее дифузија, ние сме сведоци, како многумина се трудат да создаваат конфузија. Новата конфузија е потпомогната од многумина од т.н. интелектуален блок и од бизнис заедницата.

Што се однесува до мислењето на бизнис заедницата во Македонија, мора веднаш да се забележи дека таа не е повеќе ниту фактор, а ниту е репер како ќе се развиваат работите. Замолчена и имобилизирана, таа посакува да биде некаков неутрален фактор во опшеството. Но, во вакви околности и во вакви неповолни констелации, неутралноста, всушност, значи подаништво и капитуланство. Како и многупати досега, доаѓа до израз фактот дека бизнис заедницата е неспособна да искреира своја автономна позиција и дека ќе глуми лојалност спрема власта до последниот момент. Бизнисот ќе падне како зрела крушка во рацете на новата власт. А зрелата крушка е гнилото јаболко. Затоа, прашањето - како бизнисмените ќе станат одговорен и активен слој во општеството, кои ќе знаат да ги препознаваат виталните државни интереси и ќе придонесуваат за здрава општествено-политичка клима, се задачи за некое друго време.

Работите не стојат добро и кога се во прашање интелектуалците. Позициите на интелектуалците, поточно, на академската заедница и на луѓето во јавните и во државните служби, се навидум, крајно дубиозни. Колебливоста е особено изразена, а тоа се должи на две причини - многумина се купени за да бидат послушни и лојални, а огромното мнозинство е уплашено. Меѓутоа, дури и Груевски знае дека не може сите да ги купи и не може сите да ги контролира. Оттука, интелектуалниот блок останува активниот агенс, за чија наклоност ќе се води беспоштедна борба во наредниот период. Власта ќе продолжи со политиките на морков и стап, опозицијата ќе се раководи од начелото дека ниту една промена во општеството не е можна ако таа не биде поддржана од интелектуалците.

Обединувањето на опозицијата е нешто реално и е остварливо. Тоа е примордијално и е суштествено во даденава ситуација. Политичкиот композит на опозицијата и нејзината идеја-водилка не смеат да бидат прашања кои ќе збунуваат и ќе деранжираат. Оттука, кога гледаме како на овој основен концепт му треба надградба и проширување, потребно е да се вратиме одново на лажните дилеми и на погрешните тези кои сега циркулираат од повеќе извори, но, повеќе од јасно е кој ги нарачува и кому тие му одговараат.

Сите овие за конфузии, во крајна инстанца, можат да се сведат на едноставното прашање: Што Македонија посакува? Дали Македонија знае што е приоритет? За огромниот број граѓани кои не гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и чиј број само ќе се зголемува во иднина, не постои дилема - тоа, најсублимирано кажано значат две работи: прво, да се порази Груевски и, второ, Македонија да се врати на нормалноста, нешто што ѝ недостига во последниве шест години. Тоа е прилично јасно и е веќе апсолвирано.

Анализа заслужуваат оние ставови кои претендираат на неутралност (ако воопшто постои денес некој кој е неутрален во Македонија) или на оние кои својата нерешителност сакаат да ја спакуваат во здрав скептицизам. Тие сè уште се сомневаат дали опозицијата ќе има капацитет да понуди здрав концепт. Оттука, и апсурдноста во нивните барања - тие се акомодираа на оваа ужасна власт, свесни се за тоа, а истовремено, посакуваат идеална опозиција!? Од една страна, тие се импресионирани од моќта и од манипулациите на Груевски, кои обично на Балканот се секогаш високо ценети, а од друга страна, не можат да ги прифатат постојните политики или, пак, чувствуваат дека тие на долг рок носат само штета.

Најинтересни се и на прв поглед се најоригинални се оние кои окрупнувањето на опозицијата и нејзиниот риланч го доведуваат во врска со прашањето на идеалитетот. Тие своите критики ги темелат на две становишта: прво, активитетот на опозицијата им изгледа како јалов обид да се дограбат до власта, бидејќи им робуваат на традиционалните шеми и практики, а второ, што е уште побитно, на опозицијата ѝ недостига нова, радикална политичка и идеолошка платформа. Според нив, не е прашање само како ќе се трансцендира постојната реалност, туку каква енергија и какви дострели ќе посака и ќе произведе опозицијата.

Јас, кој за себе мислам дека, во принцип, прилично идеалистички гледам на работите и главно идеалистички се позиционирам, би требало да бидам приврзаник на ова становиште. Меѓутоа, нешто ми вели дека човек треба да биде внимателен кога се посакува работите да се гледаат идеално-типски или доколку се инсистира да се постават некои етички постулати за македонската политика. Таа претпазливост не значи само помирување со реалитетот, кој, мора да се признае, е во ужасна состојба. Претпазливоста е нужна бидејќи Македонија веќе се предаде на еден заокружен идеолошко-политички концепт кој е толку тотален што нужно премина во тоталитарен. Исто така, видовме дека потребата од нова енергија, од нови почетоци, од некаква нова морална обнова, на оваа власт ѝ послужи за да се инсталираат само нови форми на господарење и на манипулација.

Изгледа привлечно и речиси е идеално ако постгруевистичкиот период заличи на комплетно просветлување и на морално закрепнување. Но, се плашам дека тоа е полесно да се каже, отколку што реално има шанса да се случи. Гнасотија не се симнува така лесно. Заблудите не исчезнуваат преку ноќ. Ќе треба многу време за да се излекуваме од болеста која не зафати.

Притоа, ние не треба да заборавиме дека Груевски не ни падна од небо. И тој е производ на едно време и тој загосподари со нашето време, па затоа ќе треба и трпение и умешност за да доживееме комплетна сатисфакција по неговото заминување. Но, за да се вложи енергија за рехабилитација и за реконструкција на македонската реалност, мора да се води сметка дека не смее да се загрози базичниот проект: прво, да се обедини опозицијата и, второ, да се порази Груевски.

Секој идеалитет мора да го респектира овој реалитет.

Извор: globusmagazin.com.mk

Слики: Питер Равн

извини, не те познавам, ама

извини, не те познавам, ама што те гледам вака млад и зелен идеалист, ти мора да си ЉуБчовист?

Каква е политичката

Каква е политичката идеологија на опозиција. Левица или Десница? Либерали или Конзервативици? Имаат ли политичка програма?

Имаа едно книџуле што мафтаа

Имаа едно книџуле што мафтаа со него лани пред избори. Давам 100 евра да го добијам сега и да се изнасмеам слатко.

Ко Изногуд се, све ќе им текне некоја бриљантна идеја (најнова е ај ќе клаваме гасовод по општини) и на крајот ќе се изјалови.

Васил, не, без заебанција,

Васил, не, без заебанција, што ти е Ивор?

Не е баш така. Многу е важно

Не е баш така. Многу е важно со што ќе го смениме Груевски. Ако алтернативата е Бранко&Љубчо тогаш јас не гледам одење на подобро. Да се разбереме, оваа власт МОРА да се смени, па макар и со Бранко&Љубчо, но тоа не значи дека ќе ни тргне на подобро. Бранко&Љубчо немаат капацитет да бидат демократи. Ова сме го виделе и прикаските дека „се промениле“ не важат.

Во една приказна шкорпионот (Бранко&Љубчо, само Бранко или само Љубчо) ја молат жабата (народот) да го пренесе преку вода (да добијат избори) и ветува дека нема да ја боцне (да биде тиран). На сред вода шкорпионот ја боцнува жабата и таа во смртна агонија праша „Зошто? Сега и двајцата ќе умреме“. „Што да правам, таков сум“ (It is im my nature).

На следните избори ќе имаме една добра и една лоша вест.
Добра вест: „Груевски изгуби!“
Лоша вест: „Бранко победи!“

Или ќе имаме една добра и една лоша вест.
Добра вест: „Бранко изгуби!“
Лоша вест: „Груевски победи!“

За жал.

То бе Геро

То бе Геро