Новата јужноамериканска левица не е како старата

03.07.2012 11:29
Лидија Кос-Станишиќ

Д-р Лидија Кос-Станишиќ е професорка на Факултетот за политички науки во Загреб, каде што предава неколку предмети од областа на политиката на земјите од Латинска Америка. Објавила низа научни трудови на оваа тема, меѓу кои и книгата „Латинска Америка – историја и политика“.

Многумина поддржувачи на политичката левица гледаат надеж во земјите од Латинска Америка: зошто левицата има толку приврзаници на овој континент?

Подемот на левицата може да се објасни со незадоволството на гласачите од квалитетот на демократија во која живееја, зголемувањето на сиромаштијата и нееднаквоста, последиците од глобализацијата, но и сфаќањето дека двете децении послушно спроведување на политиката од Вашингтонскиот консензус не ги донесоа очекуваните резултати. Но, политиката на новата латиноамериканска левица се разликува од старите левичари и владеењето на браќата Кастро, Салвадор Аљенде или сандинистите, па стручњаците не можат да се согласат колку нови левици денес постојат во Латинска Америка. Онаа „популистичката“ или „радикалната“ ги доведува во прашање неолиберализмот и глобализацијата, а за да ги задржи масите следбеници, постојано се конфронтира со политичките противници, претприемачите, медиумите и американската влада. Новите радикали не се радикалите од 1960-те и 1970-те години, тие не заговараат целосна трансформација на општествено-економскиот и политички поредок, дури ни во случајот со Венецуела на Хуго Чавез, која претставува пример за Ево Моралес во Боливија, Рафаел Кореа во Еквадор и Даниел Ортега во Никарагва.

Економските политики на тамошната левица, барем кога се прашуваат западните аналитичари, не се посебно успешни, а многумина тврдат дека со задушувањето на демократските слободи ја предаде Боливарската револуција и дека тоа е своевиден почеток на нејзиниот крај. Се согласувате ли со тоа?

Радикалната левица дојде на власт во државите со висока стапка на нестабилност, неефикасност и корупција, но со богати енергетски извори кои отваруваат подобрува на животот на граѓаните. Иако владата на Чавез постигна успеси поврзани со социјалната програма, економската политика финансирана од нафтата не донесе ништо ново и повеќе претставува враќање кон националистичкиот модел на развојниот државен интервенционизам од 1970-те одошто социјализам на 21-от век. А дали ја издале Боливарската револуција зависи од перспективата од која гледате. Боливар живеел во 19-от век и идеалот му бил ослободување од Шпанија и единство на јужноамериканскиот континент, а при крајот на животот заклучил дека да се шири демократијата низ Латинска Америка е еднакво продуктивна работа како да ораш море.

Латинска Америка е регион во кој, поради историјата и политичката култура, тешко ќе заживее либералната демократија каква што би сакале да ја видат западњаците. Радикалната левица заговара спроведување на директна демократија и смета дека сите три гранки на власта треба да бидат во рацете на оние што владеат, но таа го зголеми политичкото влијание и го подобри стандардот на маргиналните групи и сиромашните, со што порасна и нивното задоволство. Она што можеме да го претпоставиме е дека со намалувањето на средствата за финансирање на директната демократија ќе се намалува и задоволството на граѓаните, па би можело да дојде до засилување на политичките опции од десниот центар.

Куба веќе подолго време е во процес на спроведување одредени реформи. Колкави се изгледите оваа земја да се реформира и истовремено да го задржи својот социјалистички систем?

Тешко дека Куба ќе успее да изврши реформа во економијата и притоа да ја задржи Комунистичката партија. Куба не е Кина, голема и силна држава и една од најсилните светски економии – тоа е мал остров, последниве години речиси целосно економски зависен од Венецуела. Претходно беше економски зависна од СССР и кога на почетокот на 1990-те остана без советска помош, економијата крахираше. И покрај обидите да се либерализира економијата и да се дозволи ситното приватно претприемаштво, Куба не се откажува од државно планираната економија и, освен од туризмот, без Венецуела нема ни со што да управува. Но, Чавез е болен, па Куба не може со сигурност да смета на венецуелската помош во иднина. Кубанското водство е старо, па веројатно со неговото заминување од политичката сцена ќе се отвори простор за демократизација на Куба.

Хуго Чавез е тешко болен, а неговиот брат Адан неодамна сугерираше дека „автентичните револуционери“ како нив би можеле да ја користат и вооружената борба за обезбедување континуитет на власта. Од друга страна, опозицијата се обедини и исфрли заеднички кандидат, Хенрик Каприлес Радонски. Колкави се неговите изгледи и дали Чавез во октомври ќе ја предаде власта без борба?

Чавез успеа да го обликува Уставот така што може да остане на власт до крајот на животот. Со оглед на тоа дека немаме точни податоци за неговата болест, можно е и мирно предавање на власта. Но, знаеме дека повеќето рејтинг агенции му предвидуваат победа. Што се однесува до Каприлес, тој е ѕвезда во подем и ова е првпат опозицијата да успее да се обедини и да понуди квалитетен претседателски кандидат. Има само 39 години, па Чавез не може да го обвини дека е припадник на оние кои во 1980-те и 1990-те крадеа од народот на Венецуела. Каприлес е добростоечки политичар од десниот центар и во својата претседателска кампања истакна дека се противи на државното управување со стопанството, но и дека ќе се залага за подобрување на образованието и социјалните услуги. Но, аналитичарите засега не му предвидуваат победа.

Со прераспределба на земјиште на автохтоните народи, боливискиот претседател Ево Моралес се замери со белите земјопоседници. Има ли поддршка меѓу белото население она што што прави Моралес?

Боливија е држава во која домородните народи Кечуе и Ајмаре го сочинуваат најголемиот дел од населението и се гласачкото тело на својот сонародник, Ево Моралес. Сиромашни се и немаат земјиште, па одлуката за национализација беше очекувана. Незадоволни од владеењето на Моралес, кое се движи во насока кон социјализам и сојузништво со Чавез, четирите богати источни провинции, кои се населени претежно со население со европско потекло, на референдумот во 2008 г. изгласаа автономија, а тој референдум Моралес го прогласи за неважечки. На почетокот на 2009 г. донесен е и нов Устав со кој жителите со автохтоно потекло ќе добијат поголеми политички и економски права. Ако Моралес има приврзаници меѓу белците, тие се главно малубројни и ѝ припаѓаат на социјално чувствителната студентска младина. Богатите и белите на Индиосите главно гледаат како на граѓани од втор ред кои е тешко да ги „просветлиш“.

Аргентинската влада во април ја национализираше нафтената компанија YPF. Претседателката Кристина Фернандез де Кирхнер изјави дека причина за тоа е што шпанската компанија Repsol, која е мнозински сопственик, со години не вложува во развој и ја изнесува добивката од земјата, поради што Аргентина од земја-извозничка на нафта стана увозник. Но, тоа го стори исклучително грубо и буквално ги избрка раководителите на Repsol од седиштето на компанијата. Repsol најави тужба, а тврди и дека продуктивноста се намалила поради владината забрана енергијата да се наплаќа по пазарни цени. Зошто тоа е направено?

Случајот со Аргентина е сложен. Едни ја сместуваат во таборот на радикалите, други во таборот на умерената левица, трети мислат дека политиката на брачната двојка Кирхнер-Фернандез е некаде на средината, бидејќи има одлики и на умерената и на радикалната левица. Политичките потези се во склад со умерената левица, бидејќи постои почитување на граѓанските и политичките права, како и слобода на медиумите, иако и за тоа имаше приговори. Но, економската и социјална политика е многу поблиска до радикалната левица, зашто државата во значителна мера интервенираше во стопанството.

Национализацијата на YPF во Аргентина беше дочекана со воодушевување, додека во ЕУ со неодобрување и закани за замрзнување на односите. Национализацијата се оправдува со нужноста, со тврдењата дека мораше да се направи за државата да го има под контрола клучниот енергетски сектор. Но, аналитичарите сметаат дека Аргентина нема доволно пари за да вложува во експлоатација на новооткриените наоѓалишта во Патагонија, па ќе ѝ биде потребен странски капитал.

Земјите како Чиле, Мексико, Пери, Уругвај и Бразил се решија за пазарна економија со поизразена социјална компонента, а најуспешен е Бразил...

Бразил моментално е ѕвезда во регионот. Веќе трет претседателски мандат на власт е Работничката партија, чијашто политика е пример за сите „умерени“ леви влади во Латинска Америка. За време на владеењето на претседателот Луиз Инацио Лула да Силва економскиот прагматизам и комбинирањето на монетарната и фискалната ортодоксија со социјалните програми на Бразил му донесоа значаен стопански раст и тој стана играч од светски калибар. Лула се истакна во водењето надворешна политика, насочена кон намалување на американскиот унилатерализам и зајакнување на односите кои би ја зголемиле важноста на Бразил во меѓународната заедница, што доведе до соработка со другите светски сили во настанок: Индија, Јужна Африка, Русија и Кина. По примерот на ЕУ, Бразил беше иницијатор за создавање на Унијата на јужноамериканските народи, по примерот на НАТО – на Јужноамериканскиот совет за одбрана, а ја води и кампањата за реформа на Советот за безбедност на ОН, со кои Бразил, Германија, Јапонија и Индија би добиле место на постојани членки во тоа тело. Неговата надворешна и внатрешна политика ја презеде и неговата наследничка, претседателката Дилма Русев.

Еден од најголемите проблеми на земјите од Латинска Америка е трговијата со дрога и криминалот поврзан со неа. Зошто овој проблем доби толкави размери?

Со доаѓањето на власт во 2006 г. мексиканскиот претседател Фелипе Калдерон се соочи со проблемот на нарко-картелите кои го оневозможуваа функционирањето на власта во шест сојузни држави. Им објави војна, но по пет години и над 47.000 мртви е далеку од победа. Затоа отвори расправа за легализација на дрогите како потенцијално решение за проблемот. Идејата ја поддржаа и поранешните претседатели на Мексико, Бразил и Колумбија, како и претседателот на Гватемала, Ото Перез Молина. Во Латинска Америка дрогата се одгледува, произведува и транспортира до најголемиот светски потрошувач – САД, поради што Латиноамериканците сметаат дека проблемот не е во нив, туку во Американците. По 40 години „војна против дрогата“, таа не е искоренета.

Не е ли тогаш легализацијата логично решение за тие сиромашни земји, заразени со криминал и корупција? И причините за хроничното насилство можат да се најдат во нарко-бизнисот?

Криминалот и насилството се поврзани и со политичкото минато. Војните за независност, војните меѓу либералите и конзервативците, бројните диктатури, граѓанските војни, револуциите – тоа се настани кои предизвикуваат насилство и водат кон создавање насилна политичка култура. По секој судир, има многу оружје и демобилизирани војници, а бидејќи во војните секогаш нешто се криумчари, тие патишта подоцна се користат за нешто друго, за имигранти или дрога. Кога зборуваме за дрогата, секогаш помислуваме на Колумбија и Мексико, но ситуацијата моментално е најлоша во државите од Северниот триаголник – Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор, кои го сочинуваат најнасилниот светски подрегион надвор од активните воени зони. Со затворањето на карипскиот коридор и агресивните активности на мексиканската влада против нарко-трафикантите, Средна Америка стана главниот транзитен правец за кокаинот за САД.

Извор: novossti.com

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет

ОкоБоли главаВицФото