Земјотрес

03.07.2012 15:02
Земјотрес

Ни мајката природа, а ни Господ Бог, изгледа не се семоќни, барем не ако ним им се спротивстави таква громадна човечка умствена сила, каква што е силата на актуелната власт. Значи денес, и тоа успешно и пред сè ефикасно, се надоместува она што пред околу половина век скопскиот катастрофален земјотрес не успеа да го доурне - се урнаа пероните и вагоните околу Старата железничка станица во Скопје. Со сериозно оправдување - ќе се гради уште еден трговски центар!

Дека власта реши да ја ревидира историјата, познато е уште пред да дојде на власт, но дека реши да ги ревидира и несовршеностите на природните непогоди, требаше да се сфати уште со елиминирањето на зборовите на Тито за обновата на градот на солидарноста. Значи, освен нововоспоставениот факт дека македонската историја се состои од неколку периоди: оној до смртта на Александар Македонски, оној кога Свети Павле пиел некаква непозната течност од дупката во Паљурци и оној од доаѓањето на на Никола Груевски на власт (а се во меѓувреме е комунистичко предавство и криминална транзиција од страна на комуњарите), сега треба да се избрише титулата на македонската метропола како град на меѓународната солидарност.

Имено, според важечките доктрини, меѓународната заедница не може да биде солидарна - таа е осведочен непријател на Македонија, па со самото тоа и на Скопје, лицемерна и непринципиелна, односно работи за целосно уништување на македонскиот идентитет и неговата самобитност. Оттаму потребата да се избрише името на уицата "Мексичка", оттаму изјавата на тогашниот кандидат, а сегашен градоначалник Коце Трајановски дека ќе го поправи саатот на Старата железничка станица, оттаму потребата со низа градби да се девизуелизираат, да се скријат и миноризираат вистинските скопски симболи: Калето и Камениот мост. И, конечно, оттаму идејата да се гради трговски центар веднаш зад Старата железничка станица, да се тргне единствениот преостанат вагон од "Ориент експрес", да се тргне било каква назнака дека некогаш сме биле дел од светот.

Затоа претседателот на државата Ѓорге Иванов шета од Азербејџан до Казахстан, а по дома со Додик од Република Српска расправаат евроинтегративните процеси на регионот. Затоа што ако ги посети САД, на пример, постои сериозна опасност Барак Обама да му намигне, а тоа не е во духот на лидерите на библиската земја (ова не важи за Александар Велики, тој функционирал пред земјата да го добие статусот "библиска" и пред Колумбо да ја направи онаа фатална грешка во ориентација). Затоа премиерот Никола Груевски прави роуд-шоуа по Русија и Кина. Затоа што знае да се ориентира во времето и просторот.

Токму на мудреците од древна Кина им се припишува изреката дека и најдолгиот пат започнува со првиот чекор. За жал, од тогаш до сега никој не успеал да ја заврши оваа наводна мудрост, никој сè уште не кажал кој е последниот чекор и каде завршува тој, па нека биде и најдолг пат. Токму ние сме типичен пример за несовршеноста на овој тип мудрости. Додека државниот врв патува по Истокот, ние чекориме во место. Нашиот најдолг пат не се простира ни лево ни десно, ни на Исток ни на Запад. Само удолу. И во исто место.

Во ваква една консталација прилично трогателно ми делува иницијативата на група интелектуалци да покренат кривична пријава против пратениците што ја изгласаа новата верзија на Законот за лустрација. Кревање некаква морална, принципиелна вертикала, па макар таа била и правно-нормативна, во состојба на севкупен хоризонтален гниеж е подеднакво успешен потфат како градење кули во воздухот. Впрочем, одамна тука не се размислува според рационалната логика, туку многу повеќе според принципот на ирационалниот инает. Зарем не забележавте, кога Уставниот суд ја сруши првата верзија на законот, во втората не само што не беа исфрлени тие членови, туку опсегот на оние што треба да се лустрираат се прошири и на новинарите и невладините организации. Кога падна и оваа верзија, во новата не само што не се отфрлија спорните членови (затоа, впрочем, е и кривичната пријава), туку опсегот се прошири и на менаџерите кои учествувале во приватизацијата. Се плашам дека ако падне и оваа верзија, во следната ќе треба да се врши лустрација и на децата пред запишување во прво одделение. Професорот Љубомир Фрчкоски, еден од поднесувачите на кривичната пријава, ја спореди овдешната јавност како "молчалив санаториум". Во суштина е во право, зашто онаму каде што ненормалноста е основен принцип на живеењето (и преживувањето), секоја нормалност е - лудило! Така функционираат, конечно, сите автократски системи - така функционира Војската, така функционира Црквата, така функционира диктатурата. Легалистичките принципи во нелегална држава, едноставно, не се можни.

И што прави опозицијата? Се окрупнува? Додека Груевски ги тера своите роуд-шоу тури, СДСМ прави роуд-шоу по Републиката. Македонската политика полека ама сигурно се претвора во патувачко шоу. За волја на вистината, прилично здодевно и целосно неефикасно. Главната стратегија на власта е собирање дневно-политички поени врз база на уривање и градење на глупости, а основната стратегија на опозицијата е уривање на власта. Само така може да се објасни невообичаениот пакт Црвенковски-Георгиевски. Црвенковски вели дека и Черчил и Сталин пактирале за да го урнат најголемото зло на тоа време - фашизмот, ама не го спомнува пактот меѓу Хитлер и Сталин, кој резултираше со поделба на Полска и кој практично траеше до нападот на Германија врз тогашниот СССР.

Како и да е, дека станува збор за шоу-програма, јасно покажуваат постапките токму на Љупчо Георгиевски. Имено, еден од најголемите македонски шоумени, Игор Џамбазов, секоја своја нова етапа во животот ја обележува со книга ("Гол човек", "Прирачник за анти-алкохоличари"). Колку што можам да се сетам, Љупчо Георгиевски објави една книга додека беше премиер (како, впрочем, и Никола Груевски), а еве сега ја објави автобиографијата "Тоа сум јас". Што ќе објави кога ќе му заврши и оваа фаза од политичката кариера: "Тоа бевте вие"?

Извор: globusmagazin.com.mk

Колажи: Брајан Ву

Да си ибеш матер, Ѕвездане,

Да си ибеш матер, Ѕвездане, за све ги провали. Повеќе conspiracy theories отколку кај Миленко Неделковски. Па овие да ти биле зло зла, па му се намерачиле на Ориент Експрес, богати. Видиш, стварно не сум знаел дека овие сакаат да ни ја прекинат секоја врска со светот. I am a believer now!

И стварно, Шврчко е крив што замара со тие про-кодошки иницијативи (кој ќе те брани ако не твојот шеф). Ако ми ја лустрираат ќеркичката у градинка, он е крив!

Ми ги отвори очите боље него прокулин.

Слични содржини

Став
Став
Недела [к:1]
Став
Езера [к:6]
Став
Став
НАТО [к:12]
Став

ОкоБоли главаВицФото