Декларација за слобода на интернетот

04.07.2012 09:51
Декларација за слобода на интернетот

Голем број меѓународни организации и компании како што се Amnesty International, Mozzila, хакери и фондации ја потпишаа Декларацијата за слобода на интернетот, документ кој, меѓу другото, повикува на отвореност на интернетот, пристапот до него и заштита на приватноста.

Денес 35% од светското население е поврзано на интернет мрежата. Интернетот е интегрален дел од општеството и има влијание на речиси секој аспект од нашиот живот.

Меѓутоа, она од кое се плашат многумина е дека со воведувањето регулативи најотворениот и – некои велат – најдемократскиот облик на комуникација кој е достапен денес ќе стане само сенка на она што беше некогаш.

Од тие причини на почетокот на годинава беше започнат бран протести на милиони луѓе против предлог-законите познати под кратениците ПИПА (PIPA) и СОПА (SOPA). Овие два нацрт-закони никогаш не стигнаа до американскиот Конгрес откако над 100.000 интернет страници ги затемнија своите содржини во знак на протест, а седум милиони корисници потпишуваа бројни петиции и протестираа на улиците од градовите низ светот.

Иако малкумина ја доведуваат во прашање потребата за одредена контрола на информациите на интернет, поголемиот дел од корисниците се загрижени дека СОПА, ПИПА и неодамнешните додатоци АКТА (ACTA) и ЦИСПА (CISPA) во основа би ставиле крај на интернет слободата.

Од тие причини над 100 организации, компании и поединци ја објавија заедничката декларација на интернет страницата Reddit.com во надеж дека ќе иницираат глобална дискусија на оваа тема.

Целта на оваа декларација, според зборовите на потписниците на истата, е создавање широка јавна поддршка и разбирање на принципот на слобода на интернетот за да се избегнат инциденти како што се предалагање на законите СОПА и ПИПА.

Џон Леви, директор за интернет кампањата Free Press, вели: „Она што е навистина добро во врска со ова иницијатива е тоа дека иако сите ние имаме различни желби, потреби и стратегии, се собравме околу нешто што претставува наша заедничка цел“.

Групите кои се вклучени во креирањето на декларацијата имат различни цели на својата политика и тие ќе продолжат да ги спроведуваат на свој начин, но Free Press планира да изрази јавна поддршка за принципите на декларацијата.
Нивна цел не е, вели Леви, да се протурка некој нов закон преку декларацијата туку да се мобилизираат луѓето и на тој начин да се ангажираат законодавците по прашањето на интернет слободите.

Декларација за слободен интернет

Ние се залагаме за слободен и отворен интернет.

Ние ги поддржуваме транспарентните и партиципативни процеси за изработка на законите кои се однесуваат на интернетот и воспоставувањето пет основни начела:

Изразување: Без цензура на интернетот.

Пристап: Промовирање на универзален пристап со брзи и достапни мрежи.

Отвореност: Да се чува интернетот како отворена мрежа каде што секој е слободен да се поврзе, да комуницира, да пишува, чита, гледа, зборува, слуша, учи, создава и иновира.

Иновации: Да се заштити слободата на иновациите и креациите без овластување. Да не се блокираат новите технологии и да не се казнуваат иноваторите поради нивните кориснички постапки.

Приватност: Да се заштити приватноста и да се одбрани сечие право да контролира како ќе се користат неговите лични податоци и уреди.

Извор: Reddit.com

ОкоБоли главаВицФото