10 најголеми разочарувања на Евро 2012

05.07.2012 08:31
10 најголеми разочарувања на Евро 2012

Како и пред две години, кога на блогот ги направив моите листи на најдобри и најлоши на СП во Јужна Африка, така и сега подготвив нешто слично за Евро 2012 кое заврши пред три дена. Најпрвин листа на 10-те најголеми разочарувања:

10. Безбедносните мерки

За жал, се исполнија сценаријата што беа вртени во јавноста за тоа дека Полска и Украина не се безбедни земји за организација на еден ваков настан. Уште првиот ден полицијата мораше да се справи со руските навивачи на мечот со Чешка, за да потоа Русите направат инциденти и со полските навивачи. Првенството однесе и два живота, на еден шпански и еден ирски фан.

9. Берт Ван Марвијк

Веќе сигурно препоставивте дека листава ќе биде обоена во портокалово. Холандија се посрамоти на овој шампионат и беше непрепознатлива. Ова немаше да биде така чудно ако на клупата не седеше истиот човек што пред само две години ќе ги одведеше до светска титула. Ван Марвијк како да беше заменет со негов клон. Немаше никаква контрола над својата репрезентација и очигледно не успеа да наметне авторитет и да создаде тим за победи. Можеби е точно дека неговиот помошник Де Бур го имал главниот збор во Јужна Африка.

8. Грегори Ван Дер Вил

Ван Дер Вил важи за еден од најталентираните десни бекови во светот и на ова ЕП требаше да го покаже сиот свој талент и да биде една од главните алки на холандската одбрана. Наместо тоа, тој беше лесна пречка за противничките напаѓачи, а против Португалија немаше никакви шанси да го сопре Роналдо. Можеби си ги намали шансите за трансфер во некој голем европски клуб.

7. Ешли Јанг

Англија не играше толку лошо и некои поединци од кои не се очекуваше многу одиграа добро, но Ешли Јанг не е меѓу нив. Јанг на повеќето мечеви беше скоро незабележителен и најголема грешка на селекторот Хоџсон е што повеќе време го оставаше во игра, а на клупата држеше фудбалери како Тео Волкот. Како врв на сè, Јанг промаши пенал во серијата со Италија во четвртфиналето.

6. Робин Ван Перси

Откако котираше високо на листата на најголеми разочарувања на СП 2010, навистина не верував дека Ван Перси и годинава ќе се најде тука. Ова сигурно беше разочарувачко првенство за човекот што даде преку 30 гола во Премиер лигата. РВП создаваше шанси, но успеа да реализира само една. Се претопи во сивилото на холандската репрезентација и често беше непрепознатлив.

5. Војчех Шчесни

Најголем трагичар од оние кои настапија на Евро 2012 е полскиот голман Шчесни. Полска конечно најде наследник на Јержи Дудек, Шчесни често е сметан и за подобар од него, и сите во земјата-кодомаќин имаа големи очекувања од него. Тој требаше да биде една од клучните фигури на успехот на својата репрезентација, но не одигра ни цел меч. Уште на стартот на првенството киксираше при голот на Грција, па направи пенал и доби црвен картон. Резервниот голман Титон го одбрани пеналот и стана херој на мечот. Иако беше суспендиран на само еден меч, Шчесни не доби шанса во клучниот меч против Чешка и остана на клупата на сметка на Титон.

4. Луис Нани

Настрана од тоа што Португалија имаше добро првенство и ги надмина очекувањата, тоа никако не може да важи за Нани. Нани на Евро 2012 не одигра речиси ништо. Немаше добра контрола, не беше опасен за противничкиот гол, немаше острина во играта… Уште еднаш покажа дека не е толкав талент за да влезе во рангот на најдобрите, а во Португалија не покажа ни половина од она во Манчестер Јунајтед.

3. Весли Снајдер

Снајдер требаше да биде главниот креатор на играта на Холандија, а на ова првенство се очекуваше да дојде максимално мотивиран поради слабата сезона со Интер и со добри игри да си го врати угледот на еден од најдобрите плејмејкери во Европа. Но, и од Снајдер не видовме ништо посебно, како и од целиот холандски тим. Беше само бледа сенка од неговата игра на СП. Ги немаше неговите опасни додавања и силни и прецизни шутеви. Ги нема ни шпекулациите за голем трансфер…

2. Карим Бензема

Младата генерација на Франција започна добро на Евро 2012 и отиде чекор напред, но потоа работите тргнaа низ удолница. Пред првенството цела нација се крстеше во Бензема и очекуваше по добрата сезона во Реал да блесне и во Украина, но тоа не се случи. Бензема не постигна ниту еден гол, ниту пак создаде некоја голема шанса. Против Шпанија буквално се посрамоти шутирајќи 20 метри над голот. Многу напаѓачи кои беа слаби во клубовите на ЕП си ја вратија репутацијата, но Бензема успеа до некаде да си ја расипе.

1. Арјен Робен

Можеби сум престрог што го ставив на вpвот на листава, но според она што го видов, на Робен дефинитивно му треба одмор. И тоа не физички, туку психички. Зашто се гледа дека е попаднат под голем притисок. Промаши пенал во финале на германскиот куп, па промаши пенал во финале на Лига на шампиони. Остана без клупска титула. Со ваков товар пристигна во Украина, но наместо тоа да го мотивира, се гледа дека му создаде уште поголем притисок. Робен, едноставно, немаше идеја како да ѝ помогне на својата репрезентација да излезе од агонијата и во многу малку ситуации креираше опасност за противниците. Капак на сè беше неговата непотребна реакција кога излезе од игра против Германија, со која само внесе поголем немир во екипата.

Извор: raznorija.blog.mk

ОкоБоли главаВицФото