Градот конечно на Груевски му додели плац на плоштадот!

05.07.2012 15:22
Градот конечно на Груевски му додели плац на плоштадот!

Летово 2012-то Градот Скопје конечно реши на плоштадот Македонија во Скопје да му додели скромен плац од 1000 метри квадратни на премиерот Никола Груевски. Но, по очекуваната одлука на градските власти, се случи интересен сплет на настаните, за кои Паравести ексклузивно известуваат!

Драмата почна на следниов начин: „Поради неспоредливи заслуги во уредувањето на нашиот антички плоштад и поради епохалните уметнички и архитектонски остварувања Градот Скопје и општина Центар, во знак на вечна благодарност, решија да ви отстапат една скромна парцела на просторот што е ваше животно дело, почитуван водачу“, му напишаа на Груевски неговите соработници и извршителите на грандиозниот проект СК014, градоначалниците Тодоровиќ и Трајаноски, и продолжија: „Поради вашите шестгодишни натчовечки напори секоја света педа на светиот плоштад да ја пополните со светиите на македонизмот, ние решивме, на своја рака, почитуван пастиру, не само да ви доделиме плац на плоштадот туку се обврзавме да ви подигнеме и една скромна куќа која еден ден, дај боже, ќе прерасне во Музеј на груевизмот“.
 
Набрзо, екипата на Паравести од кругови блиски до власта дозна новата куќа на Груевски ќе биде лоцирана веднаш до Фонтаната на Александар. Од кабинетот на премиерот оф д рекорд ни рекоа дека е можно премиерот во знак на благодарност да дозволи на првиот кат од вилата да биде изграден Антик Тинекс, ама од помалите, нешто ко пиљара.
 
Но премиерот не планира да застане таму, ни рекоа нашите извори. „Никола Греувски е благодарен човек“, велат во неговиот кабинет. „Тој на добрината секогаш враќа со добрина, дури и кога тоа е скоро па невозможно. Затоа како сегашен, да речеме духовен, сопственик на плоштадот, тој на дарежливите градочалниците ќе им подари маркици за изградба на сопствени куќи. Ако нема простор, ќе го измислиме, особено сега по новите пробиви во физиката на антиматеријата“, ни рекоа во кабинетот на Груевски.
 
Од свои извори, пак, дознавајќи за контра-дарот на саканиот водач, Коце Трајаноски ургентно му се заблагодарил на премиерот и изјавил дека контра-подарокот само ќе придонесе што побрзо да започне изградбата на објектите. Единствениот проблем што се јавува е неможноста да се поминува преку плоштадот, но градочалниците уверуваат дека прават напори тоа да биде решено.
 
„Плоштадот ни припаѓа на сите, но таа фраза веќе е изветвена, морам искрено да ви речам. Та така, ако со изградбата на НБРМ и нашите три куќи на три хектари се загрози пристапноста на сегашниот плоштад, ние со Тодоровиќ се обврзуваме да направиме друг, уште поголем и постар плоштад“, изјави Трајаноски.
 
На оваа проблематична изјава на градоначалник премиерот Груевски само кисело се насмевнал оти, како што подоцна нè брифираа, Паско Кузман категорично рекол дека скопскиот плоштад во сегашнава форма е најстар во светот и дека едвај ги чека резултатите од ЦЕРН, во врска со прапочетокот на космосот, кои само формално ќе ја потврдат староста на скопскиот плоштад и на македонската раса лоцирана близу биг бенгот.
 
За сега се знае дека просторот помеѓу спомениците на Гоце Делчев и Никола Карев ќе биде искористен за влезниот дел од куќата на Трајаноски, со што Камени Мост ќе биде блокиран, ако не и урнат, а можеби и релоциран, бидејќи, прво, веќе нема да му користи на населението, а и зашто малку подолу ќе има три други мостови за користење на популацијата.
 
Тодоровиќ и Трајаноски не пропуштија да изразат задоволство од контра-одлуката на Груевски и радосни се уште сега што нивните деца во својот двор ќе имаат толку убави споменици и што самите деца ќе можат да растат како што растат млазовите од фонтаната.
 
Покрај градбиве, како што дознаваат Паравести, на плоштадот ќе биде изградена и приватна градинка, основно и средно училиште, мал аквапарк, како и неколку мини цркви, по една за секое семејство. Овие објекти ќе бидат користени ексклузивно само од поблиските членови на семејствата Груевски, Тодоровиќ и Тајаноски, како и од Фамилијата (што се подразбира, дека сè е за користење и на Фамилијата; така што ситните малограѓански незадоволства на кумот и братучедите брзо ќе стивнат - нè уверуваа бриферите блиски до кабинетите).
 
Вилата на премиерот, инаку, ќе има голема тераса која ќе служи за претстојните митинзи кои ја очекуваат партијата, а на пиедесталот на Воинот на коњ, под сенката на Букефал, до која ќе се стигнува со ескалатор, ќе биде изграден мал летниковец каде што тројцата лидери ќе можат да го поминуваат времето размислувајќи за иднината на Македонија. Според истражувањата на некои видни психолози, се очекува панорамата позитивно да влијае врз нивните одлуки.
 
Проектот наречен „Вили на плоштад“ се очекува да биде реализиран до 2014. Зависниците од фонтаната, кои можат да се забележат навечер како зјапаат во вергината со неправилен број краци, нема да бидат заборавени и иако плоштадот ќе биде непристапен, за нив ќе биде предвидено време за посета со слободен влез во дворот на семејствата Груевски, Трајаноски и Тодоровиќ. Туристите и другите заталкани граѓани ќе бидат избркани на клоци, доколку својата посета фино и пристојно не ја најават неколку дена претходно (според цивилизираната пракса на паркот Кале).
 
Измените, инаку, на Деталниот урбанистички план баш се направени пред 15 минути, а Уставниот суд во присуство на високите владици од МПЦ ја аминува и благослови прекрасната идеја функционерите и пастирот лично да слетаат среде сопствениот народ, во целиот свој приватен габарит, директно на прославениот скопски плоштад, и да останат таму засекогаш!
 
Цртежи: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото