Кој лаже, тој краде

08.07.2012 08:43
Кој лаже, тој краде

Тој краток, и за жал, вечно изразен и актуелен збор, кој многу содржајно ја одбележува специфичноста на животот во Русија, често се поврзува со името на големиот историчар Карамзин. Тој збор гласи, „крадат“(воруют). Постои уште еден збор, пократок, фонетски и етимолошки близок, кога станува збор за спрецифичноста и обележјето. Тој збор не е помалку содржаен од оној првиот и гласи „лажат“(врут).

Оние горе, ги лажеле и ги лажат оние кои се долу. Оние горе, се лажат самите себе си, а исто така се лажат и тие што се долу. Сè на се, да се зборува вистината на овие простори, отсекогаш претставувало знак на глупоста, неспособноста и како што рече Данил Хармс, немоќта кај добрите луѓе цврсто да застанат на своите нозе. Некогаш, оној што им верувал на луѓето, овде бил нарекуван „глупак“, подоцна „магаре“, а денес го нарекуваат „овца“.

Општо земено, „тие“ секогаш лажеле. Од време на време, се менувале само структурата и начинот на интерпретацијата. Тоа е разбирливо, затоа што, најпосле, лажењето е еден вид уметност и како и секоја уметност, така и оваа бара често обновување на формата, промена на жанрот, постапките и мотивите и постојано прилагодување кон аудиториумот.

Комунистите лажеа до онаа мера што нивната лага не се прифаќаше како невистина, туку како јазик од некоја друга планета, кој постојано требало да биде преведуван. Со таа работа се занимавале специјално обучени стручни луѓе, а имало и доволно аматери кои биле заљубени во таквиот вид на преведување. Но, постепено, луѓето престанале да го слушаат тоа бескрајно емитување на празни зборови и почнале рамнодушно да го прифаќаат како шум на природата или работа на некаква машина од другата страна на прозорецот, како што се звуците на дождот, дупчењето на асфалтот, мачкините свадби во февруари или песните на советските композитори. Лагите веќе не ги навредувале. Тие им станале сосема вообичаени, а веќе пред крајот, смртно заморни.

Комунистите нè лажеа, како што возрасните ги лажат своите деца. За нив било неопходно да им верувате, а кога нема да го направите тоа, тие бесно ќе ви дадат до знаење. Тие се лутеле многу и сомничаво се вртеле околу себе, барајќи некаков стап со погледот.

Овие денес, лажат поинаку. Тие лажат служејќи се со истиот јазик како и ние и затоа нивните лаги за нас се толку мачни и понижувачки. Тие се срамотни и навредливи, не само за општеството во целина, туку и за секој од нас одделно.

Може да се каже дека тие лажат чесно. Да, чесно, затоа што немаат намера да го кријат тоа. Тие лажат мирно и дрско, гледајќи нè право во очи. Лажат, а притоа знаат дека не им веруваме на нивните зборови. И тоа нималку не ги вознемирува.

Нè лажат како што нè лажеа оние мали неранимајковци од нашето детство, по дворовите. Локалниот насилник упаѓа со својата банда во нашиот двор, ти го одзема моливот од рацете, или да речеме, острилката, а потоа набрзина го става својот плен в џеб и на крајот, гледајќи те весело и дрско право во очи, ти вели: „Каде? Ајде покажи! Што!? Ова е твое? Ова во џебот? Па, тоа е мојата острилка. Еј, глупав (повикува некој од својата банда), дојди ваму. Ја украдов ли неговата острилка? Не? Токму така. Ете гледаш. Дури и глупавиот вели дека не сум ти ја украл. Марш одовде! И да не те видам повеќе!“

Овие денес, тоа се истите тие, само пораснати. Тие се лесно препознатливи и затоа се толку гнасни. Не постои толку бујна фантазија која, на местото на поранешен член на Централниот комитет или Политбирото, би можела да замисли дрзок дворски насилник, како оној од нашето детство. А лесно е да се замисли обратното.

Првиот таков на кој без потешкотии се сетив, од „коридорот на денешната власт“, беше Жириновски. Манирот со кој му се обраќа на слушателот како и бизарноста на неговите аргументи, ме потсетуваат на мојот некогашен сосед од заедничкиот стан во кој го поминав детството. Бесрамникот Евнегиј Борисовиќ. Тој дојде во нашето соседство од некое јужно место, како што е Херсон-Мелитопол. Зборуваше грубо, со иста интонација и со иста простачка дрскост како и Жириновски, кој е присутен во јавноста повеќе од една деценија. Мојот сосед Евгениј, исто така, знаеше себе си да се вмеша во неподнослива хистерија, која престануваше кога тој ќе почувствуваше дека неговиот „слушател“ е подготвен да се повлече. А се повлекуваа сите, затоа што кога тој ќе ја отвореше устата, веднаш се појавуваше само една желба: ах, само да замолчи.

Овие денес сеакаат и да ги тужат по судовите оние кои ги фатиле во лага или на крадење, барајќи оштета за навреда на „честа и достоинството“. Она што е најинтересно е дека тие ги изговараат зборовите со голема увереност. Доколку некој не ги познава, лесно ќе поверува дека тие навистина го разбираат значењето на зборовите. 

 

Сè што кажав досега беше за нив. А сега, збор-два и за нас.

 

И покрај сите идејни и интелектуални различности, мене ми изгледа дека денешното протестно движење е обединето околу една основна доктрина. Меѓу припадниците на новите поколенија, одненадеж се појави доволно голем број на луѓе кои од принцип одбиваат да го прифатат премолченото тврдење дека лагата е норма, а чесноста е недоразбирање. Нивното барање гласи: не заменувајте една лага со друга. Да, тие бараат чесност, но не чесност од мафијашки тип, туку чесност во универзалната и цивилизираната смисла на тој збор.

Таквото разбирање на чесноста и честа е поврзано само за судбината на слободниот човек. Такви луѓе неодамна се појавија. Не се ниту многу, а не се ниту малку. Иднината е пред нив, се разбира. Можеме само да им завидуваме. Нив повеќе нема да ги мачат прашањата кои ги мачеа претходните поколенија. Тие повеќе нема да се прашуваат едни со други или самите себе си, како да се научат да се стремат кон слободата, туку и како да се научат дека слободата не се прифаќа како подарок, туку како природна состојба на нештата. Таа се стекнува со раѓањето.

Како да бидеш слободен, да не се срамиш од својата слобода и да не се вртиш околу себе, барајќи го оној на кого си му должен за тоа.

 

Извор: pescanik.net 

И некои од нас уште ги лажат

И некои од нас уште ги лажат комунистите.

Му благодарам на тој што

Му благодарам на тој што решил да ни го предаде текстов. И на авторот му благодарам. Најмногу им благодарам на сите што го прочитале и го примиле на срце. Поради нив се осмелувам да се надевам.

ОкоБоли главаВицФото