Дадилка фотограф: Вивиан Маер

09.07.2012 12:37
Дадилка фотограф: Вивиан Мајер

Пикасо со „лајка“, така денес ја нарекуваат дамата од Чикаго која со години ја негувала и криела уметничката страст.

Госпоѓицата Маер имала француски нагласок. Совршено за дадилка во Америка. Децата ја обожавале. И таа нив, секако. Била задоволна со работата: уживала додека ги носела децата во школа, ги чекала, шетала, играла со нив. Целиот работен век го поминала како дадилка во богати семејства во северниот дел на Чикаго. Всушност, само еден ден во неделата била слободна. Тој ден, од педесеттите до крајот на седумдесеттите години на минатиот век го користела секогаш на ист начин. Обувала машки кондури, облекувала панталони, ставала шешир на главата и земала торба. Во торбата лежел фото апарат. И многу филмови. Ќе заминела во центарот на Чикаго и неуморно фотографирала. И така секоја недела. По враќањето во куќата, не споменувала каде била и што работела. Работодавците биле задоволни со таа сигурна и скромна жена. Никој од луѓето чии деца ги чувала не знаеле каде оди Вивиен во недела. Сѐ до 2008 година кога Џон Малуф, млад агент за недвижнини – инаку посетувач на аукции за стари работи по предградијата – не купил еден ковчег.

Кога го отворил, имал што да види. Повеќе од сто илјади развиени негативи, како и уште стотина сѐ уште неизвадени од кутиите. Кратко кажано, младиот посредник во продажба на недвижнини сфатил дека станува збор за ремек-дела. Животот од улиците на Чикаго – смешен, болен, срцепарателен, секојдневен, но возвишен – неочекувано се појавил пред неговите очи. Тргнал во потрага по мајсторот на фотографиите...

Денес критичарите дадилката од Чикаго  ја споредуваат со најголемите американски и светски уметници на фотографија. Ја нарекуваат Пикасо со „лајка“. Неодамна во Чикаго беше отворена првата изложба на Вивиан Маер која веднаш го привлече вниманието на посетителите и ликовните критичари. Пред неколку месеци издавачката куќа „Powerhouse Books“ која издава исклучиво книги за фотографии, објави монографија за госпоѓицата Маер. Следниве години ќе биде снимен документарен филм за необичниот живот на Вивиан Маер.

Нејзините фотографии се толку живи и модерни што се чини дека Вивиен ќе се појави на отворањето на илзожбата во Културниот центар во Чикаго. Меѓутоа, госпоѓицата Маер повеќе ја нема. Почина во 2009 година. Не го доживеа моментот на општо признание и уметничка слава. Била „омажена“ само за својот фото апарат и немала деца. „Нејзини“ биле само децата на другите, децата која ги чувала и на кои внимавала... Кога го напуштила овој свет, имала 83 години. Не се опоравила од тешкиот пад една година порано.

Вивиан Маер никогаш не направила баш ништо на јавноста да и’ даде до знаење што е она со што таа страсно се занимавала сите години. На никого не му ги покажувала своите фотографии. Токму како славната американска поетеса Емили Дикинсон која пишуваше тајно.

Можеби поради скромност, можеби поради несигурност, недостиг на верување во себе. Можеби мислела дека фотографијата не и’ прилега на една дадилка.

Вивиен Маер била полу-Французинка, полу-Австријка. Родена е 1926 година во Њујорк, а во Чикаго дошла по Втората светска војна. Целиот век го поминала работејќи по туѓи куќи. Тоа е отприлика сѐ што се знае за неа.

Крајот на животот на Вивен Маер, меѓутоа, не е и крај на нејзината уметничка судбина.

Фотографиите останале да живеат и понатаму: госпоѓи во бунди кои со кисел израз на лицето и со раце преполни со кеси, чекаат такси пред бутиците во Чикаго, просјаци и сиромашни, маж и жена, речиси стогодишни, како прегрнати одат по улица додека ветрот им дува право в лице и ја вее неговата кравата како ветерница, Салвадор Дали на кого Вивиен наишла на улица и кој очигледно зјапа во нејзиниот апарат, потоа деца, многубројни деца... Дете кое се крие зад врата на продавница, браќа со валкани лижавчиња, деца на задно седиште, девојки на плажа, тажни, расплакани деца што ги бараат своите играчки, како да се плашат од светот на возрасните кој им изгледа како да не нуди ништо добро.

Извор: Политикин забавник 

Слични содржини

Фотографија / Уметност
Фотографија / Живот / Уметност
Активизам / Фотографија / Уметност
Општество / Фотографија / Култура / Уметност
Општество / Активизам / Фотографија

ОкоБоли главаВицФото