1016 hPa
87 %
11 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 05:59
Покраинскиот суд на Северна Рајна и Вестфалија во Келн минатата недела пресуди дека обрежувањето на децата од верски причини е телесна повреда, што значи дека тоа е казниво дело. „Ни родителското право ни верска слобода, кое го гарантира германскиот Основен закон, не може да го оправда тој зафат“, се вели во образложението на пресудата. „Лекарите во Германија со децении делувале во празна сива зона кога ги обрежувале децата од верски причини, а тоа да не било медицински неопходно“, објавува “Financial Times Deutschland”. Дури и во поединечните случаи кои судовите ги прогласувале како нанесување телесна повреда, лекарите биле ослободувани од обвиненијата. Најновата пресуда сега им ја одзема таа можност. „Судот, за разлика од многу политичари, не се исплашил дека ќе биде критикуван како антисемитски или нетрпелив кон религијата“, изјавил Холм Пуке од Универзитетот во Пасау, кој со години се залага за забрана на верското обрежување. „Оваа одлука не само што би можела да го одреди правното постапување во иднина, туку, во најдобар случај, во одредени региони би можела да ја разбуди свеста за почитување на основните права на детето.“
Случајот кој доведе до оваа невообичаена пресуда се случил во Келн, каде еден муслимански лекар обрежал четиригодишно дете по желба на неговите родители. По два дена дошло до крварење заради кое мајката го одвела детето во службата за итна помош. За инцидентот дознало државното обвинителство и покренало обвинение. Првостепениот суд го прогласил лекарскиот зафат за нелегален, но обвинителството се обратило до покраинскиот суд, кој го прогласил обрежувањето за тешко и неповратно влијание на телесната целовитост и нарушување на фундаменталните права на детето. На тој начин, еден германски суд за прв пат прогласил некој верски обичај како казнив. „Телото на детето е непоправливо и трајно променето со обрежувањето. Оваа промена е спротивна на интересите на детето, тоа подоцна да биде во можност да одлучува за своите религиски убедувања“, се вели во пресудата, со констатација дека „правото на детето на телесен интегритет има предност пред правото на родителите.“
Одлуката на судот, која во германското правосудство не ги обврзува другите судови од ист ранг, но може да биде третирана како преседан, предизвикала револт кај германските Евреи кои оваа одлука ја сметаат за бескрупулозен чин.
„Обрежувањето на новородените деца е дел од јудаизмот и со векови се практикува ширум светот“, изјавил Дитер Гројман, началник на Централниот еврејски комитет.
Прашањето на законитотста
Од друга страна, дури и во земјите во кои е раширена практиката на нерелигиозното обрежување на децата, во САД на пример, се смета дека детското обрежување е „најстара и најконтроверзна операција на светот“. Противниците на обрежувањето сметаат дека детското обрежување е нарушување на индивидуалната автономија и кршење на човековите права. Притоа, интересот на детето и интересот на родителите се различни: „Постојат граници на родителското право на избор и тие не се повикани да бараат медицински операции кои се спротивни на детскиот интерес.“
Во тој контекст се наведуваат и етичките аргументи: отстранување на здраво ткиво од бебето не може да биде родителско право, а лекарите, кои против своите етички обврски кон пациентот, го прават тоа, а се тврди и дека нетерапевтското обрежување без лична согласност, ги нарушува етичките принципи на кои се базира медицината.
Во 2001 година, Шведска донесе закон според кој националната здравствена управа ги лиценцира верските стручни лица кои го прават обрежувањето со асистенција на лекар или сестра која е обучена за давање на анестезија, која е неопходна. Светскиот еврејски конгрес уште тогаш соопшти дека тоа е „првата законска забрана на еврејската религиозна практика во Европа, по нацистичката ера“. Дури и покрај можноста за „овластено“ обрежување на околу 3000 муслимански и педесетина еврејски деца годишно, сепак, во Шведска обрежувањето и понатаму се одвива нелегално.
Еден фински суд, во 2006 година ја прогласи за илегална родителската одлука за обрежување на нивниот четиригодишен син, но не е досудена казна. Две години подоцна, Врховниот суд на Финска одлучи дека обрежувањето на детето од религиозни причини, ако се одвива како што треба, не е злосторство. Финската влада најави дека ќе го легализира ритуалното обрежување, доколку тоа го извршува лекар „во склад со родителските желби и согласност на детето“. Меѓутоа, во декември 2011 година, хелсиншкиот окружен суд соопшти дека одлуката на Врховниот суд не значи дека обрежувањето е легално од кои било немедицински причини. Судот се повика на Конвенцијата за човекови права и биомедицина на Советот на Европа, која е ратификувана од страна на Финска во 2010 година.
Во 2007 година, Австралија го укина немедицинското обрежување во јавните болници, но не и во приватните установи.
Прашањето на хигиената
Поголемиот дел од машките деца во Сад се обрежуваат веднаш по раѓањето, потполно независно од верата. Во ширењето на таа практика, кон крајот на 19-от и почетокот на 20-от век, учествувал и Др. Џон Харви Келог, попознат како основач на индустријата за производство на житни снегулки. Во рамките на широкото движење за борба против мастурбацијата, околу 1880- година, тој го пласирал тврдењето дека обрежаните деца помалку ќе мастурбираат, а за девојчињата кои мастурбираат препорачувал горење на клиторисот со киселина. Обрежувањето се проширило релативно брзо во практиката, додека сличните интервенции кај девојчињата биле забранети. Освен предрасудите за мастурбацијата, на ширењето на праксата за обрежување влијаела и тогашната теорија за болестите, како последица на дејството на клиците и микробите: клицофобијата довела до одбивност кон нечистотиите и телесните лачења. Така, обрежувањето станало „хигиенско“, а се мислело и дека делува превентивно на заштитата од сифилис, фимоза, парафимоза, баланитис и претераното полово уживање, за кое се верувало дека доведува до парализа. Според различните истражувања и на основа на болничките статистички податоци, се проценува дека успешната кампања довела до тоа, во 1933 година, да бидат обрежани една третина од новородените деца и дека во периодот од 1945 до 1971 година, процентот на обрежаните Американци го достигнал максимумот. Околу седумдесет проценти во 1945, осумдесет во 1955, осумдесет и пет во 1965 и седумдесет и седум во 1971 година. Според некои други истражувања, процентот на обрежани Американци достигнал деведесет и еден процент меѓу родените од седумдесетите и осумдесет и четири проценти кај родените во осумдесетите години. Помеѓу 1981 и 1999 година процентот на обрежување на новороденчињата бил околу шеесет проценти. Грижата за ставовите на врсниците и прашањето на подоцнежното самопотврдување на детето, кај родителите е честа причина за одлука од медицински причини, иако одржувањето на стабилна стапка на обрежаност при преминот кон 21-от век влијаела и калкулацијата на здравствените добивки.
Медицинското прашање
Медицинските информации, наменети за родитеите, укажуваат на тоа дека обрежаните деца се помалку изложени на инфекции на уринарниот тракт, особено во првата година од животот. Тие инфекции се околу десет пати почести кај необрежаните деца. Аргументот губи на сила ако се знае дека машките носат помал ризик од рак на пенисот, иако болеста е ретка и кај обрежаните и кај необрежаните деца. Некои истражувања укажуваат дека обрежувањето може да претставува дополнителна одбранбена линија од полово преносливите болести, вклучувајќи го и ХИВ-от. Проблемите од типот на иритациите како што се воспаленијата и инфекциите се чести и кај необрежаните машки деца. Хигиената се одржува полесно, иако и необрежаните учат како да ја одржуваат. Според некои тврдења, обрежувањето ја намалува (или зголемува) осетливоста на врвот од пенисот, намалувајќи (или зголемувајќи) го сексуалното задоволство. Станува збор за недокажани субјективни оценки.
Иако обрежувањето има некаква медицинска корист, тоа носи и потенцијални ризици, како и секој друг хируршки зафат. Компликациите кај обрежувањето на новороденчињата се ретки и се јавуваат кај околу 0,2 до 3 проценти од случаите. Кај нив најчесто се појавувало мало крварење и локална инфекција, кои лекарот лесно може да ги санира. Болката е најсилниот аргумент кај одлучувањето, но денес тој зафат се изведува најчесто, но не по правило, со анестезија. Американската педијатриска академија смета дека „постојат обемни докази дека новороденчињата при обрежувањето без анестезија доживуваат болка и физиолошки стрес.“
Аргументите на противниците на обрежувањето истакнуваат дека нема докази за споредливи истражувања според кои обрежувањето влијае на помалиот процент на заболувања од рак на пенисот или грлото на матката кај партнерките. Со мала доза на црн хумор може да се каже дека поголемиот број на пениси се осакатени со обрежување, отколку оние кои ги уништил ракот. Паралелните истражувања во Европа, каде најголемиот дел од популацијата е необрежан, не покажале поголеми здравствени отстапувања, споредено со Америка.
Историското прашање
Светската здравствена организација проценува дека денес во светот се обрежани 665 500 000 мажи на возраст од 15 или повеќе години, што претставува триесет проценти од светската машка популација, а речиси седумдесет проценти од таа бројка отпаѓаат на муслиманите. Обрежувањето е раширено во муслиманскиот свет, во делови од југоисточна Азија, Африка, Сад, Филипините, Израел и Јужна Кореја. Тоа е ретко во Европа, Латинска Америка, во делови од Јужна Африка и поголемиот дел од Азија и Океанија.
Историјата на машкото обрежување не е јасна. Според различни теории, почетоците се врзани со религиозна жртва, облици на симпатичка магија за осигурување на машкоста или плодноста, зголемување на сексуалното задоволство, придонес кон хигиената во средините каде капењето е тешко, означување на личност со повисок социјален статус, понижување на непријателот и робовите со симболично кастрирање, разликување на обрежаните од соседните групи, обесхрабрување на мастурбацијата и други општествено проскрибирани сексуални однесувања со отстранување на „вишокот“ на задоволство, зголемување на атрактивноста на мажите, демонстрација на нечија способност да издржи болка, машка замена за менструацијата или пробивање на хименот кај жената, до копирање на недостатокот од кожа кај важен лидер.
Најстарите податоци за обрежувањето потекнуваат од стариот Египет. Херодот вели дека луѓето од Египет и оние кои го научиле обрежувањето од нив, се единствените народи кои го практикуваат овој ритуал. Обрежувањето било вообичаено, но не универзално, кај старите семитски народи.
Грците го отфрлиле обрежувањето, сметајќи дека мажот е „навистина“ гол ако е видлив врвот на пенисот. Тој став влијаел на намалувањето на бројот на обрежани на подрачјата кои ги освоил Александар, но и довело до жестоки судири со Евреите.
Еврејското ритуално обрежување е знак на сојуз со Бога и на него се обврзани и оние кои преминуваат во јудаизмот. Кога станува збор за Исламот, некои теолози, а тоа не се споменува во Куранот, сметаат дека обрежувањето е препорачливо, а други сметаат дека тоа е задолжително. За разлика од јудаизмот, обрежувањето не е задолжително за оние кои преминуваат во Исламот. Католичката црква го проколнала обрежувањето на советот во Базел и Фиренца во 1442 година. Денес, таа е неутрална кон обрежувањето во медицинската практика. Голем број од христијаните не го практикуваат обрежувањето како религиозна постапка.
Проширеноста на обрежувањето варира во зависност од религијата и некогаш од културата, а времето во кое тоа се прави е во распон помеѓу периодот од раѓањето до раните дваесетти години.
По болничкото обрежување, отстранетата кожа може да се користи во биомедицински истражувања, во производството на препарати за нега на кожата или за лекови кои се на база на бета интерферон.
Во делови од Африка, кожата може да се потопи во алкохолен пијалок пред пациентот да ја изеде или таа им се дава на животните. Евреите, пак, ја закопуваат.
Извор:www.vreme.com