Емоција

16.07.2012 13:23
Емоција

Етимолошки, емоцијата означува движење кон надворешното. Во 16 век најпрвин означува „движење“, потоа, во 17 век, добива значење на „народен бунт“. Постојат голем број дефиниции или верзии за тоа што е емоцијата. Обично ја одредуваат како интензивнa афективна реакција на различни, понекогаш и неочекувани ситуации. Според тоа, треба да се разликува од чувството според степенот на интензитет, кое е послабо, и од страста, која е посилна.

Платон ја сметал за обратна фигура од разумот, и која може да стане закана за општествениот поредок. По аналогија со општествените движења, Декарт во емоциите (кои ги нарекувал „страсти“) гледал движења на телото проникнато со истите пореметувања (Декарт, 1649). Така емоциите биле, и сè уште се понекогаш, анализирани врз основа на изразот на лицето и физиономијата (Дарвин, 1872; Екман, 1982).

За Џејмс тие истовремено се физиолошки промени и свест којашто поединецот ја има за своето телесно пореметување. Емоцијата, значи, би била чувството што го имаме за тие промени постепено како што тие настануваат (Џејмс, 1903). Емоциите не би можеле да се сведат на каузалниот механизам помеѓу телото и свеста, туку тука би постоел неодреден однос помеѓу „она што е производ на емоциите и она што ја произведува емоцијата“ (Деспрет, 1999).

Во неврологијата емоцијата се смета за резултат на ненадејните промени на состојбата на телото, настанати преку нервните завршетоци на специфичниот нервен систем, и тоа како последица на надворешно влијание или настан (Дамасио, 1995).Во хуманистичките и општествените науки емоцијата често се карактеризира како процена или суд за светот, со што со самото тоа се прекинува со платонистичката традиција.

За социлогијата емоциите зависат од општествените структури и притoа учествуваат во нивното оддржување, тие се начини за прилагодување кон општественото (Кемпер, 1990) или за поврзување со него. Емотивните изрази се поврзани со структурата на општеството, значи и со културата. Елијас покажува како процесот на „цивилизирање на навиките и поривите“ доведе до разликување на чувствата и дејствата кои оттаму произлегуваат (Елијас, 1973). Се раздвојуваат зборовите од доживувањето, така што се воведува време за размислување и самоконтрола. Се менува образложението на сè она што е општествено и биолошко. Емоциите се ставени во социокултурни форми. Тоа не значи дека тие се сосема во властa на општеството ако се сведуваат на јазички и дискурзивни изрази (Шиелинг, 1997). Тие и понатаму психички се разработуваат и телесно се читливи, а неоспорна им е комуникативната димензија. Во таа смисла, можат да бидат предмет на „обработка“ во склад со посакуваните цели, како во приватната, така и во професионалната сфера (Друле, 2000).

Изразените емоции можат да значат форма на ангажман или претходен ангажман при некое дејство. На тој начин, низ нив се очитуваат моралните вредности на некој поединец и можат да сведочат за приклучувањето, поврзувањето и припаѓањето или, наспроти тоа, за отфрлањето во однос на заедницата или групата. Освен комуникативната функција, емоциите имаат, значи, и една когнитивна и прагматична димензија.

Извор: Le dictionnare du corps, 2008

ОкоБоли главаВицФото