Кожа

17.07.2012 14:07
КОЖА

Кожата, надворешната обвивка на телото кај рбетниците, претставува интерактивни слоеви од кои еден е длабоко поставен (дерма) а петте наредени слоеви го сочинуваат површинскиот дел (епидерм). Структурата на оваа материја ја прави пропусна границата помеѓу стимулусот од надворешниот свет и телесната интима во која стимулусите доаѓаат да се впишат во форма на сложени претстави. Како орган за допир, кожата едновремено е и заштитна брана, преграда, површина која посредува помеѓу сетилниот свет и сетилата кои на светот му даваат облик. Како брана, кожата е штит од надразбите чијашто улога на селективен филтер ја истакна Фројд: таа пренесува и истовремено штити, спроведува и истовремено создава дистанца. Нејзиниот парадокс е што во исто време е површина и длабочина, присуство на светот и трага во сеќавањето, способна во еден момент да го реактивира споменот. Површина која обвива, но пропушта во слојот под епидермот сплет од нерви кој ја проникнува низ целата длабочина.

Симболичната обвивка на таа природна структура навестува колку тука станува збор за самиот идентитет: човек може да се чувствува добро или лошо во својата кожа, некој може да плати со своја кожа, некому може да се подвлече под кожа, да се стави во нечива кожа. Обвивката со набори, таа се пресвртува за да ја придржи и оддржи психата што ја создава. Мајката ја негува кожата на своето бебе, адолсцентот забележува промени на својата кожа. Црна, жолта, бела, мешовита, бојата на кожата зборува за раѓањето, за потеклото. Кожата е прв премин кон инкорпорацијата, пристапна страница за да се испише живата историја на настаните чиишто лузни се видливите траги.

Во секоја култура кожата располага со техники на идентификација кои ги прават читливи политичките, верските, еротските, етичките, патолошките, естетските димензии. Етничките лузни, тетоважите, се вредносни знаци за припаѓање. Но постојат и белези за ропство за заробените, белези за озлогласеност за крадците, криминалците. Врз тоа ткиво се испишани симболите на законот. Функционирањето на психосоматскиот однос пушта на површината да избијат последиците од длабочината: чувствата се манифестираат низ бои и низ културолошки кодирани изрази; мистиката создава стигмати во склад со религиозната иконографија; во текот на обредите на оплакување на покојникот бојосувањето и повредувањето како знак на жалост го вовлекуваат починатиот под кожата на живиот. Освен тоа, кожата изменета како последица на дермопатија е предмет на клинички испитувања.

Помеѓу површината и внатрешноста, кожата е индивидуален палимпсест. Таа ги поврзува суштината и привидот, го жигосува времето. Современичка на стареењето, наспроти хируршките зафати за „подмладување“, таа е прекривка за она што е неповратно. На кожата, знакот est потпис, жигот est стил. Како површина на допирот, кожата е орган на секакви промени. Како оние животни кои ја соблекуваат и оставаат својата стара кожа, човечките суштества сакаат да ја променат бојата (да се избели кожата или да поцрни на сонце) и ја третираат кожата за да го овековечат мртовецот (балсамирање, мумификација). Кожата е свет појас кој треба да се повреди за да му се пристапи на телото и за да се исправат штетните последици од болеста. За грешниците да ги повратат во живот, шаманите се умотуваат во кожата од жртвувано животно и со духот се вознесуваат кон соголената душа за да ѝ ја повратат животната „обвивка“. Човекот со посредство на кожата се впушта во авантура сè до денешните хибриди: изменетиот човек, човекот со пирсинг, оној што ја сече и пали сопствената кожа за врз неа да ја испише својата повест, фантазира за себе како за машина и во епидермот ги втиснува артефактите. Тој станува мутант, киборг, пола кожа од метал, пола кожа од човек. И пак преку кожата човек се впушта во непознатото: не е ли ектоплазмата „кожа на мртовецот“, одвоена од него, и не е ли нејзиниот лет пат кон оностраното?

Извор: Le dictionnare du corps, 2008

Слични содржини

Психологија / Живот / Теорија
Живот / Теорија
Живот / Теорија
Живот / Уживање / Теорија
Живот / Култура / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Технологија / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото