Златна Зора и подемот на фашизмот

21.07.2012 13:30
Златна Зора и подемот на фашизмот

Грција беше затекната со изборниот полет на Златна зора. За неколку месеци таа, од безначајна, дојде до речиси 7% од националните гласови, колку што оствари на јунските избори, кога гласачите беа добро запознаени со нејзиниот неонацистички карактер. Оваа партија сега има мошне рамномерна географска распространетост и полова дистрибуција, која е малку поголема меѓу мажите во десничарските кругови и, исто така, стабилна општествена база, составена главно од малостопанственици, невработени, членови на силите за безбедност и криминалното подземје.

Од каде дојде Златна зора? Дали е тоа национален феномен или најавување на еден европски тренд? Дали можат слични партии да се појават и во други општества упропастени од економската криза?

Секако, за тоа не можат да се обвинат кои било „национални“ особини. Ако ништо друго, Грција заедно со Британија, беше една од неколкуте земји во кои пред Втората светска војна не се разви какво било фашистичко движење. Фашистите во Грција не се намножија одеднаш. Поточно кажано, идеите и вредностите на екстремната левица постепено проникнуваа во свеста на јавноста и станаа мејнстрим во текот на последните 20 години. Потоа тројката (Европската комисија, Европската централна банка и ММФ) наметнаа мерки за насилна пауперизација и создадоа дури и широко распространета перцепција на пропаѓање и виктимизација, како и чувство на национален прогон и понижување. Сето тоа, како што образложува американскиот историчар, Роберт Пакстон, во својот магистерски труд, „Анатомија на фашизмот“, го помага подемот на фашизмот. Најпосле, кога кризата ја украде клиентелистичката привлечност на владеачката класа, многу нивни гласачи се свртеа кон оние кои отворено го зборуваат тоа што традиционалните политичари само го имплицираат.

Златна зора се појави на изборниот радар во ноември 2011 година, кога сите други сили на десницата учествуваа во неизбраната и несаканата влада на банкари, на Лукас Пападемос. Партијата проектираше анти-систематски имиџ, но токму нејзините цели и практики беа во хармонија со моќните грчки институции. На пример, емигрантите беа демонизирани од страна на државата. Тие беа интернирани, а нивните права беа практично укинати. Бирократите не го применуваа превентивниот закон за трудот. Полицијата и судството не ги гонеа фашистите во склад со постојните закони, кои се повеќе или помалку адекватни, и не ги казнуваа расните напади, антисемитизмот и ширењето на омраза, а сите тие претставуваат заштитни знаци на Златна зора. Подемот на фашизмот, исто така, многу им должи на мејнстрим медиумите. Грчките телевизиски канали, кои се практично нерегулирани од страна на државата и се во сопственост на неколкумина мали „Берлускониевци“, со децении го негуваа шовинизмот, расизмот, сексизмот, и анти-емигрантската омраза. Денес е сосем вообичаено тие да ги претставуваат кадрите на Златна зора како нормални луѓе, да ги истражуваат нивните посветли страни и дури да ги претвораат во икони на животниот стил или познати телевизиски личности. Тие ретко дискутираат за насилствата и злосторствата за кои се обвинети или осудени голем број од тие луѓе.
Најмногу загржува леснотијата со која конзервативците ги оправдуваат фашистичките акции. Неодамнешниот насилен напад на Илиас Касидиарис, пратеник на Златна зора, врз две пратенички од левицата, при преносот во живо на националната телевизија, е поздравен од страна на многумина кои и’ припаѓаат на десницата, а тоа се покажа како успешен рецепт за добивање гласови. Шефот на Нова демократија за северна Грција веднаш објави дека неговата партија и Златна зора се „сестрински организации“, но тоа не предизвика никакви критики меѓу неговите колеги.

Во услови на социјална дислокација и слободен економски пад, тоа може да има експлозивни последици. Сиве овие години, левицата ја потценуваше оваа закана, надевајќи се дека таа ќе испари сама од себе. Нејзиното раководство сè уште нема стратегија за спротивставување на ширењето на фашизмот. Сириза до неодамна ја земаше здраво за готово демократската нормалност, додека комунистичката партија изгледа како да е решена да ги повтори истите грешки на германските комунисти, кои го доведоа Хитлер на власт. Двете партии одбија да се мобилизираат кога Златна зора со поддршка од полицијата направи феудален посед во едно од соседствата во централна Атина. Таа невнимателност, со текот на годините во кои илјадниците напади врз емигрантите предизвикаа мал број реакции, доведе до тоа пратениците да бидат тепани пред камери. Па дури и сега, тие одбија да повикаат на масовна мобилизација против насилниците. Поуката која може да се перцепира од оваа приказна е дека, кога фашистите ги напаѓаат левичарските лидери, овие вториве изразуваат најхристијанска можна кроткост. Тоа влева мал ентузијазам меѓу симпатизерите и членството на левичарските организации и уште помала самопочит.

Надежта најмногу доаѓа од реакциите на граѓанското општество. Во текот на изминатите недели, локалните антифашистички фронтови на многу места се организираа оздола, со скудна поддршка од официјалната левица. Масовните антинацистички собири и мобилизирањето на неколку илјади луѓе ги потресоа главните градови во Грција. Дури се зборува за групи за самоодбрана, сочинети од локално население и емигранти, кои ќе и’ се противстават на Златна зора на улиците и на сите ќе им обезбедат сигурност, која државата денес им ја нуди само на малкумина.

Фашистичкото напредување во Грција, со кое доминира тројката, е предвидено во анализите. Факторите кои го движат сè уште, исто така, постојат и во други општества. Во земјите од еврозоната кои стануваат жртви на должничката криза, фашизмот ќе се врати во преден план. Неговата динамика е послаба отколку во триесеттите години, но сепак е опасна. Европските елити премногу долго си играа со огнот. Германската канцеларка, Ангела Меркел, успеа онаму каде Хитлер не успеа: да создаде нацистичка партија во Грција. За слични подвизи во другите земји ќе биде потребен помал труд.

Дефлаторните економски политики, заедно со државите кои го толерираат дејствувањето на фашистите, медиумите кои им се наклонети, десницата на која и’ се потребни сојузници на улиците, како и заспаната левица, сето тоа е рецепт за катастрофа. Близнаците на Златна зора можеби ќе патролираат низ Болцано или Бирмингем пред да си замислиме дека тоа е можно.

Извор: www.guardian.co.uk

ОкоБоли главаВицФото