Малите божји играчки: исповеди на еден cut & paste уметник

30.07.2012 12:08
Малите божји играчки: исповеди на еден cut & paste уметник

Кога имав 13 години, во 1961 година, скришум купив една антологија на битничка литература, со право претчувствувајќи дека мајка ми нема да се согласи со мојот избор. Веднаш и на моја огромна возбуда, ги открив Ален Гинсберг, Џек Керуак и извесен Вилијам С. Бароуз – автор на роман со име Гол ручек [Naked Lunch]. Во антологијата имаше извадоци од тоа дело во сета нивна блескава брилијантност. Бароуз во тоа време беше еден од најконтроверзните писатели на свет, а според мое мислење, тој е сè уште на самиот врв на таа листа. По него, ништо друго во моите искуства со литературата не било повосхитувачко и ништо друго немало посилно влијание врз моето чувство за вистинските можности на пишувањето, од неговите дела.

Покасно, обидувајќи се да го разберам тоа влијание, открив дека Бароуз вметнувал делчиња од текстови на други писатели во неговото дело – практика која сум сигурен дека моите професори би ја нарекле плагијаторство. Некои од тие позајмени текстови биле земени од американската научно-фантастична литература од 40-тите и 50-тите години, што кај мене предизвика уште еден, секундарен шок на восхитување. Во тоа време знаев дека тој „метод на сечење“ (“cut-up method”), како што Бароуз го нарекуваше, беше од клучно значење за она што тој правеше со литературата и дека тој него го сметаше за нешто слично на магија. Кога Бароуз пишуваше за тој процес, од силната возбуда ми се ежеа влакната на вратот. На сличен начин него го инспирираа и експериментите со магнетофонските ленти. „Малата божја играчка“ – така ја нарече машината за преснимување (reel-to-reel machine) неговиот пријател Брајон Гисин.

Семплување. Бароуз го проблематизираше космосот со помош на ножички и туба лепило – еден од најоригиналните писатели на времето воопшто не беше плагијатор.

20-тина години покасно, кога нашите патишта конечно се вкрстија, го прашав Бароуз дали денес пишува на компјутер. „Што ќе ми е компјутер?“, се зачуди тој со очигледна доза на згаденост. „Си имам машина за пишување.“

Меѓутоа, јас тогаш знаев дека процесирањето на зборовите е уште една од Малите божји играчки и дека ножичките и тубата лепило, заменети со компјутерот, отсекогаш биле на мое располагање. Методите на Бароуз, кои, исто така, ги користеле Пикасо, Дишан и Годар, се вградени во технологијата со помош на која јас ги создавам моите приказни. Инстинктивно чувствував дека сè што пишувам е во одредена мера колаж. Впрочем, значењето е веројатно прашање на гранични податоци.

Од тогаш до денес, истражувајќи ги можностите на (таканаречениот) киберпростор, моите приказни ги полнев со референци од еден или друг вид колаж: вештачката интелигенција во романот Грофот Нула [Count Zero] го имитира концептот на Џозеф Корнел; монтираната околина создадена на заливскиот мост во романот Виртуелна светлина [Virtual Light].

Истовремено, во раните 70-ти години, во Јамајка, големите музички визионери King Tubby и Lee “Scratch” Perry, ја деконструираа снимената музика. Користејќи зачудувачки примитивна преддигитална опрема, тие создаваа музички дела кои тие ги нарекуваа „верзии“. Реконтекстуелизираната природа на нивните продукциски методи набргу се рашири меѓу DJ-ите во Њујорк и Лондон.

Нашата култура веќе не мора да користи зборови како „присвојување“ или „позајмување“ за да ги опише таквите активности. Денешната публика веќе воопшто не слуша – таа учествува. Впрочем, „публика“ е исто толку застарен термин како и „снимка“, од кои првиот е архаично пасивен, а вториот архаично физички. Денес оригиналната снимка претставува аномалија, а не ремиксот. Ремиксот е во самата природа на дигиталната култура. Денес, еден бескрајно реструктуиран, а во суштина социјален процес, создава неброени часови креативни производи (уште еден застарен термин?). Да се каже дека тоа претставува закана по музичката индустрија е просто смешно. Музичката индустрија, иако можеби самата сè уште не е свесна за тоа, има тргнато по патот на снимката. Од друга страна, реструктурирањето (бутлегот, ремиксот, хибридот) стана карактеристичен стожер на преминот на двете столетија.

Ние живееме во еден посебен преоден период, во кој снимката (објектот) и реструктурирањето (процесот) сè уште коегзистираат, но не за долго. Сепак, се чини дека нема многу сомнежи во врска со тоа во која насока нештата се движат. Реструктурирањето се манифестира во мошне разновидни форми, како, на пример: графичката новела на Алан Мур, Лигата на извонредните господа [The League of Extraordinary Gentlemen]; виртуелните хибридни ликови генерирани со видео игрите (Quake, Doom, Halo); целокупната метастазирана библиотека на Дин Скрим ремиксите; жанровски измешаната фантастика од универзумите на Ѕвездените патеки и Бафи или (што би било уште позадоволувачко) од двете истовремено; патиките-хибриди; намерното и радосно мешање на лого знаците; и производите како што се играчките со ликот на Кјубрик – јапонските колекционерски предмети кои итро се маскираат во бездушни колективистички единици, а се, сепак, спасени од анонимноста со апликацијата на едно смислено и агресивно „рачно“ премачкување.

Ние ретко создаваме и ретко дозволуваме појава на нови технологии. Сепак, тие се појавуваат, а ние заедно со нив се нурнуваме во разновидните метежи на промените кои тие ги создаваат. Дозволата за користење, пак, ја даваме по појавата на новата технологија, во една постојана игра на достигнување и престигнување (која ја играме најдобро што можеме), додека, во исто време, новите технологии нè редефинираат – и тоа исто толку вистински, а можеби и на исто толку ужасен начин како што нè редефинираше и емитувањето на телевизијата.

„Кој ги поседува зборовите?“, прашува еден безтелесен, а сепак, мошне упорен глас, низ поголемиот дел од опусот на Бароуз. Кој ги поседува нив денес? Кој ја поседува музиката и остатокот од нашата култура?
Ние! Сите ние!
Иако не сите од нас тоа го знаат – барем не сè уште.

Извор: www.wired.com

Wow! Talk about a posting

Wow! Talk about a posting kcnoikng my socks off!

Thanks for introducing a

Thanks for introducing a liltte rationality into this debate.

God help me, I put aside a

God help me, I put aside a whole afertnoon to figure this out.

ОкоБоли главаВицФото