Момент за историјата: Кјуриосити се спушти на Марс, почнува потрагата по траги на живот

06.08.2012 18:04
Момент за историјата: Кјуриосити се спушти на Марс, почнува потрагата по траги на живот

Роботот на НАСА, „Кјуриосити“ (Curiosity), денес слета на Марс, каде ќе ја започне двегодишната мисија на пронаоѓање докази дека на црвената планета некогаш постоеле услови за живот. На Земјата веќе пристигнаа првите фотографии кои роверот ги сними.
„Не можам да верувам. Ова е неверојатно!“, изјави Ален Чен, заменик-лидер на тимот за навигација со „Кјуриосити“, кога на Земјата пристигнаа првите фотографии од карпестиот терен. На едната од нив се гледа тркалото на леталото.
Американскиот претседател, Барак Обама, денес го поздрави успешното спуштање на роверот „Кјуриосити“ на Марс и рече дека тоа претставува исклучително технолошко достигнување.
„Успешното спуштање на ‘Кјуриосити’, најсофистицираната научна лабораторија која некогаш слетала на друга планета, претставува исклучително технолошко достигнување кое ќе служи како гордост на нацијата и во далечната иднина“, изјави Обама.
Леталото „Кјуриосити“,најамбициозната и најголемата машина која е досега испратена во вселената, полета од Земјата во ноември минатата година и измина пат долг 560 милиони километри.
Роверот, кој е познат и под името Марсовата научна лабораторија, е опремен со инструменти наменети за испитување карпи во кратерот Гејл (еден од најголемите на Марс), во потрага по можни индикатори дека на таа планета некогаш живееле микроорганизми.
Мисијата на „Кјуриосити“, што во превод значи „љубопитност“, чини 2,5 милијарди долари, роверот тежи 900 килограми и има големина на мал теренски автомобил.

Веќе пристигнаа и првите пародии: „Вонземјанин“ на сликата на НАСА. Првата фотографија која „Кјуриосити“ ја направи на Марс предизвика вистинска збрка на социјалните мрежи и таа моментално е една од најчесто споделуваните фотографии.

ОкоБоли главаВицФото