Жителите на кинескиот град Кидонг со бунт го спречија уништувањето на животната средина

07.08.2012 10:11
Жителите на кинескиот град Кидонг со бунт го спречија уништувањето на животната средина

Фактот дека уништувањето на животната средина е една од високите цени што ја плати Кина за својот неверојатен стопански раст, е општо познат. Растечката кинеска средна класа во деведесетите веруваше во будалестиот мит на потрошувачката цивилизација, дека поголемата куповна моќ значи и подобар живот.

Денес, кога сè почесто се поставува прашањето за квалитетот на храната што ја конзумираат, воздухот што го дишат и водата што ја пијат, наместо ентузијастичното препуштање на потрошувачката цивилизација, луѓето се загрижени за своето здравје и за здравјето на своите деца.

Ако сте се запрашале дали постои некаква точка на прекршување или социо-еколошки праг на толеранција преку кој не може да се помине, а поради сериозно нарушениот квалитет на животот и загрозувањето на егзистенцијата да не се дигне бунт, изземајќи го случајот со гладта затоа што тоа се подразбира, одговорот пристигнува од градот што се наоѓа на истокот од Кина, оддалечен еден час од Шангај.

Во саботата на 28 јули 2012 година, откако 1000 граѓани на Кидонг ја окупираа зградата на градските власти, неколку демонстранти влегоа внатре и ги искршија компјутерите, ги превртуваа столиците и фрлаа документи низ прозорците, на општо задолоство. Демолирани се и превртени најмалку пет автомобили и еден мини бус. Исто така, најмалку двајца полицајци се вовлечени во масата и се претепани.

Соочен со жестокиот бунт, Жанг Гуохуа, градоначалникот на Нантонг, градот во кој се наоѓа јапонска компанија за производство на хартија чии отпадни води требаше да завршат во океанот во близина на Кидонг, се огласи со официјално соопштение и ја откажа изградбата на цевководот за транспорт на индустрискиот отпад.

Демонстрациите во Кидонг се последни во низата на помалку или повеќе жестоките протести кои се предизвикани од стравот за уништување на животната средина заради развојот на индустријата и растот на производството. Слични демонстрации се одржани и во Шифанг, во провинцијата Сичуан, а минатата година и во градовите Далиан, на североистокот од земјата и Хаимен, кој се наоѓа во југоисточната провинција Гуандонг.

Владата вели дека отпадот нема да го загади морето, но ако тоа е точно, зошто не го испуштат во реката Јангце? Па затоа што ако го испуштат во реката, отпадот ќе влијае на луѓето во Шангај и луѓето оттаму ќе се спротивстават“, рече Лу Шуаи, 25 годишна девојка која учествуваше на протестите, за Ројтерс.

Со овие конфликти дополнително се заоструваат растечките социјални тензии пред претстојната смена на раководството на Комунистичката партија, кое се заколна дека ќе го исчисти небото над Кина и пловните канали. Лидерите на Комунистичката партија се трудат да остават впечаток дека се заинтересирани за решавање на проблемите со загадувањето и дека се подготвени да ги слушнат поплаките од граѓаните.

Но, проблемот со еколошкото загадување е, пред сè, од локална природа и затоа постапувањето на локалните претставници на власта е поважно од Пи Ар (PR) кампањите на оттуѓениот партиски врв.
Тоа го потврдува и случајот со градоначалникот на Нантонг. Тој како и сите други градоначалници од современиот свет, вклучувајќи го и Драган Ѓилас, само настојува да обезбеди свежи инвестиции и нови извори на приходи за својот град, што само на прв поглед, не изгледа проблематично.

Сепак, кога знаеме дека во таквите пресметки, здравјето на луѓето, животните и животната средина се третираат како гола „екстерналија“, т.е кога цената за уништувањето на биолошката основа за живот воопшто не се третира како трошок (финансиски, еколошки, социјален, биолошки итн), а бремето на последиците од уништувањето се префрла на најранливите луѓе и чувствителниот природен свет, тогаш сликата добива поинаква претстава.

Во Кидонг луѓето јасно видоа за што се работи. Одговорот кој следеше потоа, беше сосема логичен.

Извор: http://kontra-punkt.info/

ОкоБоли главаВицФото