Државно богохулење: Pussy Riot пред судот на инквизицијата

13.08.2012 11:28
Државно богохулење: Pussy Riot пред судот на инквизицијата

Членките на бендот Pussy Riot се обвинети за богохулење и за омраза кон религијата? Одговорот е едноставен: вистинското богохулење е обвинението од државата, која омразата кон религијата ја формулира како кривично дело, а се работи за нешто што очигледно беше политички чин на протест против владејачката елита. Сетете се на старата шега на Брехт од Операта за три гроша: „Што е грабеж на една банка во споредба со основање на нова банка?“

Вол Стрит во 2008 година ни даде нова верзија на шегата: „Што е да се украдат неколку илјади долари, за што сторителот оди в затвор, во споредба со финансиските малверзации, кои оставаат десетици милиони луѓе без домови и заштеди, а кои потоа се наградуваат со државна помош со неверојатно дарежлив износ?“ Во Русија имаме поинаква верзија на моќната држава: „Што е малата непристојна провокација на бендот Pussy Riot во една црква, во споредба со обвинението против Pussy Riot, таа огромна недолична провокација на државниот апарат, кој се подсмева на секоја идеја за пристоен ред и мир?“

Дали е чинот на Pussy Riot циничен? Постојат два вида цинизам: огорчениот цинизам на угнетените, кој ја разоткрива хипокризијата на оние кои ја имаат власта, и цинизмот на угнетувачите, кои отворено ги кршат принципите кои претходно самите ги воспоставиле. Цинизмот на Pussy Riot е овој првиот, додека цинизмот на оние кои ја имаат власта – зошто да не ја наречеме нивната авторитарна бруталност Prick Riot – е оној вториот, многу поопасниот. Далечната 1905 година, Лав Троцки ја окарактеризирал царска Русија како „злонамерна комбинација од азискиот камшик и европската берза“. Овој опис сè повеќе одговара на денешната Русија, нели? Тој го најавува доаѓањето на новата фаза на капитализмот, капитализмот со азиски вредности (кои, се разбира, немаат ништо заедничко со Азија, туку со антидемократските тенденции во денешниот глобален капитализам). Доколку цинизмот го разбереме како безмилосен прагматизам на моќта, која затскриено се смее на сопствените принципи, тогаш Pussy Riot се олицетворение на антицинизмот.

Нивната порака гласи: „Идеите се важни.“ Тие се концептуални уметници во најблагородната смисла на зборот: уметници кои отелотворуваат Идеја. Заради тоа тие носат маски: маски на деиндивидуализацијата, на ослободувачката анонимност. Пораката на нивните маски е дека не е важно која од нив ќе биде уапсена – тие не се поединци, тие се Идеја. И заради тоа тие претставуваат толку голема закана: лесно е да се затворат поединци, но обидете се да ја затворите Идејата!

Според тоа, паниката на оние кои се на власт – изразена се неверојатно брутална и претерана реакција – е целосно оправдана. Колку тие побрутално ќе се однесуваат, толку Pussy Riot ќе стануваат поважен симбол. Веќе сега резултатот на таквите репресивни мерки е тоа дека Pussy Riot станаа познати низ целиот свет. Света должност на сите нас е да спречиме храбрите членки на бендот Pussy Riot да ја платат со своја кожа цената на тоа што станаа глобален симбол.

Извор: www.e-novine.com

Thumbs-up за Pussy Riot!

Thumbs-up за Pussy Riot!

Слични содржини

Општество / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Европа / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Теорија
Општество
Општество / Теорија
Општество / Теорија

ОкоБоли главаВицФото