Мислата на третиот милениум

15.08.2012 12:48
Мислата на третиот милениум

Помина нешто повеќе од сто години од смртта на Ниче и уште нешто повеќе од неговата идеја за смртта на Бог. Таа мисла, мислата за смртта на Бог, е мисла на 19-иот век и се однесува на христијанскиот Бог, имено, на метафизичкиот Бог на христијанските теолози. Што се случи со неа во 20-иот век?

Централен мислител на 20-иот век беше Мартин Хајдегер со своето промислување на битието, односно, со прашањето за смислата на постоењето и одговорите кои се однесуваат на онтолошката диференцијација – разликите помеѓу битието и постоењето. Помеѓу самото постоење и Бог како причинител на постоењето, помеѓу Причината и Почетокот на сè што е, постои ненадминлива разлика. Постоењето не е Бог и Бог не е постоење. Бог не е, како што тврдеше схоластиката, само постоење. Затоа, неговата смрт не е прашање на постоењето како постоење. Нихилизмот сфатен како резултат на мртвиот, убиен Бог, не го погаѓа непосредно постоењето. Таквиот нихилизам, метафизичкиот нихилизам, воопшто не го засега вистинскиот нихилизам, кој претставува заборав на постоењето и запоставување на модерниот човек. Тоа е причината зошто Ниче, со својата инверзија на платонизмот и со превреднувањето на сите метафизички вредности, не можел да најде излез од нихилизмот. Напротив. Својата филозофија на волјата за моќ, чија темелна поставка, „попрво да се сака ништото, одошто ништо да не се сака“, самиот ја препознава и ја етикетира како нихилистичка. Хајдегер, пак, најавува надраснување и надминување на нихилизмот, и од разликата помеѓу битието и постоењето, која од аспект на метафизиката сфатена како онто-теологија – двојното единство на онтологијата (учење за битието и постоењето) и теологијата (доктрината за врвното и изворно постоење) – пред сè и над сè ја означува разликата помеѓу постоењето и Бог. Но тој прави и трета, за нашето време, односно, за времето на третиот милениум, клучна разлика: разликата помеѓу божественото и светото.

Доколку Бог претставува нешто постојно, доколку, според тоа, постои, тогаш тој, според својот начин на постоење, зависи токму од постоењето. Постоењето на Бог може да стане појасно само од чистотата на постоењето. Можеме да го објасниме само преку светоста на светото, која произлегува од чистината, односно, од вистината на постоењето. Тоа значи: светото може да се појави и да постои без божјото, но божјото не може без светото. Затоа, смртта на метафизичкиот Бог, која со тоа име (означувачот) го означува крајот на означениот (метафизички) идентитет на постоењето и на битието, не значи дека умрело или исчезнало светото. Напротив. Светото како такво дури сега се покажува. Како била прифатена мислата на Хајдегер во 20-иот век и што таа денес ни значи?

Жак Лакан го разоткри фамилијарниот аспект на психоанализата, која Фројд ја проектираше и врз социјалноста, а низ Хајдегеровата мисла на онтолошката диференцијација ја соочи со метафизиката. Бог и Жената, сфатени како фантазми на Другиот, претставуваат само епохални затнувачи на дупката во Другиот, која, всушност, воопшто не може да се затвори, бидејќи таа дупка не е ништо реално. Местото на Другиот, сфатено како место на вистината за субјектот, не е место кое гарантира дека изгубениот објект на желбата може да се најде, туку дека може да се најде местото на илузијата. Другиот не е ниту отсутен и таинствен објект на желбата, ниту, пак, гаранција за нејзино достигнување, туку збир на означувачи, односно, имиња. Иако тие имиња можат да бидат свети, како што е името на Бог, тие не се ништо друго освен мртви и уништувачки означувачи, односно, елементи на симболичното. Бог како име/означувач е, всушност, мртвиот Бог.

Емануел Левинас и Жак Дерида експлицитно го покренаа прашањето што значи да се биде Бог и врз основа на разликата помеѓу битието и божественото ја потенцираа разликата помеѓу божественото и светото, односно, помеѓу светото и сакралното. Светото може да постои и без божественото, што најдобро докажува будизмот, но божественото не може да постои без свето. Крајот на верата во Бог, доколку е тој како онто-теолошки Бог мртов, не ја погаѓа непосредно верата како вера. Згора на тоа, верата како вера во постоењето, која се изразува во грижата за сопственото постоење и за постоењето на сè што е, дури сега може да се манифестира, по самракот на идолите и по заоѓањето на омразата, омразата која е неразделна, како од идолопоклонството, така и од борбата против него. Дури сега може верата да светне како љубов, со своето друго име „нека биде“. Да се остави сè, а пред сè, другото и различното, да биде тоа што е.

„Да не се постои“ не е можно. Програмот на Левинас, според кој од метафизиката може да нè ослободи само простувањето од постоењето, не е изводлив. Може, се разбира, етиката да се постави пред онтологијата, меѓутоа, етичкиот проблем како да се биде останува и натаму препуштен на постоењето. На поинаков начин можеме да бидеме само доколку сме, а под тоа се мисли на поинаков начин отколку што диктираат ексклузивистичките идеологии и екскомуницирачките теологии. Во секој случај, без повеќемилениумскиот стравопочит, кој со помош на светото сфатено како сакрално (институционализираното свето) го шират некои религии и без повикување на надзорниот поглед на Бог, ние се населуваме во погледот кој милува.

Наместо поимите сфатени како метафизички концепти, на кои нè потсетува стегнатата тупаница, пред нас, во третиот милениум, стои отворената дланка, богата заради дарежливоста, наспроти сопствената сиромаштија. Од отвореноста, кон отвореноста на постоењето, се изродува сочувствувањето, нашето сочувствување со постоењето на сите и на сè што постои.

Најтешкиот предизвик со кој, при тоа, се соочуваме е непопуштањето, ни пред идеолошките силувања, ни пред теолошките заведувања. И тоа не така што ќе следиме некакви упатства, бидејќи во нас веќе „има“ нешто што однапред нè упатува. Тоа не е пред сè и над сè, желбата за постоење, туку љубовта кон постоењето. Доколку погледнеме кон себе, кон човекот во сите негови манифестации, ќе можеме да кажеме: да се љуби, тоа е сè.

Извор: pescanik.net

Слични содржини

Општество / Gif / Теорија
Никола Гелевски
Општество / Свет / Став
Општество / Став / Теорија
Општество / Активизам / Gif
Општество / Теорија

ОкоБоли главаВицФото