Подготвен за преглед: историја на пасошот (1)

21.08.2012 12:24
Подготвен за преглед: Интервју со Валентин Гребнер (1)

Летото 2006 година, Националното јавно радио објави извештај дека во текот на изминатите неколку години агенцијата одговорна за издавање пасоши во Ирак била преплавена со барања од сунитите за промена на своите презимиња. Зголемувањето на бројот на убиства и други насилни дела против сунитите очигледно навело илјадници сунити да прифатат нов идентитет и, на тој начин, да се идентификуваат на еден сосем нов начин во ирачкиот национален регистар. Бидејќи голем број сунити имаат увид во презимињата од нивните предци и можат да се навратат на нив сè до седмиот век, некои можеби не се толку подготвени да го жртвуваат своето културно наследство за да преживеат. Приказната, меѓутоа, исто така, евидентно го потврдува променливиот однос помеѓу идентитетот на некое лице и неговиот пасош, кој, во сегашните политички услови, никогаш не бил подраматичен, додека во агресивните мерки за обезбедување на границите, регистрирањето на граѓаните и ограничувањата за патување, некои го гледаат единственото решение за воспоставување глобална безбедност.

Во својата книга, Потврда на личноста: идентификацијата, личниот документ и контролата во средниот век и ренесансата во Европа, Валентин Гребнер, професор по историја на Универзитетот во Луцерн во Швајцарија, го застапува ставот дека пасошите и канцелариите за следење на поединците се појавиле многу порано отколку што мислат повеќето луѓе и историчари. Гребнер навистина покажува дека општественото и политичкото значење на пасошот може да се проследи стотици години наназад, сè до времето кога постоела практиката на складирање огромни количини податоци за поединците и кога се формирале големи агенции кои со нив управувале и ги штителе. Во дискусијата за средновековните корени на мрежите за регистрација и надзор, делото на Гребнер ги предизвикува оние кои веруваат дека кафкијанското следење на поединците претставува производ на модерната ера.

Како се заинтересиравте за историјата на пасошот, една толку нетипична тема, која обично не ја поврзуваме со средниот век?

Во еден момент едноставно сфатив дека немаме претстава за историјата на пасошот и дека не постои историја која ја следи таа тема во минатото, подалеку од деветнаесеттиот век. Мојата појдовна точка беше, всушност, прашањето како луѓето, пред ерата на фотографијата и модерните техники на бирократска регистрација, се опишувале себеси или како тоа го правеле другите кои никогаш не ги виделе. Замислете ја само ситуацијата кога треба да се сретнете со некого кого не го познавате на некое место полно со луѓе, како, на пример, на автобуска станица или на аеродром. Некој можеби би ја опишал фризурата или облеката на лицето, додека некој друг би споредувал со познати актери: „Тој малку личи на Вуди Ален, само што има голема брада.“

Во претходното архивско истражување забележав дека во минатото луѓето повеќе ги опишувале другите според облеката одошто според познати категории. Некои луѓе се маскирале само со облекување на друг капут, што за нас претставува чудна идеја. Сепак, според моите сознанија, бојата на очите не се споменувала пред осумнаесеттиот век. Европејците обично се опишувале едни со други употребувајќи го целиот спектар на боите на кожата, кој вклучувал од „жолтеникава“ и „црвена“ до „кафеава“ и „црна“. „Белата“ се користела да се именува специфична боја на кожата, што претставувало ехо на книжевните ликови, кои писателите од антиката, средновековието и ренесансата ги припишувале на жените или на големите, феминизирани варвари од најоддалечените северни области.

Пред да пишувам за пасошите, напишав книга во која имаше долго поглавје за „невидливиот непријател“, за непријателот кој веќе се наоѓа во рамките на градските ѕидини. Тие се невидливи зашто не знаете кои се, а од суштинско значење е да се идентификуваат со таен знак, кој ги означува како предавници. Од тогаш сакав да дознаам кога за првпат биле издадени плакати од типот „Се бара“, првите налози за апсење, кога пасошите станале задолжителни и каква улога во таквите техники на идентификација играле сликите.

Во кој момент изработката на пасошите, како задолжителна форма на идентификација, станала средство за идентификација на поединците со нивната земја на потекло?

Изненадува фактот дека таа обврска се вовела многу доцна. Дури по втората половина од 1850-тите години во Европа станало задолжително граѓаните да носат пасоши, издадени во нивната матична земја. Петстотини години луѓето патувале со идентификациски документи издадени од каков било вид врховна власт во државата. Речиси сите британски патници кои патувале низ континентот, од седумнаесеттиот век наваму, ги набавувале своите пасоши во Белгија и во Франција, бидејќи таму биле многу поевтини. Силната поврзаност помеѓу пасошите и државјанството, земјата или местото на потекло – во модерната смисла на зборот – претставува производ на комбинираниот развој на доцниот деветнаесетти век и директна последица од Првата светска војна.

Пасошот кој го носиме со нас претставува дел од замрзнатата историја која се протега далеку во минатото. Тој е во целост средновековен, бидејќи од тогаш потекнуваат неговите категории, па дури и материјалот, различните печати и штембилите кои го правеле валиден. Пасошот, всушност, не претставува артефакт на поединецот, туку артефакт на органот кој го издава. Мене повеќе ме интересираат трагите кои властите ги ставаат на хартија, отколку нивните обиди да го фиксираат наводно непроменливиот идентитет на едно лице на парче хартија. Подобро би било да се каже дека, од самиот почеток, документите, всушност, почнале да ги менуваат луѓето, а не да ги прават непроменливи, како што обично се претпоставува.

Дали вие, според тоа, тврдите дека „модерниот“ пасош почнал да настанува кон средината на деветнаесеттиот век, под претпоставка дека границите и териториите мора да бидат обезбедени во еден свет со кој владеат империјалистички сили?

Да, но тоа чувство на „национална безбедност“ има многу подолга предисторија. Она што е, секако, впечатливо е дека идејата за обезбедување на границите со регистрација на сите патници и, ако е можно, со регистрација на сите жители претставува, исто така, фантастично правило, бирократска фикција. А таа фикција е мошне стара. Тоа е резултат на усвојувањето на христијанското уверување дека на денот на последниот суд Бог ги гледа делата на секој човек во неговата голема книга. Властите низ цела Европа, од шеснаесеттиот век наваму, се обидувале да воспостават огромен регистар, за да го контролираат движењето на своите потчинети, но тоа никогаш не се покажало функционално. Првите обиди за воспоставување таков систем на целосна регистрација на паноптичкото око на државата, во согласност со тогашните околности, се случувале подоцна, во текот на шеснаесеттиот век. Меѓутоа, тоа никогаш не функционирало, дури ни во шпанско-хабсбуршкото царство. Единствен резултат бил огромниот куп хартија, која денес можете да ја разгледате во архивите на Шпанија и Италија.

Фокусирајќи се на материјалот од кој се произведувале идентификациските документи – односно, печатот, хартијата и потписот – очигледно е дека физичките компоненти, кои документот го правеле валиден, претставувале производи на репродуктивната технологија. Кралскиот печат или печатот на градот е валиден, бидејќи е ист на секој документ.

Пасошот на Фридрих Ниче од 1876 година

Тоа е она што му дава овластување.

Точно. Документот не го прави валиден моето име на пасошот; категориите на автентификација – создадени преку формални бирократски процедури како составен дел на документот – ја претставуваат неговата суштинска валидност. Јасно е од самиот почеток дека способноста на државата да произведе автентичен документ лежи во нејзината примена на ознаките на автентичноста на документот. Во тој случај, секоја технички квалификувана личност би се нашла во искушение да ги копира репродуктивните ознаки и нив да ги користи за свои цели. Затоа лажните пасоши се појавиле само неколку години откако биле прогласени за задолжителен документ.

Меѓутоа, долго време пред појавата на службениот пасош, во втората половина на шеснаесеттиот век, се појавила нова фигура на европската сцена: фалсификаторот, оној кој собрал куп импресивни, лични и официјални документи, за да покаже дека е богат трговец или некој гроф, само што сите тие импресивни документи претходно ги фалсификувал. По правило, фалсификуваните документи се така направени да претставуваат верна копија на официјалните документи, кои, пак, биле воведени за преглед, регистрација и контрола на луѓето во движење. Фасцинантно е што секој знаел како тие официјални документи треба да изгледаат.

Се чини дека тоа се случаи кога фалсификаторите не правеле фалсификати врз основа на вистински луѓе, туку идентификациски документи за луѓе кои не постојат, наспроти она што денес би можеле да го наречеме „кражба на идентитет“.

Да, тоа е точно. Случајот на фалсификаторот како некој кој „го зазема местото на друго лице“, што е буквалното значење на зборот, бил релативно редок во ренесансна Европа. Имало неколку познати средновековни случаи; неколку луѓе, на пример, по смртта на царот Фридрих Втори се појавиле како чудесно воскреснатиот цар. Честопати се случувало и тоа луѓето да измислуваат сосем нов идентитет за себе со помош на печат и импресивни идентификациски документи. Голем број такви фалсификатори имале импресивна политичка кариера. На пример, еден еврејски трговец, Давид Реувени, кој прв пат се појавил во Венеција во 1524 година, а втор пат во Рим, тврдејќи дека е зет на еден моќен еврејски крал од исток. Реувени тврдел дека царот можел и бил подготвен за напад на Отоманската империја од исток, само кога би имал малку пари. Малку фалело луѓето на кои им се обратил да донесат одлука да му дадат огромна сума пари и артилерија, за да им помогнат на сојузниците против Турците на исток. На Реувени тоа речиси ќе му успеело, но го разоткриле, па тој исчезнал во затворите на Светата инквизиција.

Во практика, огромните регистри составувани од шеснаесеттиот век наваму, не служеле како вистинско средство за идентификација на луѓето. Предмодерните процедури на идентификација се потпирале врз многу поефикасни средства: поткажувачи, тајни луѓе кои биле ефикасни во пронаоѓањето луѓе со неформални техники. Тие биле како ликот во филмот Џеки Браун на Квентин Тарантино, кој на прашањето: „Како успеа да го најдеш?“, едноставно одговора: „Мојата работа е да наоѓам луѓе.“ Такви луѓе имало од дамнини. Располагаме со голем број информации за тие поткажувачи. Некои од нив работеле повремено, други имале постојана работа и работеле за принцовите на власт или во советите во средновековните градови, вклучително и во Венеција, која била озлогласена по своите државни шпиони и поткажувачи во цивилна облека. Во Фиренца, исто така, имало цел систем на државни „поштенски сандачиња“, поставени специјално за неформални писма, со кои на таен начин се кодошеле другите граѓани. Луѓето биле повикувани да доставуваат информации за другите во тие кутии. Тоа била официјално прифатена процедура.

(продолжува)

Линк до вториот дел од интервјуто.

Извор: pescanik.net

Слични содржини

Книжевност / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Балкан / Култура / Теорија / Историја
Gif / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото