Подготвен за преглед: историјата на пасошот (2)

22.08.2012 13:51
Подготвен за преглед: Интервју со Валентин Гребнер (2)

Ова што зборувате звучи како да се работи за Штази во Источна Германија.

Па добро, во петнаесеттиот век, ниту Фиренца, ниту Венеција, не биле особено пријатни места за живеење. Системот, сепак, не бил од тој тип луѓето да се пријавуваат во писмена форма. Многу поефикасен начин било поткажувањето, преку тајни државни шпиони, кои луѓето ги држеле на око и кои придонесувале за атмосфера на крајна неизвесност, во која никогаш никој не бил сигурен за кого работи другиот, кој го прислушува вашиот разговор. Таквиот тип несигурност претставува класичен белег на предмодерната власт и закон.

Мислам дека не сме многу модерни во однос на начините со кои го контролираме населението. Имам чувство дека, иако сите се плашиме од паноптичкото око на државата која внимателно нè следи, без оглед дали зборуваме за вмрежните камери, телефонските повици, размената на електронска пошта или за нашите генетски отпечатоци, техниките за надзор не се промениле многу.

Една од најефикасните техники на контрола е создавањето атмосфера во која никогаш не можете да бидете сигурни дали вашите официјални документи се валидни или не. Самата логика на задолжителната регистрација се состои во тоа контролираното лице да се доведе во состојба на несигурност, во која тој или таа не ги знае категориите според кои пасошот или личната карта им се прегледува. Имам впечаток дека воведувањето нови пасоши и нови механизми на идентификација, всушност, создава ситуации на контрола, во кои никогаш не можете да бидете сигурни дали вашиот пасош е сè уште валиден, дали е сè в ред со чипот, или некој го фалсификувал со магнетна лента. Веќе не можете да бидете сигурни ни во тоа дали и весниците се доволно добри. Граѓаните од богатите држави не се навикнати на ова, зашто тие со сигурност веруваат дека нивните патни исправи се првокласни. Меѓутоа, секој кој носи мексикански или нигеријски пасош ќе ви раскаже поинаква приказна.

На кој начин, во последниве стотина години, се имаат, всушност, променето формалните категории, употребувани во документите за идентификација, со кои се опишуваат луѓето?

Употребата на ознаки или на знаци на препознавање во физичките описи е многу стара, но таа сè уште се користи во повеќето европски пасоши. Во минатото се запишувале лузните и тетоважите со кои луѓето биле обележани, за да бидат препознатливи. Нашата сопствена кожа е дел од селективната меморија. Што се регистрира како знак на распознавање е, само по себе, интересен проблем. Секоја анализа на категориите, кои се користеле за опишување на луѓето во минатото, неизбежно ја изнесува во преден план нивната непостојаност и нефлексибилност. Дали, на пример, дамките на лицето треба да се сметаат за препознатлив знак?

Жал ми е што морам да кажам, но од историска гледна точка, новата техника на биометријата – собирањето податоци за однесувањето и психологијата на поединецот – може во голема мера да ги следи методите кои и’ претходеле. Таа ќе биде осудена на неуспех, зашто ќе наталожи толку многу информации за актуелните механизми на кодирање, евидентирање и собирање, до тој степен што самите биометриски податоци ќе станат секундарни.

Процесот на собирање и нарачување огромна маса податоци одзема многу повеќе енергија, отколку што можат да разберат оние кои ги создале механизмите за регистрирање. Акумулацијата на биометриски податоци ќе стане жртва на истата онаа грешка која резултираше со огромни купишта хартија низ архивите на шпанскиот крал Филип кој, на крајот на шеснаесеттиот век, сакал да го утврди идентитетот на секој кој емигрирал во Новиот свет, за да го спречи потомството на Евреите, Арапите, осудените еретици, свештениците-бегалци и должниците кои сакале да започнат нов живот. А сепак, тоа било токму она што тие го направиле. Сите податоци се изложени на ризик да се претворат во бирократска фантазија, во која веќе складираната информација се користи за обезбедување на категорија на автентичност за новата информација.

Во 2004 година, полскиот уметник Рафаел Бујновски насликал автопортрет и ја предал фотографијата на сликата наместо вообичаената црно-бела фотографија, каква се барала за американска виза. Персоналот во американската амбасада бил излажан, по што визата му била издадена, која тој ја искористил за влегување во САД, каде почнал да посетува часови по летење над воздушниот простор над Њујорк.

Бирократијата, исто така, има потреба да собира податоци за да ја оправда целта на своето постоење.

Да, и тоа само за да се оправда валидноста на податоците кои се веќе собрани. Токму тоа се случило со лошата архива на кралот Филип; сите кои ќе тргнеле во Новиот свет се пријавувале со лажни документи. Во еден момент, службеникот во шпанскиот суд сфатил дека имаат десетици илјади лични документи, но дека документите се фалсификувани. Не велам дека сите биометриски податоци на крајот ќе завршат како фалсификати, туку дека низ историјата постоела тенденција кон собирање огромни количини податоци, која создава квази-независни фантазии за светот во кој сè што е регистрирано е, всушност, институционално.

Дали вие, според тоа, верувате дека односот помеѓу официјалната идентификација и личниот идентитет е нешто што, во голема мера, претходи на модерната ера?

Искрено, зборот „идентитет“ ми предизвикува главоболка. Тој термин е проблематичен, зашто има три длабоко различни намени или значења. Identitas, средновековниот збор, се однесува на Светото тројство и на многу комплицираната теолошка расправа за идентичноста на мошне различните принципи во рамките на тројството. Identitet го означува моето дефинирање на себе самиот во прво лице – „Јас сум X“. Меѓутоа, зборот се користи и за означување и именување на некој друг – „Ти си X“, при што има сосем различно значење. Конечно, истиот збор се користи за означување посветеност на едно лице кон некоја група или колектив. Овие три различни значења магично се спојуваат во едно кога го користиме терминот не изземајќи ниту едно од нив. Значи, од самиот почеток, терминот identitas веќе се однесува на репродукција, дуплирање, размножување на едно нешто низ различни медиуми. Тој не се однесува на поединечен или на суштински принцип, туку напротив. Полемичките пасуси во мојата книга зборуваат за инсистирањето на тоа дека треба да се замени концептот на идентитетот со процесот на идентификација, кој вклучува повеќе актери. Самиот идентитет нема актери; тој претставува нешто што може да се претстави во целина. Тој повеќе наликува на облак, одошто на поим со кој нешто може да се направи.

Морам да признаам дека, и покрај тоа што сум историчар кој ги проучува петнаесеттиот и шеснаесеттиот век, начинот на кој го гледам мојот материјал е таков што ме наведува кон информациите од светот во кој живеам. Ние сме склони да мислиме дека предмодерните луѓе биле едноставни луѓе со едноставен идентитет, кои не морале да се борат со ниту еден од проблемите кои им се припишуваат исклучиво на модерните времиња. Меѓутоа, ние имаме обврска материјалот кој го наоѓаме во архивите да го третираме на интелектуално одговорен начин, и да не го делиме целосно од модерната ера или од предмодерниот изгубен свет.

Користејќи го овој пасош, Анселим Удезуе во 1998 година успеал да добие туристичка виза за Австрија, Германија и Швајцарија. Се’ до неговото тргнување, цариникот на швајцарскиот аеродром не приметил дека Британски Хондурас, државата која му го издала пасошот, всушност, не постои.

Размислувајќи за тие комплексни форми на идентификација, се чини дека во вашата книга се обидувате да ја оспорите идејата дека предмодерните луѓе биле, на некој начин, „поавтентични“ од оние во ренесансата и во модерните времиња.

Она врз што се фокусирам е степенот до кој луѓето биле во можност да си ја замислат сопствената трансформација, бидејќи документите за идентификација претставуваат нешто што нè преобразува. Кога сме опишани и регистрирани, ние сме, исто така, трансформирани, и тоа не само метафорички. Физичките описи на луѓето кои биле регрутирани за воена служба, или кои биле заробени и чувани како робови, сочинуваат еден од најстарите регистри кои ги имаме. Тие луѓе биле трансформирани така што биле идентификувани и опишувани, во најбуквалната смисла на зборот.

Бидејќи студирав и историја на уметност и учев за „откритието“ на субјективитетот во ренесансна Италија, откритието дека средновековните луѓето не верувале дека портретот е идентичен на портретираното лице претставувал вистинско откровение. Портретот секогаш бил разбиран како маска, како нешто што е вешто изработено да биде тајна, како внатрешна аура на поединецот, насликана како портрет. Така, претставата на примордијалната автентичност и на идентитетот во среќниот предмодерен свет едноставно нема аналитичка вредност. Таа е можеби атрактивна, но не ни помога ништо да објасниме.

Во која мера вашиот интерес за процесите на идентификација кај средновековните и ренесансните луѓе го обликуваше животот во светот по 11. септември?

Актуелната политичка клима секако влијаеше на начинот на кој размислувам за идентификацијата, но првиот нацрт за книгава го напишав уште кон крајот на летото 1999 година. Во јануари 2001 година имав долго интервју во канцелариите на швајцарската сојузна полиција со група експерти одговорни за дизајнирање на новиот швајцарски пасош, кој би бил невозможен за фалсификување. Експертите ми објаснија дека тие први биле подготвени да го вклучат чипот интегриран со биометриските податоци на сопственикот. По 11. септември, сите истражувања за биометриските податоци, кои ги покренаа компаниите за кредитни картички, станаа оправдани со новата терористичка закана. Меѓутоа, истата технологија постоеше и пред тоа.

Кога прашав зошто е сето тоа потребно, ми објаснија со приказна за една жена од Кенија која се подготвувала да се омажи за Швајцарец. Таа патувала од Момбаса за Цирих за да добие нов, автентичен, оригинален швајцарски пасош. Откако го добила пасошот, го ставила во коверт и го испратила на својата сестра во Момбаса, која била со иста височина и возраст како неа. Сестрата, на тој начин, можела непопречено да влегува во Швајцарија, бидејќи пасошот би се сметал за автентичен и валиден. Швајцарската полиција тоа го определи како пример на фалсификување и тоа е причината поради која тие сакаа сите пасоши да имаат биометриски податоци.

Важно е тоа дека заканувачката слика на невидливиот аутсајдер се користи за да се оправда наводно моќната апаратура за регистрација и контрола на сите граѓани, со цел разликување на добрите од лошите. Тоа се приказни кои звучат познато, бидејќи ги слушаме речиси петстотини години. Се разбира, тоа е европската перспектива, бидејќи ние имавме построги обврски за државна регистрација и за носење пасоши и лични карти во последниве петстотини години. Сепак, разбирливо е дека во контекст на историјата на пасошите, биометрискиот модел претставува само нова верзија на дамнешниот јаз помеѓу лицето и документот кој мора да го претставува, репродуцира и ренатурализира граѓанинот. Нашата потчинетост на непознатите механизми на бирократијата претставува многу стар принцип, но тоа е принцип според кој функционирале процедурите за издавање пасоши и документи за идентификација уште од шеснаесеттиот и седумнаесеттиот век.

(Kraj)

Линк до првиот дел од интервјуто.

Извор: pescanik.net

Слични содржини

Книжевност / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Балкан / Култура / Теорија / Историја
Gif / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото