Мајкл Мур и Оливер Стоун во одбрана на Асанж

23.08.2012 14:13
Мајкл Мур и Оливер Стоун во одбрана на Асанж

Во текстот „Викиликс и слободата на говорот“ објавен во Њујорк Тајмс, американските филмски режисери Мајкл Мур и Оливер Стоун ја поддржаа одлуката на Еквадор да му даде азил на основачот на Викиликс Џулијан Асанж.

Нашите кариери како филмски режисери ги потрошивме за да докажеме дека американските медиуми многу често не ја известуваат јавноста за грозните акции на нашата влада. Затоа бевме длабоко благодарни за она што го направи Викиликс, исто како што му аплаудиравме на Еквадор кој му даде дипломатски имунитет на Џулијан Асанж во својата амбасада во Лондон.

Еквадор постапи во согласност со најважните начела на меѓународните човечки права. И ништо не ја докажа подобро оправданоста на тој потег колку заканите на британските власти дека ќе ги прекршат сите дипломатски принципи и ќе упаднат во амбасадата на Еквадор за да го уапсат Асанж.

Од основањето на Викиликс дознавме што се 'колатерални убијци', видовме снимки од американските хеликоптери Апачи кои убиваат недолжни цивили во Багдад, дознавме детали за вистинското лице и опачина на војните во Ирак и Авганистан, како и за притисоците на администрацијата на Обама врз другите земји да не ги процесуираат службениците на Буш одговорни за тортурата во текот на 'антитерористичката борба'“.

Мур и Стоун, и двајцата добитници на Оскар, пишуваат дека бил предвидлив одговорот на челниците кои сакаат Американците „и понатаму да живеат во мрак“.

Припадниците на двете партии бесно порачаа дека Асанж е 'хај-тек терорист'. Сенаторката Дијана Фајнштајн, членка на Демократската партија од Калифорнија, бараше тој да биде гонет според одредбите на Законот за шпионажа.
Повеќето Американци, Британци и Швеѓани знаеја дека официјален Стокхолм никогаш официјално не го обвинил Асанж за какво било злосторство. Подоцна е извлечен налогот за апсење со обвинение за сексуална злоупотреба во 2010 година.

Сите такви обвиненија мора темелно да се истражат пред Асанж да се пресели во некоја земја во која ќе биде надвор од дофатот на шведското правосудство, но Стокхолм не покажа интерес во врска со тој предлог. Дури и шведскиот министер за надворешни работи Карл Билд изјави дека неговата земја не може да вети такво нешто.

Сè на сè, потезите кои ги влечат (или понудите кои ги одбиваат) и шведската и британската влада, јасно покажуваат дека целта им е да го префрлат Асанж во Шведска, од каде најверојатно полесно ќе го префрлат во САД. А тој се плаши токму од тоа. И тоа со причина“, пишуваат Мајкл Мур и Оливер Стоун. Според многу извори, САД подготвиле подолг список на сите „гревови и кривични дела“ за кои е одговорен основачот на Викиликс.

„Меѓутоа, ако Асанж им биде испорачан на САД, последиците ќе се чувствуваат со години, во целиот свет. Господинот Асанж не е американски државјанин, ниту една од неговите акции не се случила на американска територија. Значи, ако САД можат во такви околности да процесуираат новинари, по истата логика тоа можат да го прават и Русија и Кина. Москва и Пекинг може да побараат да им биде испорачан новинар од која било страна на светот, затоа што прекршил некој од нивните закони, независно од тоа каде е текстот и за кого е пишуван. Со воспоставувањето на таков преседан мора да се позанимаваме сите, без разлика дали го цениме Викиликс или не.

Затоа ги повикуваме народите на Британија и Шведска да побараат од своите влади одговори на некои основни прашања:

Зошто нашите власти одбиваат да го испрашуваат Асанж во Лондон?

Зoшто не може да му се вети на Асанж дека нема да биде испорачан во САД?

Граѓаните на Британија и Шведска сега имаат прилика во име на целиот свет да постават светилник на слободата на говорот“, порачуваат на крајот на текстот оскаровците Мајкл Мур и Оливер Стоун.

Извор: Радио Слободна Европа