Чавела Варгас (1919-2012)

27.08.2012 11:59
Чавела Варгас (1919-2012)

Пред неколку дена, на 5 август, во Куернавака, во деведесет и третата година од животот, почина Чавела Варгас, една од најпознатите и најпопуларните латиноамерикански пејачки. Родена е во Костарика, но рано емигрира во Мексико и како таква, таа претставува провокативна и нескротлива другост за целото шпанско говорно подрачје: сиромашна, забранета љубов, со поинаква сексуалност, со иронична дистанца кон црквата, нерегуларност: беше „лоша девојка“, како и Гркинката Сотирија Белу, со која имаше и сличен глас, груб или шепотлив, секако ниту образован ниту музички префинет и стилизиран. Благодарение на тоа, можеше да ја обнови својата пејачка кариера и во староста и да не престане да настапува од деведесеттите години па сè до смртта. Нејзиниот глас беше погруб, а темите попровокативни. Дури и стана лицето на смртта во филмот Фрида (филмската биографија на Фрида Кало), на режисерката Џули Тејмор (2002). Тука ја пееше својата славна песна La Llorona. Во младоста неколку години живеела во куќата на Фрида Кало, за време на вториот брак со Диего Ривера, а сликарката и’ умрела на раце. Приказните за љубовната врска меѓу двете жени звучат уверливо. Чавела Варгас ја објави својата лезбејска сексуалност во подоцнежните години.

Чавела Варгас (уметничкото и фолклоризираното име за Изабел) ја започната својата кариера пеејќи на улиците на Мексико Сити. Во триесеттите години станала популарна, пред сè во уметничките и интелектуалните кругови. Често настапувала облечена во машка облека, со револвер или камшик, текстовите ги пеела во машки род, но нејзината популарност постојано растела, не само во Мексико, туку и во САД. Исчезнала во текот на седумдесеттите и тоа токму во времето кога се појавило мексиканското движење за правата на хомосексуалците, а таа била негова икона; петнаесет години се борела со алкохолизмот. Повторно се појави дури во деведесеттите години и стана уште попопуларна од претходно. Беше музичка муза на филмскиот режисер Педро Алмодовар. Песните на Чавела можат да се чујат насекаде – особено на собирите на индигнадосите во Шпанија. Старицата во црвено пончо и со рапав глас остана фигура на отпорот.

Видот на музика што го пееше Чавела Варгас се нарекува ранчерас, тоа е селска музика, поточно, една варијанта на соло пеење во придружба на гитара. Попозната варијанта на оваа музика е големиот оркестар, речиси секогаш мобилен, наречен маријачи, што го означува преминот во урбаната култура, особено во дваесеттите и триесеттите години на минатиот век. Во 1929, кога завршила мексиканската револуција почната во 1910, многу мексикански уметници се засолниле во САД, но по враќањето својата земја и нејзиниот фолклор почнале да ги гледаат од нов агол. Без никакво сомневање, на новата мексиканска визуализација и на новото поимање на Мексико темелно влијаел Сергеј Ејзенштајн со својот филм Вива Мексико, снимен во 1930, никогаш завршен, но материјалот бил познат. Во 1979 се појавила една заокружена верзија. Иако револуцијата завршила со воведување еднопартискиот систем, Мексико напредувал, а културата се организирала околу истражувањето на народната традиција особено на левоориентираната мисла. Филмот и популарната култура, најмногу промовирана токму со филмот, станале препознатлив феномен во светски размери. Многу често музиката и ѕвездите се сретнувале во Холивуд: така Чавела Варгас пеела на свадбата на Елизабет Тејлор и Мајкл Тод.

На другиот крај на светот, на Балканот, односно во Југославија, феноменот на мексиканската музика добил сосема неочекувани размери: оддалечувањето од советската култура и несигурното прифаќање на западните културни производи произвело нова побарувачка, а мексиканската музика и филм, кои биле толку длабоко социјално обележани, предивикувале кај публиката мешавина од страсти, тага и музика, што совршено се вклопувале. Филмот Un dia de vida, од 1950, на режисерот Емилио Фернандез, во Загреб се прикажуваше две третини од годината во преполни сали, а слично било и насекаде низ Југославија. Тоа е првиот игран филм на којшто се сеќавам – поточно, се сеќавам на мајка ми и на баба ми во кино, како неутешно липаат. Мислам дека уште од тоа време тешко поднесувам музички филмови... И денес на Youtube се објавени делови од овој филм, дури и целиот филм, со хрватско потекло и хрватски преводи. Емилио Фернандез, нарекуван и El Indio, еден од најголемите мексикански режисери, беше сценарист на оваа величенствена мелодрама. Во текот на краткиот престој во Холивуд ја обележал поп-културата: послужил како модел за статуетката за Оскар...

Она што следувало во Југославија е веќе познато: сè до седумдесеттите години, мексиканската музика била најпопуларен жанр. Македонската група Мањифико го забавувала дури и Тито на дочеците на Нова година, а вистинските ВИС-овци не се двоумеле да ја вклучат оваа музика во својот репертоар.

Несомнено, Чавела Варгас е производ на културата што умеела да ги осмисли револуцијата, фолклорот и холивудските техники за стекнување популарност – истовремено. Како редок историски сведок на своето време, таа можела да ја пренесе целата повеќезначност на определбата за „народното“ по револуцијата и притоа да не ја изгуби ниту социјалната нота ниту отпорот на поинаквите. Нејзините искуства со интелектуалците и уметниците од триесеттите, четириесеттите и педесеттите години не ги доживеал никој, единствено таа ја знаела целата приказна. Нејзиното појавување по петнаесет години, во сосема поинаков општествен и културен контекст, докажува дека промените донеле бројни исти проблеми и тоа во уште поголеми количини, а нејзиното пеење било попотребно од било кога порано. Доволно е да се сетиме на 1968, во Мексико Сити, на студентското движење и на колежот и на Олимписките игри на коишто црните спортисти дигнаа стисната тупаница додека во нивна чест одекнуваше американската химна. Денес пеењето на Чавела Варгас дава сјаен пример за разбирањето на народското, што инаку често ги збунува Европјаните, освен Медитеранците. Љубовта за наједноставните, за „сиромашниот стил“, за јасните и разбирливите вредности на животот, за малите задоволства и за свеста секогаш отворена кон неправдите и општествените проблеми не е лесно да се објасни, уште помалку да се изгради како систем. Латиноамериканскиот и медитеранскиот свет во тој поглед имаат многу заеднички особини, па релативно лесно се „препознаваат“. Европската љубов кон таквиот стил на живот и навики понекогаш има шизофрени одлики: нив и денес уште ги читаме во стереотипите што се шират во метастази низ европските медиуми кога е кризата во прашање.

Почнав да ја барам Чавела Варгас во деведесеттите и не беше лесно да се најдат нејзините дискови. Минатата година здогледав еден нејзин албум во самопослугата Шпар некаде во Алентеж, во источна Португалија. Посегнав по него, исто како и некој жена од другата страна на корпата. Ни се сретнаа погледите, заедно со рацете. Ми се насмеа и ме праша од каде доаѓам – многу Португалци зборуваат англиски. Кога и’ одговорив, уште повеќе се насмеа и ми рече: „Тогаш Чавела ви е попотребна отколку мене, јас лесно ќе ја најдам“. Тоа не беше сè: отиде до касата, нешто поразговара со продавачката, а потоа оваа ми ги донесе од магацинот сите дискови на Чавела Варгас што ги имаа и што ги подготвуваа за распродажба со попуст.

И што е тоа што мене ми е „попотребно“ во делото на пејачката којашто со смртта само се пресели во бесмртноста? Токму дрската реалност на светот виден без цензура, веселбата и тагата што не се срамат една од друга ама и што често си се потсмеваат меѓусебно, отвореноста за другоста, препознавањето на заборавеното и потиснатото, празник од никакви причини, жалост над сè. Секој пат кога пее Чавела Варгас ја менува положбата на континентите, ги тера да се судираат, а нас да скокаме од еден на друг, среќни поради разликите.

Извор: Peščanik.net

ОкоБоли главаВицФото