Технологија на легалното пљачкосување

28.08.2012 10:30
Технологија на легалното пљачкосување

Во речниците успеав да најдам дури 17 значења на зборот “spread”, но со малку корист. Речниците биле пишувани кога тој збор го немал значењето кое денес го прави битен. Со помош на пријателите полиглоти, значењето го сведов на „опсег“ или „разлика“, а оние како: мачкање, обилен оброк, ширење... ги отфрлив. Современото значење е: спред или разлика во вредноста помеѓу германските државни обврзници и обврзниците на некоја друга земја од еврозоната. Своевидно одмерување на цврстината, бидејќи во еврозоната инфлацијата е маскирана, па затоа не се покажува јасно како мерка за нерегуларноста. Спредот е главниот параметар за утврдување на рендерот (англиски), а тоа значи „враќање на инвестицијата“. Нешто повеќе од 100 поени спред сочинува 1 отсто рендер. Значи, таквиот рендер или рендемент (француски) е оној процент на попуст од номиналната вредност на обврзниците со кои државата ја стимулира нивната продажба. Колку е повеќе државата задолжена,толку е нејзиниот рендер (попуст) поголем. Тоа значи дека се зголемува износот на каматите со кои го плаќа долгот. Да не гњавиме, накратко кажано: долговите на Италија и на Германија се номинално речиси исти – нецели 2000 милијарди евра. За сервисирање на долгот, Италија годишно плаќа 84, а Германија 40 милијарди евра! Секои 100 поени спред го зголемуваат италијанскиот долг за 3 милијарди евра годишно. Каматите кои Италија ги плаќа се четири пати повисоки отколку германските, додека грчките се пет пати повисоки отколку италијанските.

Доколку ова добро го објаснив, ќе стане јасен и механизмот на шпекулацијата. Шпекулацијата се врши со надувување на спредот, чија вредност ја одредува невидливата рака на пазарот и тука нема место за протестирање. Стварноста е дека спредот го диктираат големите играчи на берзата, на тој начин што на пазарот фрлаат цели пакети обврзници на земјата која решиле да ја пљачкосаат, со што нејзиниот спред (а, со тоа, и рендерот) незадржливо скока, заедно со обврските на земјата-должничка. Економскиот институт на италијанското Здружение на индустријалците – Confindustria, објави студија која покажува дека на 16. јули италијанскиот спред на берзата изнесувал 495 поени, а дека, според деталните пресметки на Институтот, требало да изнесува 164 поени. Вишокот е резултат на шпекулациите на пазарот. Поради таквите махинации, кои се легални, Италија, во текот на последните две години, загуби 23,7 милијарди евра, при што, негативното влијание врз семејниот приход изнесува 12,1 милијарди евра, додека 144.000 вработени ги загубиле своите работни места. Берзанските волци, кога ќе намирисаат беспомошен плен, немаат милост. Математиката е јасна – ако е тоа цената која ја плаќа Италија, чиј рендер изнесувал 5,98 отсто, уште поскапа сметка имаат Шпанија (рендер 6,80), Португалија (10,47) и Грција (25,39).

Постои уште една финансиска заседа за должниците: купувачите на обврзниците на Германија, Холандија, Франција, Австрија и, спротивно на логиката, Белгија (105 отсто долг според БДП) плаќаат повеќе од вредноста на државните обврзници, и тоа во висина на разликата помеѓу рендерот и инфлацијата. Тоа не е многу (од 0,05 до 0,75), но обврзниците кои се мерат со милијарди носат 20, 60, па и повеќе милиони. Згора на тоа, над 1000 милијарди евра излегоа од PIGS државите во Германија, САД, Велика Британија, заради страв од можно пропаѓање.

Не сум склон да застанувам на страната на оние кои лекомислено се задолжувале и расипнички ги трошеле кредитите. Неодговорноста на Грција е анализирана и таа мора да се плати. Меѓутоа, не се работи за исплата, туку за дерење на кожата на должникот, кој, во вакви услови, нема никакви шанси некогаш да влезе во „зелено“. Во име на штедењето, сите земји од PIGS групата ги блокираа платите и пензиите, ја укинаа тринаесеттата плата, ги намалија надоместоците за невработеност (Грција ги укина), ги зголемија даноците, го намалија бројот на вработените во јавната администрација (во Грција за 15.000, а во Италија за 20.000), ја намалија минималната плата и јавната потрошувачка (за 24 милијарди евра во Италија, за 65 во Шпанија), а резултатот е (благодарение на лулашката спред/рендер) уште поголем долг отколку пред стегањето на ременот. Логично би било ескалацијата буквално да задуши некој од должниците. Тоа не е изводливо, зашто државите не можат да банкротираат (наместо тоа, главно следи државен удар) и зашто никој не е луд да ги убие кокошките кои носат златни јајца. Со помош на овие кокошки/должници неверојатно лесно се цедат следните милијарди евра (вкупно над 1000 милијарди) од ECB, ESM (Европскиот механизам за стабилност), EFSF (Европска установа за финансиска стабилност), преку кои демек се спасуваат должниците. „Помошта“ на должниците ќе им наметне уште поголеми „работни должности“, р’мбање и осиромашување, во пакет со уште поподредена позиција. Новиот финансиски гулаг почнува да функционира.

Медиумското заплашување со заканите за пропаст, и покрај релативно стабилното евро, е во функција на таквата политика. Не е мал бројот на економистите и публицистите кои го поддржуваат социјалниот дарвинизам, кои тврдат дека така треба да биде, бидејќи тоа е економската слобода (либерализам) на селективниот напредок. Највештите криминални заплети не се случуваат во романите, туку во животот.

Извор: pescanik.net