Pressure on people – People on streets

29.08.2012 10:54
Pressure on people – People on streets

Овој август, ептен е примамлива идејата кој било текст да се почне со приказната за кубурата во гаќите што ја чува Трпе „за недај боже“. Да се грабне прастарата приказна и по милијардити пат да се стави во современиот контекст. Во автобусите, во амбулантите, пред бакалниците, секаде се врти истиот муабет: „А, бе, многу скапа е живеjачкава! Не се издржува! Ќе немаме за леб! Ќе измрзнеме зимава...“ На тоа, маалскиот циник, по правило возвраќа: „Ако! Убаво ни прават! На овој народ така му треба, ене во вторникот на протести само илјада души излегоа! Се додека не излезат сто илјади души, вака ќе ни прават!“ Тука завршува општествената активност. Сите, со пазарското кесе в рака и рецептите за лекови под пазува, си одат накај дома за на раат да си плачат над судбата. Кубурата си седи в гаќи. Малку боцка одзади, под опашката, ама утешително е да се знае дека е тука „за недај боже“.

Сепак, тука завршува мојот опортунизам и просторот за оние со кубурата в газ. Далеку поинспиративни ми се оние мажи и жени што направија сметка дома, видоа дека не можат да живеат достоинствено под условите кои им ги овозможува државата и како вистински патриоти излегоа на улица за да ја подобрат земјата чии државјани се и чие име е Република Македонија.

Кога чекорам со нив, како да чекорам со сите оние генерации патриоти што ја создавале државата. Како да чекорам со оние што го напишаа Манифестот во Крушево: „Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати, шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња“. Како да чекорам со оние што се собраа во Прохор Пчински за да го прогласат создавањето на државата Македонија: републиканска, социјална, лаичка земја на сите кои живеат во неа, држава во која се еднакви сите, без разлика на мајчиниот јазик, верата и полот во кои се затекнала при раѓање. Како да чекорам со оние што кога го напишале Уставот на Република Македонија, на самиот почеток во првиот член, одредиле: „Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава“. Значи, држава која се грижи за социјалната добросостојба нејзините граѓани. А, малку подолу, во истиот Устав на Република Македонија кога ги поставувале темелните вредности кои ја одржуваат Македонија во живот, објавиле: „Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се:
- основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот... - Хуманизмот, социјалната правда и солидарноста...“

Овие луѓе кои маршираат секој вторник, пред наши очи, повторно ја градат Републиката. Повторно ја дефинираат како земја на луѓе кои за својата слобода, права и правда се бореле и победиле во таа борба. Или уште поточно, повторно ја дефинираат како земја на луѓе кои се борат за својата слобода, права и правда и во таа борба ќе победат! Тие се луѓе од сите генерации и сите националности, активисти, пензионери, работници, домаќинки, невработени. Тие се совршен репрезентативен примерок на сите граѓани на Македонија и во нив се огледува будењето на свеста и свесноста на сите што живеат овде.
Некои се јадосуваат околу бројноста на протестантите. Во Скопје биле само илјада, исто и во Битола, во Прилеп шестотини. Нешто помалку во Куманово и Тетово... Во ’41, во Скопскиот одред имало 42 партизани, во Прилепскиот 39, во Козјачкиот 25, во Карадачкиот 15. Вкупно 121 партизан. Нивното движење, за четири години ги победи нацистите, фашистите, националистите и сите други угнетувачи кои ја цеделе крвта на народот во Македонија. Сега протестите имаат бројност која во ’41 можела само да се сонува, а верувам дека како што ќе натежнуваат новите сметки и новите цени, како што ќе почне да не притиска студот во зимата што наближува, бројноста ќе расте, а колоната протестанти ќе станува се подолга. Се додека еден ден не ги исполни сите улици или барем онолку колку што е доволно за некој да разбере дека со народот не може да си игра!

Кога сме веќе кај игрите, најужасна (но, прилично делотворна) игра која ја имаат на располагање оние што нема да успеат да му обезбедат на народот достоинствен живот, е национализмот. Таа, пеколна, опојна, секси дрога, тој бордел на митови и легенди што им ги стеснува видиците на гладните, што им сервира измислени виновници и непријатели на невработените. Гладни сме заради Албанците, бедни сме заради Македонците, ТИЕ ни ја земаат земјата, ТИЕ ни ја газат честа... Злобниот циклус не се храни самиот себеси, го хранат популизмот, исклучивоста и политчката прагма на владејачите. Во ситуација кога сите розеви маркетиншки приказни не можат да го надвикаат кркорењето на празните стомаци, омразата кон „другите“ е врвна алатка за пренасочување на вниманието.

Сепак, морам да се навратам на кубурата в гаќи. Она нешто што ги боде задниците на сите кои немо гледаат како животите им поминуваат во постојано тонење. Кубурата не е некое страшно пиштолиште, ниту голема пушка со уште поголеми куршуми. Не е ниту анџар за сечење вратови, ниту стап за кршење коски. Кубурата е твојот глас! Кубурата е твојата подготвеност да им се развикаш в лице на оние што ти буричкаат по животот. Кубурата е твојата подготвеност да се победиш себеси и да им се приклучиш на оние луѓе на улица кои се подготвени да се борат за нивниот сон. Нема пострашно нешто од пасивноста, нема посрамно нешто од тоа да не се заложиш за своите права, за својот живот. Ако ти е страв, запрашај се дали и уште колку долго сакаш да живееш во страв? А, ако ти е добро и задоволен си од општеството во кое живееш... Тогаш, ништо.

Благодарам! Ми легна на срце.

Благодарам! Ми легна на срце. Ајде, пишувај уште.

Во очигледно отсуство на

Во очигледно отсуство на алтернатива на капитализмот, практичните борби се докажале како самоограничувачки.

јас бев на првите два

јас бев на првите два протеста на Аман! и се зачудив од малиот број излезени, небаре луѓево сакаат да плаќаат поскапа струја. или само сфатиле дека мирни протести нема да променат ништо. веројатно потребни се насилни протести за да се привлече вниманието на власта и одговорните, но тоа значи и некој да ризикува да оди во затвор. и тука лежи прашањето: дали некој е спремен да оди во затвор? да фрли неколку јајца врз триумфалната капија, да скрши неколку прозорци на регулаторна комисија, да се помоча во фонтаната под воинот на коњ, да се посере пред зградата на собрание или на владата? има ли таков јунак? јас уште сега ќе признаам дека не сум таков - радикален.

Кубурата не е некое страшно

Кубурата не е некое страшно пиштолиште, ниту голема пушка со уште поголеми куршуми. Не е ниту анџар за сечење вратови, ниту стап за кршење коски. Кубурата е твојот глас!

Епа запалете го ЕЛЕМ или како

Епа запалете го ЕЛЕМ или како и да се вика за сите да немаме струја.

Убаво го цитираш Крушевскиот

Убаво го цитираш Крушевскиот манифест. Ама зачудо си го изоставил делот во кој ги повикуваат Арнаутите да им се придружат. Можеби ако Арнаутите не се укључуваат на диво, со што мораме ние да ја плаќаме сметката за нив, немаше ни да има поскапување. Затоа, викни ги и Арнаутите на помош, како нашите славни претци!

Не треси, одговорните за

Не треси, одговорните за поскапувањата седат во Регулаторна, не во Арачиново.

Точно, не знам што се буни

Точно, не знам што се буни овој. Ко да не може да плати плус 300 денари за Агим од Арачиново. Македонски циции.

Слични содржини

Општество / Активизам / Квир / Живот
Општество / Активизам / Фотографија / Став
Општество / Активизам / Екологија / Уметност
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Свет

ОкоБоли главаВицФото