Бебето од катран (1)

30.08.2012 11:46
Бебето од катран (1)

Следниве десетина денови, во седум продолженија, ќе ја претставиме книгата на Денко Малески, „Бебето од катран“, за која веќе имавме рецензија.

Им благодариме на Денко Малески и издавачот „Култура“ за отстапените страници.
Редакција „Окно“

 

1

Како се формираше мојата политичка свест

 

Ова е секирата на дедо ми.
Татко ми го смени сечилото,
а јас ја сменив дршката.
Полска поговорка

Во 1991 година, Југославија ја проголтаа националистичките вртлози кои предизвикаа етнички колежи невидени во Европа уште од времето на Втората светска војна. Создадена во 1944 од југословенските партизани, Македонија мораше да преживее. Овој пат, сосема сама. Во настаните од тие драматични времиња, имав своја улога. На возраст од 44 години, професор на Правниот факултет на униветзитетот „Св. Кирил и Методиј“, и тукушто вратен од Америка каде што, преку фулбрајтовата програма за размена на научници, бев визитиг професот на еден тамошен универзитет, станав министер за надворешни работи во првата влада на независна Македонија.

Роден сум во Скопје, на 14 ноември 1946, како единствено дете на Марија Аливантова и Владо Малески. Еве ги, во неколку реда, семејните приказни на Аливантови и на Малевци.

Во триесеттите години од минатиот век, во пресметките што беснееле низ улиците на Софија помеѓу фракциите на македонските бугари, бугарските историчари ја бележат и оваа епизода. Вечерта на 23 февруари 1933 година Христо Аливантов влегува во дуќанот на улица „Пиротска“, додека двајца негови соработници се распоредуваат на влезот. Со револвер во раката одлучно тргнува кон тезгето со намера да изврши уште едно политичко убиство и да го ликвидира сопственикот. Сопственикот на дуќанот, Шентев, пак, кој под весникот распослан на тезгето секогаш држел откочен револвер, пука прв и смртно го погодува Христо. Утредента, весниците рутински регистрирале уште една жртва на „македонските убиства“, овој пат како пресметка помеѓу приврзениците на Ванчо Михајлов и на генералот Протогеров. Никој не прашал кој, всушност, е Христо Аливантов?

Роден во Гуменџа, Егејска Македонија, во државата наречена Кралство Грција, Христо, според сведоштвото на неговиот брат Вангел, бил интелегентен и бунтовен млад човек. „Земаше по два класа во една година“, ми вели стариот„бај Вангел“, турива нова чашка ракија, со показалецот ги мачка рабовите на чашката со сол и со пипер, и го фрла овој жив оган во својата кревка утроба. „Барем да останеше тука, ќе беше жив и денес... “, вели мајка ми, а Вангел и скокнува во реченицата:„ Ќе го убиеа и тука“, а потоа мирно додава „Таков беше тој“. Но, раскажува„ Времињата беа лоши, па и ние едвај се сочувавме“. Вели дека во времето на војните, роднини присилно регрутирани во непријателски табори морале да се довикуваат во темница за да не се испоубиваат меѓу себе. Бунтовниот Христо, пак, мобилизиран во грчката армија, служи воен рок на границите кон Турција. Таму, во местото Чирикеј ја запознава убавата шеснаесетгодишна Гркинка, со густи тракијски веѓи, Елена Ангелу, и ја носи во родното место како своја жена. „Не зборуваше по нашински“ вели бај Вангел за младата невеста на својот брат Христо. Кога, во некаков настап на бес, Христо со тупаница удира грчки офицер, пријателите го префрлаат преку границата и го засолнуваат во Софија. Таму, баба ми Елена раѓа две деца, мајка ми Марија и вујко ми Иван, и набргу потоа умира од туберкулоза. Дедо ми Христо ги дава своите деца во софиското сиропиталиште „Битола“, финансиски помагано од царскиот двор. Работи како бербер, но неговата страст е Македонија, за која убива се додека и самиот не е убиен.

Во Струга, во државата наречена Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, во 1919 се раѓа Владо Малески. „Молитвите до свети Јон Владимир и минѓушето-амајлија на неговото уше, ми го сочуваа “, велеше баба ми Докса, на која и умреле претходните пет рожби. Син е на печалбарот Крсте Малески, кој лебот го вадел како фурнаџија во Шкодра, каде што Владо оди во основно училиште. Како стипендист на Кралството Југославија, Владо учи српска гимназија во Битола, за бесплатен стан и храна,живее во битолската богословија, а потоа студира право во Белград. Уште во Битола се поврзува со комунистичкото движење, а по капитулацијата на Југославија во 1941 година се враќа во во родното место и организира востание. Со гитарата в раце, секогаш расположен за песна, Владо, чија страст, исто така е Македонија, е затворен од српските власти поради пеење на песната за Миле Поп Јорданов. На пречекот на новата 1942 година во Струга, пријателите за прв пат ја слушаат неговата композиција „Денес над Македонија...“. Со почетокот на Втората светска војна и распадот на кралството Југославија, Владо се вклучува во комунистичкото движење и е еден од организаторите на востанието во струшко. На состанок на комитетот со Кузман Јосифовски Питу во куќата на Малевци, на која и денес има мермерна плоча со која се обележува настанот, Докса, мојата баба, раскажуваше како ги послужила со слатко и студена вода, а кога сакала да замине, Кузман ја прашал, дали им го дава Владо. „Се исправив пред нив“, кажуваше баба ми Докса, стружанка па со само тоа и талент за раскажување, и им реков „вие сте на Владо, Владо е ваш“. „Следеше силен аплауз“, рече, задоволно.

По второто апсење, овој пат од бугарските власти, од битолскиот затвор е испратен во затвор во Софија, тепан и принудуван да потпише изјава на која пишува дека самиот си го одзема животот, а потоа ослободен со обврска еднаш неделно да се јавува на полициските власти. Во една менза во Софија, Владо ја среќава шеснаесетгодишната ќерка на Христо од Гуменџа и на Елена од Чирикеј, Марија Аливантова, со истите тракиски веѓи на мајка и. „Јас сум нашинец“, биле неговите зборови при запознавањето. „Беше многу пристоен, беше многу внимателен“, многу години подоцна ми рече мајка ми. На заминување во партизани, Владо и ветил на Марија дека ако остане жив ќе дојде повторно во Софија и ќе ја земе за жена. Така и се случило. Непосредно по војната заминува за Софија и ја носи невестата преку граница во Народна Република Македонија, дел од државата наречена Федерална Југославија. „За малку ќе се разминевме, зашто јас, со група медицински сестри, се спремав да тргнам тоа попладне со воз на другиот крај на Бугарија“, раскажуваше подоцна мајка ми. „Не можев да си верувам на очите дека тој стои на вратата. За малку ќе се разминевме...“.

Ова е од кажување. Првите мои сеќавања, пак, се врзани за поделено семејство - едно на мојот татко во кое што израснав и второто на мојата мајка. Моите родители, имено, се развеле кога сум бил на двегодишна возраст. Пишувам за ова затоа што во тие сеќавања има и многу политика под чие влијание, во тие рани години, претпоставувам, се формирала и мојата свест. Татко ми беше истакнат деец на револуционерната власт задолжен за создавањето и развојот на новата македонска култура како белег на нацијата која, по многу историски колебања, конечно се роди во војната. Купот догорчиња во огромниот пепеларник на неговата работна маса беше доказот кој, мене на неколкугодишна возраст, катаутро ми кажуваше дека претходната ноќ тој пишувал на масата на која што имаше распослано ракописи. Во стан во Скопје, на улица „Орце Николов“ бр.86, национализиран од револуционерната власт, работната соба секогаш интензивно мирисаше на тутун, беше преполна со книги, а големата црна гитара имаше почесно место.

Пишувањето, не политиката, беше полето на кое што татко ми се докажуваше. Подоцна разбрав дека тоа не било „обично“ пишување, какво што, претпоставувам, би било на јазик со традиција, каде на писателот му останува само да ја раскаже својата приказна. За Владо, како и за писателите на неговата генерација, пишувањето беше многу повеќе - чин на создавање на јазикот, чин исполнет со страст кон зборовите, каква што, претпоставувам, имале оние кои откривале нови континенти. Конечно, за нив, пишувањето било чин на продолжување на војната и на револуцијата, но со други средставa. Во „Јазли“, Владо ќе запише за пекањата на својата рана младост: „Ретко кога сум се обидувал да се видам себеси решителен,бескомпромисен, изграден во секој поглед, авангардист. Можеби зашто во мене како да бујаше, самоодсебе, една прастара желба: низ литературата да се остварам...Јазикот беше моето распетие. Македонскиот. Рацин восхитуваше но не споможуваше: неговата поезија се напојуваше од народната та му се вдаде да состави поетски јазик, но за мојата идна проза – проблемска, мисловна, пролетерска, национална, полемичка...требаше да се искачувам на Олелија, од подножјата па нагоре... до кај што ќе имам сила да стигнам. Понекогаш, вгорен, онеспособен да ја опсудувам стварноста на нашето време, пожелував да направам таков подвиг што ќе ме одведе на робија. Зашто бев слушнал за робијашниците како за творечки работилници („Капиталот“преведен), црвени универзитети. Таму, намира, да го создавам изразот, речник да скројам (колку за мене), замислите да ги испишам во зборови...Но подвизи немаше (како да има кога не сум скроен по таа мера?) и робија немаше...“ Пишувањето беше неговата борба за идеалите на неговата револуција. Борбата за Македонија. Се разбира, гарантот на идеалот на партизанската генерација беше македонската држава со чија помош младите револуционери, кои во 1944 во униформи и со пиштоли во појасот слегоа од планините и ја воспоставија новата власт и новата нација за која копнееја и за која пееја песни. Да. Од времето кога Владо, студент во Белград, уште пред војната, бил затворен во струшкиот затвор затоа што на некаква приредба во текот на летото, ја отпеал песната за Миле Поп-Јорданов кој, нели, гине за Македонија.

(продолжува)

Фотографии: Алексеј Мјакишев

Слични содржини

Историја
Општество / Став / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото