Меѓународна изложба на архитектура во Венеција

05.09.2012 08:58
       Меѓународна изложба на архитектура во Венеција

Меѓународната изложба на архитектура во Венеција оваа година се одржува под наслов „Заедничка основа“ и е посветена на архитектурата како дисциплина, испитување на заедничките интелектуални и физички елементи кои ја одредуваат, како и нејзината улога во обликувањето на модерното општество, урбаниот, еколошкиот и политичкиот простор.

Централната изложба на Биеналето за публиката е отворена на 29 август и носи 66 проекти со кои во просториите на венецискиот Арсенал и во павилјоните на Giardinа ќе бидат претставени 118 најпознати светски архитекти, фотографи, уметници, критичари и академици. Предвидени се и 18 дополнителни случувања – изложби, инсталации и предавања, на различни локации во Венеција.

Во центарот на интерес на овогодинешното Биенале е она што архитектите имаат заеднчко – од околностите во кои создаваат, до влијанието, историското наследство и афинитетите кои го врамуваат и констектуализираат нивното дело. Директор е Дејвид Чиперфилд кој Биеналето сака да го искористи како прилика за зајакнување на разбирањето на модернта култура на архитектурата, како и ставање нагласок на филозофските и практичните карактеристики кои ја дефинираат.

„Го избравме Дејвид Чиперфилд пред се свесни дека станува збор за архитектура која негува интензивна визија на архитектурата како пракса“, рече образложувајќи го таквиот избор претседателот на Биеналето Паоло Барата. „Сметавме дека е важно да се набљудува архитектурата со нагласок на самите темели на таа дисциплина, сакајќи да фрлиме светло на богатите обрасци на врските и асоцијациите, интензивниот дијалог помеѓу архитектите на сегашните и минатите генерации, како и на нивните референтни точки“.

Насловот „Заедничка основа“ се однесува на силната поврзаност на градбата со просторот кој ја окружува, со цел давање на сериозен поглед во значењето на тие простори – политички, општествени, како и јавни простори од кои архитектурата е интегрален дел, настојувајќи на тој начин да развиеме разбирање на нејзината улога во одредување на заедничките основи во некој град. Темата исто така е и намерен чин на отпор спрема доживувањето на архитектурата како производ на единствена визија на поединечни таленти: целта на изложбата е да се укаже на фактот дека архитектурата е последица на интерна поврзаност – интелектуална и практична, со заеднички проблеми, текови и намери.

„Сакаме да го потврдиме постоењето на култура на архитектурата која не ја создава само талентираниот поединец туку е збир на богат континуитет на различни идеи кои имаат корени во заедничката историја, амбиции, очекувања и идеали“, изјави Чиперфилд. „Сакаме да ја нагласиме заедничката основа на целата професија, без оглед на јасната разлика на денешната архитектонска продукција. Размената на идеи е клучна за постоењето на култура на архитектурата, а улогата на архитектот во најдобар случај е онаа критичка попустливост бидејќи тие единствено можат да делуваат низ механизмите кои ги вработуваат и кои ги контролираат нивните настојувања. Нашите идеи зависат од рекацијата на општеството и според нив се вреднуваат“.

На свеченото отворање на 29 август беа доделени и овогодинешните награди кои ги доделува стручно жири – Златен лав за најдобар национален настап, Златен лав за најдобар проект на Меѓународната изложба „Заедничка основа“ и Сребрен лав за најдобар млад архитект.

Во истата пригода на португалскиот архитект Алвар Сиз Виеири му беше доделен Златен лав за животно дело.

извор: e-novine

 

ОкоБоли главаВицФото