Зошто Америка и Израел се најголема закана за мирот

14.09.2012 09:11
Зошто Америка и Израел се најголема закана за мирот

Не е лесно да се побегне од сопствената кожа и да се согледа светот од друг агол, наспроти оној кој ни го претставуваат од ден за ден. Но, не е лошо да се обидеме. Да погледнеме неколку примери.

Воените барабани сѐ погласно татнат над Иран. Замислете ситуацијата да е обратна.

Иран води злобна и разурнувачка војна од низок интензитет против Израел, во содејство со една велесила. Неговите лидери изјавуваат дека преговорите не водат никаде. Израел одбива да го потпише договорот за нуклеарно разоружување и не дозволува влез на инспектори, како што правеше Иран. Израел и понатаму останува глув на повиците од огромен број земји од меѓународната заедница за зона без нуклеарно оружје во регионот. За сето време Иран ја ужива поддршката на својот голем заштитник.

Потем иранските лидери најавуваат дека намераваат да го бомбардираат Израел, а истакнати ирански воени аналитичари известуваат дека нападот би можел да се одигра пред претседателските избори во САД.

Иран може да го употреби своето моќно воено воздухопловство и новите подморници кои му ги испрати Германија и вооружувањето со нуклеарни проектили разместени блиску до израелскиот брег. Каков и да е планот, Иран смета дека неговиот моќен заштитник ќе се придружи на нападот, а можеби и ќе го поведе. Секретарот за одбрана на САД, Леон Панета, вели дека иако ние не сме наклонети кон таков напад, Иран како суверена држава ќе ги штити своите интереси.

Сето ова, секако, е незамисливо, но навистина се случува, само што улогите се обратни. Навистина, споредбите никогаш не се егзактни, а ова е нечесно – спрема Иран.

Освен со својот заштитник, Израел се служи со насилство по кејф. Продолжува со илегално населување на окупираните територии, чии поединечни делови се анектирани, дрско кршејќи го меѓународното право и спротивставувајќи му се на Советот за безбедност на ОН. Истрајно спроведува напади врз Либан и врз заробените луѓе во Газа, убивајќи десетици илјади луѓе без вистински причини.

Пред триесет години Израел уништи еден ирачки нуклеарен реактор, и тој чин во последно време се вреднува, додека се игнорираат силните докази, кои потекнуват дури и од американските известувачки служби, дека тоа бомбардирање не ја уништи нуклеарната програма на Садам Хусеин, туку дека ја покрена. Бомбардирањето на Иран може да има исти резултати.

И Иран вршеше агресија – но во последните неколку стотина години, само под шаховиот режим, кој го поддржуваа САД, кога ги зазеде арапските острови во Персискиот залив.

Иран под режимот на шахот започна два нуклеарни програми, со силна поддршка од официјален Вашингтон. Иранската влада е брутална и репресивна, како вашингтонските сојузници во тој регион. Најважниот сојузник, Саудиска Арабија, е најекстремниот исламистичко фундаменталистички режим, и троши огромни пари на ширење на своите радикални вахабистички доктрини во странство. Диктаторската држава од Заливот, исто така сојузуничка на САД, брутално го задушува секој обид на населението да се придружи на Арапската пролет.

Движењето на неврзаните - владите на поголем дел од светското население – сега се состанува во Техеран. Оваа група силно го поддржа правото на Иран да збогатува ураниум, а некои членки, на пример Индија – ги почитуваат строгите американски санкции само делумно и без волја.

Делегатите во Движењето на неврзаните ја препознаваат заканата која доминара во дискусиите на Западот, и која луцидно ја формулира генералот Ли Батлер, поранешен шеф на Стратешката команда на САД: „Крајно е опасно во котелот на анимозитети кој го нарекуваме Блиски Исток“, една држава нуклеарно да се вооружува, и така „да поттикнува други држави да го прават истото“.

Батлер не зборува за Иран, туку за Израел, кој во арапските земји и во Европа се смета за најголема закана за мирот. Во арапскиот свет САД се рангира како втора по големина закана, додека од Иран, иако не го сакаат, помалку се плашат. Во многу анкети, поголем дел од тамошните граѓани сметаат дека регионот би бил безбеден кога Иран би имал нуклеарно оружје за да ги урамнотежи заканите кои ги добива.

Ако Иран навистина се движи кон нуклеарно вооружување – ова сè уште им е непознато на американските разузнавачки служби – тоа е можеби зашто е „поттикнат да го прави истото“ од американско-израелските закани, кои редовно се изнесуваат во остра спротивност со Повелбата на Обединетите нации.

Зошто тогаш Иран е најголема закана за светскиот мир, како се претставува во западниот дискурс? Примарната причина ја препознаа американската војска и разузнавачките агенции, како и нивните израелски колеги: Иран би можел да ја разниша решеноста на САД и Израел за употреба на сила.

Со тоа Иран мора да биде казнет поради својот „успешен отпор“, како што гласеше обвинението на Вашингтон против Куба пред половина век, што и понатаму е двигател на американското насилство над Куба, кое продолжува и покрај меѓународните осуди.

Едено друго случување од насловните страни исто така би можело да се разгледа од друга перспектива. Да замислиме дека Џулијан Асанж обелоденил руски документи со важни информации кои Москва би сакала да ги сокрие од јавноста, а околностите да останат исти.

Шведска не би се двоумела дали да продолжи со својата истрага, и би прифатила да го сослуша Асанж во Лондон. Би објавила дека ако Асанж се врати во Шведска (на што тој се согласи), нема да биде предаден на Русија, каде што шансите за чесно судење се мали.

На Шведска би ѝ се укажувала почит поради нејзиниот принципиелен став. Асанж би бил фален за својата работа во служба на граѓаните – што, секако, не би ја нарушило потребата обвиненијата против него да се сфатат сериозно во сите тие случаи.

Најважните вести овде се однесуваат на американските претседателски избори. Соодветна перспектива даде судијата на Врховниот суд Луис Брендајс, кој смета дека „можеме да имаме демократија во оваа земја или можеме да имаме богатство концентрирано во малубројни раце, но не можеме да го имаме и едното и другото. “

Следејќи ја оваа забелешка, известувањето за изборите би требало да биде концентрирано на влијанието на капиталот врз политиката, кое е детално анализирано во неодамнешната сутдија на Мартин Гиленс „Богатство и влијание: економската нееднаквост и политичката моќ во Америка“. Тој покажува дека мнозинството од населението е „немоќно да ја насочува државната политика“ кога нивните ставови се разликуваат од ставовите на богатите, кои практично добиваат сè што им е важно.

Не е ни чудо, тогаш, што во неодамнешното рангирање од 31 членка на Организацијата за економска соработка и развој, во област на социјалната правда Соединетите Држави зазедоа 27 место, и покрај своите несекојдневни предности.

Не е чудо ни што рационалните третмани на важните прашања обично исчезнуваат во предизборната кампања, на начин кој понекогаш се граничи со комичен.

Да земеме еден пример. Пол Кругман пишува дека уважениот „Голем Мислител“ на Републиканската партија, Пол Рајан, вели дека сите идеи за финансискиот систем ги добива од главниот лик на еден тривијален роман – „Рамнодушниот Атлас“ – кој бара воведување златни кованици наместо хартиена валута.

Ни останува само да се присетиме на еден навистина голем писател, Џонатан Свифт. Во „Гуливеровите патувања“, неговите мудреци од Лагада го носат сиот свој имот врзан за плеќите, и така го користат за размена без непотребното пречење на златото. Така економијата и демократијата навистина би процветале – и уште подобро, нееднаквоста драстично би се намалила, што би било признание за духот на судијата Брендајс.

Извор:AlterNet

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото