Девојка

15.09.2012 13:27
ДЕВОЈКА

 

Терминот девојка во неговото модерно значење „девојки зрели за брак или немажени млади жени“ се јавува во 19.век (Kniebiehler, 1983). Телото е одлучувачки елемент во постапката на идентификување на девојката (Houbre, 1996), имајќи предвид дека категоријата девојка била обработувана во врска со поимањето на пубертетот и девственоста (Kniebiehler, op.cit.).

Етнологијата ги утврди основите за проучување на телата на девојките интересирајќи се за механизмите на нивното формирање и воведување во француското рурално и традиционално општество.

Статусот на девојка, што трае од појавата на менструацијата до стапувањето во брак, е обележан со низа обреди и искуства преку кои девојките постепено го усвојуваат својот феминитет (Fine, 1983). Во етнографската анкета на областа Шатион, Ивон Вердиј (1979) ги означи различните етапи на таа иницијација и на нивната врска со претставата за крвта. Во училиштата девојките прават везови од зборови (market) како претходно соживување со менструацијата. По првата причест девојките почнуваат да ги везат со црвен конец сопствените иницијали на својата опрема, потврдувајќи го на тој начин, преку долната облека, својот идентитет на полово зрели девојки. Откако ќе наполнат 15 години, ја слават Света Катерина и најчесто по една зима поминуваат кај некоја кројачка. Во нејзината кројачка работилница тие се воведуваат во „моминскиот живот“. Преку ракувањето со нови ткаенини, свила, чипка и шпенадли (оружјето за заведување), се запознаваат со украсувањето и со општествено дозволената кокетерија.

Како што истакнува Ан Монжаре (2005), говорот на шпенадлите и иглите, што живее низ приказните, ги открива принципите на образување на селските девојки и ги дава клучевите за изградбата на женскиот идентитет. Тој говор им овозможува на девојките да ги усвојат правилата за поделбата меѓу половите и вештината да се биде жена, во исто време воздржана и сензуална.

Составувањето на моминската опрема игра суштинска улога во пристапувањето на девојката кон животот на жена, како што укажа Анјес Фин (1983) врз основа на анкетата спроведена во југозападна Франција. Како вистинско образување на телото преку везот, моминската опрема, врзана со бело на белото, за разлика од долната облека купена на големо, може да се смета за недопрен дел од нивната девственост, што жените настојуваат да го сочуваат во својата облека.

Така шивачките задачи сведочат за тешкотиите на христијанското преземање одговорност за зададената моминска судбина (Albert-Llorca, 1995): уметноста на везот, на којашто калуѓерките ги подучувале девојките во кројачките работилници, им овозможува да ја впишат девствената чистота на својата долна облека и со тоа да го потврдат сродството со девицата Марија; исто така, им овозможува и да ја преиспитаат својата вокација, додека обележувањето со црвен конец потсетува на нивната плодност, а со тоа и на нечистотијата.

Од педесеттите години на 20 век, со банализацијата на предбрачните односи и дистанцата во однос на институцијата брак, настануваат промени во категоријата „девојка“ (Zaidman, 2001). Девојките сè повеќе се вбројуваат во категориите каде што се бришат годините, кога се говори за девојки или жени, или во категориите каде што се брише полот, кога се распоредуваат во родовите термини за младите или адолесцентите (Kniebiehler, 1996). Обредите на иницијација, со коишто се организирал и прославувал преминот во возрасниот период, им го отстапија местото на сè пораните премини (Bozon, 2002). На тој начин, Света Катерина, од ритуал што придонесува за едукацијата на селските девојки сè до крајот на 19 век, како празник на девојките спремни за мажење и на старите моми, постепено се претвора во еден поурбан и поиндивидуализиран ритуал, за денес да стане организирана прослава на работното место (Monjaret, 1997).

Како се спроведува едукацијата и социјализацијата на денешните девојки? Вирџини Валантен (2002) покажува како класичниот балет претставува граѓа за симболизација на етапите во изградбата на идентитетот на девојките. Токму преку оваа активност девојките го усвојуваат правилното држење на телото и правилното облекување, како и грациозноста, а тоа се основите на нивната моќ на заведување што треба да се развие во иднина. Во адолесценцијата им е дозволено да облечат балетанки кои го означуваат нивниот влез во заедницата на балерините, а со тоа и нивниот премин во пубертетот.

Ракописите за време на адолесценцијата, споменарите, личните дневници, за Ајнес Фин (2000) претставуваат нови современи облици на иницијација на девојките, со кои кај нив се поттикнува усвојување на одредена смисла за естетското или за некои преференци што треба да ги почувствуваат како свои. Но, за разлика од шиењето, пишувањето ја нема „моќта на однапред пропишана задолжителна иницијација“.

Пишувањето претставува и потенцијален домен што им овозможува евентуална еманципација на жените надвор од традиционалниот женски свет.

Улогата на долната облека во едукацијата на девојките останува трајна иако со променети облик и функција. Долната облека, предмет поврзан со еротизмот и заводливоста, денес всушност придонесува за социјализацијата на девојките како посредник во прифаќањето на основните линии во изградбата на женскиот идентитет: украсувањето на телото, вниманието посветено на интимноста на телото и вистинските пропорции (Mardon, 2004).

Девојките премолчено ги учат правилата на интимното телесно украсување преку мајките или преку женските членови на семејството или преку врсничките групи. Во оваа смисла, долната облека служи за да го осигура како трајно половото одредување на начините на изградба на идентитетот, но исто така и ја разоткрива, како и изборот за мис во 20 век, естетската и еротската опседнатост на нашиот 20 век (Segalen & Charmant, 1983), што од телото на девојките направи вистинска икона (Bruit-Zaidman, 2001).

 

Извор: Le dictionnare du corps, 2008

Везови: Maggy Rozycki Hiltner

WTF is this shit?!

WTF is this shit?!

Слични содржини

Квир / Живот / Култура / Теорија
Книжевност / Култура / Теорија
Квир / Книжевност / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Теорија

ОкоБоли главаВицФото