Политиката на Бетмен

18.09.2012 00:44
Политиката на Бетмен

Издигнувањето на Темниот Витез покажува дека холивудските хитови се точни индикатори на идеолошките промени на нашето општество. Еве го заплетот. Осум години по Темниот Витез, претходната епизода од серијалот за Бетмен на Кристофер Нолан, во Готам владее ред и мир. Под вонредните мерки кои ги донесе Дентовиот закон, началникот на полицијата Гордон практично го искорени насилниот организиран криминал. Него сепак го измачува премолчувањето на злосторството на Харви Дент и тој планира да ја обелодени заверата на еден јавен настап – но заклучува дека градот не е спремен да ја слушне вистината.

 

Бидејќи не е активен како Бетмен, Брус Вејн живее изолирано во својата вила. Неговата фирма пропаѓа откако вложува пари во еден еколошки проект, чијашто намена е производство на енергија со нуклеарна фузија, но го запира кога дознава дека неговото јадро може да се употреби како нуклеарно оружје. Убавата Миранда Тејт, член на управниот одбор на фирмата Wayne Enterprises, го наговорува Вејн да се врати во општеството и да продолжи со своите филантропски активности.

Овде на сцена стапува првиот злосторник во филмот. Бејн, терористички водач и поранешен припадник на Лигата на сенки, доаѓа до говорот на началникот. Откако Бејновите финансиски манипулации ја доведуваат компанијата на Вејн до раб на пропаст, Вејн контролата над својата фирма ја препушта на Миранда и се впушта со неа во кратка љубовна авантура. Кога дознава дека Бејн го има и фузиското јадро, Вејн се враќа како Бетмен и се соочува со Бејн. Бејн го осакатува Бетмен во борбата и го фрла во затвор од кој е речиси невозможно да се побегне. Додека заробениот Вејн се опоравува од повредата и вежба повторно да стане Бетмен, Бејн успева да го претвори Готам во изолиран град-држава. Прво ги намамува речиси сите полициски единици во подземјето, и таму ги заробува; потоа ги разнесува сите мостови кои го поврзуваат Готам со копното и објавува дека, доколку некој се обиде да го напушти градот, ќе го активира фузионото јадро на Вејн кое е модификувано во бомба.

Сега доаѓаме до клучниот момент во филмот: Бејновото преземање на власта е проследено со голема политичко-идеолошка офанзива. Тој јавно ја открива премолчената смрт на Дент и ги ослободува осудените затвореници според Дентовиот закон. Обвинувајќи ги богаташите и моќниците, ветува дека ќе ја обнови народната власт, повикувајќи ги граѓаните да го „преземат својот град“. Бејн се покажува, како што забележа критичарот Тајлер О`Нил, како „екстремен окупатор на Волстрит, повикувајќи ги оние 99 проценти да се здружат и да ја отфрлат општествената елита“. Потоа следи она што филмот го замислува како народна власт – монтиран процес и егзекуција на богатите, улици преполни со криминал и злосторство.

Неколку месеци подоцна, додека Готам сè уште страда под народниот терор, Вејн бега од затворот, се враќа како Бетмен, и ги собира пријателите да му помогнат да го ослободи градот и да ја онеспособи фузиската бомба пред да експлодира. Бетмен се соочува со Бејн и го победува, но Миранда интервенира и го прободува Бетмен со нож. Открива дека таа е всушност Талија ал-Гул, ќерката на Рас Ал-Гул, некогаш водач на Лигата на сенки (злосторникот во филмот Бетмен започнува). Откако открива дека планира да ја заврши работата на својот татко и да го уништи Готам, Талија бега.

Во хаосот кој следи, началникот Гордон ја пресекува жицата за активирање на бомбата, додека благонаклонетата маскирана провалница по име Селина Кајл го убива Бејн и го ослободува Бетмен кој тргнува по Талија. Тој се обидува да ја принуди да ја пренасочи бомбата во фузионата комора каде што може да се стабилизира, но таа ја поплавува комората. Камионот на Талија е изместен од патот и таа умира, верувајќи дека бомбата не може да биде запрена. Со помош на специјален хеликоптер, Бетмен ја носи бомбата надвор од градот, каде што  детонацијата над океанот, судејќи по сè, го убива. Бетмен сега го слават како јунакот кој го спаси Готам. Сите веруваат дека Вејн загинал во нередите. Додека неговиот имот се дели, неговиот батлер Алфред ги гледа Вејн и Селина живи во кафе-бар во Фиренца. Блејк, млад и чесен полицаец кој го знае идентитетот на Бетмен, ја наследува неговата пештера. Првиот показател за идеолошкиот темел на овој крај го дава Алфред, кој на наводниот погреб на Вејн ги чита последните реченици од Дикенсовата Приказна за два града: „Тоа е многу, многу подобро од она што јас го правам, што сум го направил кога било; спокојството е многу поголемо од она кое ќе го имам кога и да е“. Некои критичари ова го сфатија како знак, според зборовите на О`Нил, дека „филмот се издигнува до најблагородните висини на западната уметност... Овој филм тежнее кон средиштето на американската традиција – идеалот на благородно жртвување за обичниот народ...Како фигура на Исус, Бетмен се жртвува себе си за спасот на другите.“

Од оваа перспектива, заплетот е само мал чекор наназад од Дикенс до Исус на Голгота. Но, нели идејата за жртувањето на Бетмен како повторување на Исусовата смрт е искомпромитирана со последната сцена во филмот (Вејн со Селина во кафе-бар)? Зарем верската паралела на овој крај не е добро познатата богохулна идеја дека Исус го преживеал распнувањето и мирно и долго живеел во Индија или, според некои извори, на Тибет? Единствен начин да ја оправдаме последнава сцена е да ја протолкуваме како сон или халуцинација на Алфред.

Друга дикенсовска карактеристика на филмот е деполитизираната забелешка за јазот помеѓу богатите и сиромашните. Во првиот дел од филмот, Селина му дошепнува на Вејн додека танцуваат на ексклузивната гала забава: „Бурата доаѓа, г. Вејн. Вам и на вашите пријатели би ви било подобро да се сокриете. Бидејќи кога бурата ќе дојде, сите ќе се прашувате како сте можеле да живеете толку раскошно и да ни оставате толку малку нам, останатите“. Нолан, како секој чесен либерал, е „загрижен“ поради овие разлики и тврди дека таа загриженост проникнува во целиот филм: „Идејата за економска правда се провлече во филмот... Не мислам дека во филмот постои левичарска или десничарска перспектива. Таму има само чесна проценка или чесно набљудување на светот во кој живееме – нешта кои загрижуваат.“

Иако гледачите знаат дека Вејн е мега-богат, често забораваат од каде му потекнува богатството: од производство на оружје и шпекулации на берза, и затоа Бејновата игра на берзата може да ја уништи неговата империја. Трговец со оружје и шпекулант – тоа е тајната која ја крие Бетменовата маска. Како филмот се поставува спрема тоа? Со повторување на архетипската Дикенсова тема за добриот капиталист кој финансира сиропиталиште (Вејн) против лошиот, алчен капиталист (Страјвер, како кај Дикенс). Како што вели братот на Нолан, Џонатан, коавтор на сценариото: „Приказна за два града, за мене беше... најстрашната позната слика, препознатлива цивилизација која потполно се распаѓа. Погледнете го револуционерниот Терор во Париз, во Франција, во тој период; тешко е да замислите дека нештата можат да тргнат толку лошо и толку несреќно“. Сцените на одмаздничкичкото народно востание во филмот (толпа жедна за крвта на богатите кои ги вработувале и експлоатирале) потесетува на Дикенсовиот опис на франускиот Терор. Па така, иако филмот нема никаква врска со политика, тој го следи Дикенсовиот роман во „чесниот“ приказ на револуционерите како опседнати фанатици.

Добриот терорист

Интересна работа кај Бејн е што изворот на неговата револуционерна непоколебливост всушност е безусловната љубов. Во една трогателна сцена, тој му раскажува на Вејн како во страшна болка ја спасил малата Талија, не размислувајќи за последиците и плаќајќи ужасна цена (Бејн е претепан речиси до смрт додека ја штител).

Еден друг критичар, Р.М. Картик, го сместува Издигнувањето на Темниот Витез во долгата традиција која се протега од Исус до Че Гевара, и која го слави насилството како „чин на љубов“, како и Че во својот дневник: „Морам да кажам, со ризик да испаднам смешен, дека вистинскиот револуционер е воден од силно чувство на љубов. Невозможно е да се размислува како вистински револуционер без овие особини.“

Тоа што овде го имаме не е толку „исусификација“ на Че, туку повеќе „чегеваризација“ на Исус – Исус чии „скандалозни“ зборови во Евангелието по Лука: „Ако некој дојде при Мене, а не ги намрази: татка си и мајка си, и жена си, и децата, и браќата и сестрите, па и својата сопствена душа, не може да биде Мој ученик“, потсетуваат на зборовите на Че: „можеби морате да бидете груби, но немојте да ја изгубите својата нежност“. Изјавата дека „вистинскиот револуционер го водат силни чувства на љубов“ треба да се чита заедно со многуте проблематични описи на Гевара како оној со „машината за убивање“: „Омразата е составен дел од борбата; немилосрдната омраза кон непријателот нè воздигнува над и надвор од природните човекови граници и нè претвора во ефикасни, насилни, селективни и ладни машини за убивање. Нашите војници мораат да бидат такви; луѓето без омраза не можат да поразат брутален непријател.“

Гевара овде ги парафразира Исусовите зборови за единството на љубовта и мечот – во двата случаи парадоксот е дека она што љубовта ја прави ангелска, она што ја воздигнува до чистата сентименталност, е нејзината суровост, нејзиниот спој со насилството. А тоа е спој кој љубовта ја сместува над човечките природни ограничувања и така ја претвора во безусловна мотивација. Затоа, да се вратиме на Издигнувањето на Темниот Витез, единствена автентична љубов во филмот е онаа на Бејн, љубовта на терорист, во јасна спротивставеност со онаа на Бетмен.

Ликот на Рас ал-Гул, таткото на Талија, исто така заслужува внимателна анализа. Рас има мешавина од арапски и ориенталени карактеристики, и причинител е на чесен терор, се бори да ја исправи расипаната западна цивилизација. Го игра Лиам Нисон, глумец чијашто појава зрачи со достоинствена добрина и мудрост – тој е Зевс во Судирот на Титаните, а го глуми и Квај Гон Џин во Фантомска закана, првата епизода од Војна на ѕвездите. Квај Гон е џедај, ментор на Оби-Ван Каноби како и човек кој го открива Анакин Скајвокер, верувајќи дека Анакин е оној избраниот кој ќе ја поврати рамнотежата на универзумот, додека го игнорира предупредувањето на Јода за нестабилниот карактер на Анакин. На крајот на Фантомска закана, Дарт Мол го убива Квај-Гон.

Во трилогијата за Бетмен, Рас е учител на младиот Вејн. Во филмот Бетмен започнува, тој го наоѓа во затвор во Бутан. Претставувајќи се како Хенри Дакард, тој му нуди „пат“. Бидејќи Вејн е пуштен на слобода, заминува во седиштето на Лигата на сенки каде го чека Рас. По завршувањето на долгата и болна обука, Рас му објаснува на Вејн дека мора да направи сè во борбата против злото, и дека Лигата го обучила за Вејн да ја поведе мисијата за уништување на Готам, за кој Лигата верува дека станал непоправливо корумпиран.

Така Рас не е само чисто отелотворување на злото. Тој претставува спој на благородност и терор, егалитарна дисциплина која се бори против корумпираната империја, па така станува еден од низата ликови во новата фикција, од Пол Атреид во Dune на Френк Херберт до Леонидас во графичкиот роман на Френк Милер 300. Клучно е што Вејн бил ученик на Рас: Вејн бил претворен во Бетмен од неговиот ментор.

Овде се наметнуваат две логични забелешки. Првата е дека постоеја ѕверски и масовни убиства и насилства во вистинските револуции, од Сталиновиот подем до Црвените Кмери, така што филмот очигледно не е исклучиво резултат на реакционистички фантазии. Втората забелешка е дека движењето Окупирај го Волстрит (OWS) всушност не беше насилно – нивната цел дефинитивно не беше нов револуционерен Терор. Во мера во која Бејновата побуна наводно ја отсликува тенденцијата на OWS, филмот апсурдно ги искривува целите и стратегиите на ова движење. Денешните антикапиталистички протести се спротивност на Бејн: тој го претставува одразот на државниот терор, смртоносниот фундаментализам кој ја презема власта и владее со страв, а не тежнеењето кон надминување на државната моќ преку народно самоорганизирање. Меѓутоа, двете забелешки го делат истото нешто – отфрлање на ликот на Бејн.

Одговорот на овие две забелешки се состои во неколку делови. Прво, треба да се разјасни опсегот на насилството. Најдобриот одговор на тврдењето дека насилната реакција на масата кон угнетувањето е полоша од самото угнетување даде Марк Твен во својот роман A Connecticut Yankee in King Arthur’s Court: „Имаше две „Владеења на теророт, ако се присетиме и ако размислиме; едното спроведувано со врела страст, другото немилосрдно и ладно... Нас нè фаќаат морници само пред „стравот“ од помалиот терор, моменталниот терор, да речеме, но што е стравот од брзата смрт на гилотина наспрема доживотното умирање од глад, студ, понижување, свирепост и срам?... Едни градски гробишта би биле доволни за ковчезите на жртвите на краткиот терор кои нас толку настојчиво нè учат да ги сожалуваме; но цела Франција не би можела да ги смести ковчезите на оној стариот и вистинскиот терор, оној неопишаниот и ужасен терор, кој никој од нас не е научен да го согледа во бескрај и со сожалувањето кое го заслужува.“

Затоа, треба да се демистифицира проблемот на насилството, со отфрлање на тврдењето дека комунизмот во 20 век предолго се служел со екстремно убиствено насилство. Треба да се води сметка да не западнеме повторно во таква замка. Како факт, ова е страшно точно. Меѓутоа, такво директно фокусирање на насилството го замаглува основното прашање: во што беше проблемот на комунистичкото движење како такво? Каков внатрешен недостаток на таквиот проект ги турна комунистите кон незауздано насилство? Не е доволно да се каже дека комунистите го занемариле „проблемот на насилството“; кон насилство ги турна подлабок, социо-политички неуспех. Значи, не е само филмот на Нолан неспособен да замисли автентична народна власт. „Ниту „вистинските“, радикално-еманципаторски движења не успеаа во тоа; останаа заглавени во координатите на старото општество, каде што вистинската „народна власт“ често претставуваше насилен ужас.

На крајот, премногу е едноставно да се тврди дека не постои насилен потенцијал во OWS и сличните движења – насилството е во тек во секој автентичен еманципаторски процес. Проблемот со Издигнувањето на Темниот Витез е дека тој погрешно го преведува насилството во крвожеден терор. Ајде овде на кратко да преминеме на романот Гледање на Жозе Сарамаго, кој зборува за необичните случувања во неименувана престолнина на една неидентификувана демократска држава. Кога на денот на изборите градот го зафаќа бура, излезноста на избирачите е вознемирувачки ниска. Но попладнето дождот престанува и населението масовно излегува да гласа. Меѓутоа, олеснувањето на државата е кусо: по пребројувањето се утврдува дека во главниот град 70 проценти од ливчињата се празни. Изненадена од чудото, владата на народот му дава шанса да ја исправи грешката една недела подоцна, на уште едни избори.

Резултатот е уште полош. Сега 83 проценти од ливчињата се празни. Двете најголеми партии – владеачката десничарска партија и нејзините главни противници, центристи – сега се во паника, додека маргинализираната левичарска партија нуди анализа во која тврди дека празните ливчиња се всушност поддршка за нејзината прогресивна програма. Несигурна како да реагира на бенигниот протест, но убедена дека во прашање е антидемократска завера, владата брзо го означува движењето како „тероризам, чист и нескриен“ и воведува вонредна состојба.

Граѓаните случајно исчезнуваат и се водат на тајни локации за испрашување; полицијата и седиштето на владата се поместуваат од градот; сите влезови во градот се блокирани, како и излезите. Градот за целото тоа време продолжува да функционира нормално, но луѓето заедно го избегнуваат секој удар на државата, со гандиевски ненасилен отпор. Ова апстинирање на избирачите е пример за автентично радикално „божествено насилство“ предизвикано од паничната реакција на владечката структура.

Да се вратиме на Нолан. Трилогијата за Бетмен следи внатрешна логика. Во филмот Бетмен започнува, јунакот останува во рамките на либералниот проект: системот може да се брани преку морално прифатливи методи. Темниот витез, практично, е нова верзија на вестерните на Форд, Тврдината на Апачите и Човекот кој го уби Либерти Валанс, кои покажуваат како, за да се цивилизира Дивиот запад, мора да се „создадат легенди“ и да се игнорира вистината. Тие покажуваат, накратко, како нашата цивилизација мора да се темели на лага – човекот мора да ги крши правилата за да го одбрани системот.

Во фимот Бетмен започнува, јунакот е типичен градски осветник кој ги казнува криминалците кога полицијата не може. Проблемот е што полицијата, официјален орган за ред, реагира амбивалентно на помошта на Бетмен. Тие во него гледаат закана за нивниот монопол на моќ, па така и доказ за нивната неефикасност. Меѓутоа, неговиот прекршок овде е чисто формален: тој настапува во име на законот, а за тоа не е овластен. Во своето делување тој никогаш не го крши законот. Темниот Витез ги менува овие координати. Вистинскиот непријател на Бетмен не е неговиот противник, Џокер, туку Харви Дент, „белиот витез“, агресивен нов јавен обвинител, некој вид официјален осветник чијашто фанатична борба против криминалот води до убивање невини, и на крајот го уништува. Како Дент да го претставува одговорот на правниот ред на заканата која ја претставува Бетмен: против одмазништвото на Бетмен системот генерира сопствен насилен престап во осветникот кој е многу понасилен од Бетмен.

Значи, има поетска правда во тоа кога Вејн планира да го открие идентитетот на Бетмен, а Дент излегува и изјавува дека тој е Бетмен – тој е поголем Бетмен од Бетмен, бидејќи се препушта на искушението да го прекрши законот, нешто на кое Вејн може да оддолее. Кога на крајот од филмот Бетмен ја презема одговорноста за злосторствата кои ги направи Дент, за да го сочува угледот на народниот јунак кој е олицетворение на надежта за обичните луѓе, неговиот чин претставува гест на симболична размена: прво Дент за себе го зема идентитетот на Бетмен, потоа Вејн – вистинскиот Бетмен – врз себе ги презема злосторствата на Дент.

Издигнувањето на Мрачниот витез оди уште подалеку. Нели Бејн е всушност Дент донесен до крајност? Дент заклучува дека системот е неправеден, така што, за ефикасна борба против неправдата, потребно е да се сврти директно против системот и да го уништи. Дент ги губи своите преостанати инхибиции и спремен е на сите методи за да дојде до целта. Подемот на такви личности целосно ја менува ситуацијата. За сите ликови, вклучувајќи го Бетмен, моралот е релативизиран и станува избор, нешто што ја одредува околноста. Тоа е отворена класна војна – сè е дозволено во одбрана на системот, не само кога се бориме со полудени гангстери, туку и со народна побуна.

Дали овој филм треба да ги отфрли учесниците во еманципаторските борби? Нештата не се така едноставни. Кон овој филм треба да се пријде како да се толкува кинеска политичка песна. Отсуствата и изненадувачките присуства се важни. Во Издигнувањето на Темниот Витез, народната власт е инсценирана како случување, во значајно оддалечување од вообичаените противници на Бетмен (злосторник мега-капиталист, гангстер и терорист).

Чудна привлечност

Шансите дека движењето Окупирај го Волстрит ќе ја преземе власта и ќе воведе народна демократија на Менхетен се толку жалосно апсурдни, толку потполно нереални, што не може да се избегне следното прашање – зошто еден холивудски филм сонува за тоа? Зошто го повикува овој дух? Зошто воопшто фантазира за тоа дека OWS ќе експлодира во насилно преземање? Очигледниот одговор – дека тоа го прави за да го обвини OWS за терористички или тоталитарен потенцијал – не е доволен да ја објасни чудната привлечност која ја има идејата за „народна власт“. Не е ни чудно што вистинското функционирање на оваа власт останува празно, отсутно; нема детали за тоа како народната власт функционира или што прават мобилизираните луѓе. Бејн им порачува на луѓето дека можат да прават што сакаат – тој не им наметнува свој поредок. Затоа екстремната критика на филмот (која тврди дека OWS е претставен како смешна карикатура) не е доволна. Критиката мора да биде иманентна; таа мора да ги лоцира, внатре во филмот, многубројните знаци кои укажуваат на автентично случување. (Присетете се, на пример, дека Бејн не е само крвожеден терорист, туку и човек со длабока љубов, со пожртвуван дух.)

Накусо, чистата идеолгија е невозможна. Автентичноста на Бејн мора да остави траги врз текстурата на филмот. Затоа Издигнувањето на Темниот Витез заслужува внимателна анализа. Случувањето – „Народна република Готам“, диктатурата на пролетеријатот на Менхетен – е иманентно за овој филм. Тоа е неговиот отсутен центар.

извор: pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото