Чоколадо

09.09.2009 13:11
Cokoladna_zena.jpg

Комплексната женска склоност кон чоколадото е запишана во западната и во колонијалната култура и во историјата на телото. Другото и забранетото се испреплетуваат во таа историја...

Забележано е дека на Хернанд Кортес, освојувачот на Мексико, Ацтеките потешко му ги давале плодовите на какао отколку златото: за возврат, Шпанците не биле скржави кога станувало збор за бактерии, вируси, алкохол и опиум за народот – воведувањето на христијанството, со добро или лошо. Европската агресивност како да не била ограничена на луѓето – од џебовите на конквистадорите, семето на европската трева, за која бизонските челусти не биле адаптирани, создало прерија што белиот човек ќе ја најде некое столетие подоцна, а по неа тогаш веќе јуреле подивени коњи со европско педигре. Во прилог на жените треба да се каже и тоа дека Дона Марина, ацтешка дама и Кортесова љубовница, научила шпански толку добро и брзо што служела како посредник меѓу двете спротивставени групи – за жал, не доволно успешно за колонизацијата да протече мирно. Чоколадото, меѓутоа, не го освои така прекутрупа шпанскиот континент. Ако компирот, пченката и шеќерот наполно ја измениле европската диета и ги направија луѓето поголеми и подебели, чоколадото, како рафинирана ацтечка одмазда, на промената и’ го додаде и вкусот на грев. Во изобилството налудничави диети, кои Европејците и нивните прекуморски потомци се обидуваат да ги спасат од последиците на колонијалната вина, сè уште не е измислена диета врз база на чоколадо. Ниту некогаш ќе биде... Чоколадото остана упориште на конечната идеолошка неадаптибилност на другиот, колонизираниот, деиндивидуализираниот и експлоатираниот, идеален домен на женското уживање.

Големите европски идеолошки комплекси го поделија чоколадото на протестантско (швајцарско, англоамериканско, германско) и католичко (француско, италијанско). Две типски обвивки на чоколадо ги симболизираат овие два типа – грешниот, со црна мачка и невиниот, со мило девојче. Додека вториот тип го одликува обилно мешање со млеко и семиотичката поврзаност со децата и семејните празници, оваа првата отворено ја одликуваат еротизмот и принципот на уживање. Горчливото чоколадо, белото чоколадо, труфето, кое не може да се замисли без доста коњак, профитеролите направени од минимално количество брашно и јајца, воздух и физички закони, и се разбира – од чоколадо, пената од чоколадо (mousse), која е речиси во доменот на магијата и алхемијата - тоа се само некои од појавните облици на чоколадниот грев во католичката варијанта. Моцарт-топчињата или англиските After-eight чоколади се бедни обиди за изведување на чоколадото во светот на возрасните. Впрочем, само во католичките земји чоколадото го обликуваат, завиткуваат и продаваат модните креатори. Англиското поимање на чоколадото неповратно го одредува изразот cholate-box-face (наивно-мило лице, како од кутија со чоколадо). Додека од конзервата со холандско какао опоменува милосрдна сестра, на италијанската кутија со чоколадо со сугестивно име баци (бакнежи), еден пар страствено се прегрнува на месечина.

Безнадежната ситуација со чоколадото во социјалистичките системи (да се сетиме само на “шеќерната табла”) и соодветната симболизација во денешната популарна митологија би можеле да се поврзат со православието, доколку Грција не го направеше решавачкиот чекор во доместикацијата и културното припитомување на чоколадото: кај Лалангис, рафиниран атински слаткар со цариградска традиција, обновена е чоколадната баклава од танки листови тесто замесени со чоколадо. Според отменоста на вкусот, ова ароматично навестување на чоколадото може да се мери само со мексиканското пиле во сос од чоколадо.

Каде и кога се случил идеолошкиот процеп, кој ацтечката одмазда ја направи така читлива, односно така јасно запишана во културните и половите поделби? Во векот на интелектуалците, осумнаесеттиот век, Англичаните го пиеле она што во стриповите за Астерикс се нарекува “варена вода”, значи чај, додека француските интелектуалци како Лавоазје, Кондорсе или сликарката госпоѓа Виже-Лебрен, опкружени со своите најдраги, со своите инструменти, мапи, епрувети, четкички и бои, пиеле топло чоколадо и честопати токму така давале да бидат портретирани. Маркиз де Сад и г. Де Гијотен, исто така, со тоа што првиот морал и во затвор поради неразјаснетата афера со отруените (чоколадни?) бомбони, кои и’ ги понудил на некоја своја непријателка, а ужасната машина за смртна казна што ја смислил вториот, и под која на “хигиенски” начин умреле илјадници луѓе за време на Теророт, можам да ги поврзам само со некое необично лошо хипотетичко чоколадо, кое им го нарушило размислувањето. Границата меѓу уживањето и злото, олицетворена во чоколадото, е толку фина и престижна, така што секој психијатар учтиво ќе ја слуша исповедта за ексцесивната чоколадофагија, додека пушачот, алкохоличариот, па дури и кафепиецот немилосрдно ќе ги исшутира во некој парамилитарен метод за задушување на лошите навики. “Леб и чоколадо”, фигурата што ги спротивставува насушното и луксузното, буквално ја сфатиле повторно Французите, смислувајќи печиво со чоколадо: италијанскиот, првобитно милански панетоне само е логичен продолжеток на ова гастрономско-морално соблазнение, на чиј долен крај стои мачкањето на еурокрем на леб.

Семиотиката на чоколадото едвај е начната со овие примери: велигденските чоколадни јајца го земаат обликот со кој почнува барем една од верзиите за настанокот на светот, а чоколадните зајаци, типичен подарок за Велигден, опоменуваат на култот на плодноста. Околу Божиќ и Нова година, чоколадните подароци ја обележуваат календарската смена, раѓањето на новиот млад бог и-или Сонце, ветувањето на нов живот. Полиморфноста на чоколадото (прав, течност, цврстина), нејзината податливост на топлина и бојосувањето на сè до што ќе се допре, ја поттикнува архетипската фантазија. Чоколадото покрива и затемнува како ноќ: “чоколаден тен” (повторно француски изум) е учтив опис за темнокожите (црномурестите) уште пред принципот на политичка коректност, а на темнокожите (црномурестите), патем речено, француската револуција им осигура - барем законски - човечки права; чоколадото војниците го носат во крајна неволја (за простување на гревовите?) и за евентуално купување нови гревови.

Комплексната женска склоност кон чоколадото е запишана во западната и во колонијалната култура и во историјата на телото. Другото и забранетото се испреплетуваат во таа историја, во која новиот поим на слатко е релативно бргу поврзан со слабите, децата и жените. Вообичаената причина за ограничување на уживањето во чоколадото на децата што лекарите донеодамна ја наведуваа е тоа што чоколадото, како и сето благо, ги расипува забите: дајте му на своето дете чоколадо и ќе ги намалите неговите месојадни, ловечки капацитети, неговата агресивност во суровата животна игра. Причините како убавината, виткоста и друго исто така се во употреба, и покрај тоа што денес се мисли дека чоколадото е неопходно и за добар развој на забите. Но, вистинско забрането подрачје е женското уживање во чоколадото. Во расцепот меѓу индустријата на храна што агресивно го нуди и рекламира чоколадото, секогаш во сладникав љубовно-малограѓански контекст (убавец на железничка станица, амбасадорова вечера, себична убавица), и секогаш како предмет на отворена трговија (детската лукавост да се добие чоколадо), и недвосмислено уживање во мирисот, вкусот и ефектот на чоколадото, жените се одлучуваат на кризни испади: чоколаден ден по љубовната криза, чоколадо со пријателките, чоколадо кришум. Јавното уживање во чоколадо е манифест, за кој можат да се одлучат сосема младите и витки, згоените со храброст или старите без претензии на што било. Двосмисленоста на вината што тишти но и предизвикува не е безначен дел од уживањето.

Која би можела да биде симболичката рамка на чинот на јадење чоколадо? Земајќи ги предвид сите културни импликации и моралистички нарации што ги споменав, јадењето чоколадо би можело да се поврзе со симболичко јадење на телото, со растргнувањето на другиот што се врзува за еротичната метафорика. Млада во западниот културен репертоар, кој со векови ја збогатува машката метафорика на консумирање на женското тело, чоколадото за жените стана симболичка рамка на употреба на машкото тело, судбински поврзана со колонијализмот и положбата на колонизираниот. Второ, посакуваното и достапно тело на мажот беше колонизиран, црномурест, подеднакво во власт на белиот човек како и на белата западна жена – природен недозволен партнер, содругар во репресијата, поседувач на тајни уживања непознати во белата култура. Фантазмата за уживање во егзотичното, толку важна и за белиот колонизатор, најде свои варијанти и кај жените. Неодоливоста на чоколадото потекнува од комплицираните наративни и визуелни производи, кои ги изразуваа половите и расните напнатости, неправди, забрани, цензурата на владејачките културни модели и духот на отпорот. Оттаму чоколадото е женска икона, која ништо не загуби туку само доби со индустријализацијата и глобалниот медиумски простор во 20 век. Останува само жените да преземат повеќе власт во тој домен и да го исполнат со свои слики, нецензурирани визии на своите фантазми.

Да ги замениме текнувалките со сликата од сонот. Од отворената бомбониера се појавува духот на црномурест убавец, ацтечки принц, кој пред петстотини години умрел во сенката на какаово дрво поради тоа што некоја пијана бела будала му кивнала непознати вируси в лице. А беше толку сладок!

Од Светлана Слапшак можете да ги прочитате и овие текстови:

Филмската хероина на триесеттите

Читајте го Персеполис

Кичот

Bad

Женските ликови на Волт Дизни

Валентина Терјешкова

Европскиот претседател

Слични содржини

Став / Уживање
Живот / Уживање
Фотографија / Графички Дизајн / Стрип / Живот / Уживање / Култура / Уметност
Стрип / Живот / Уживање / Култура
Активизам / Свет / Култура / Уметност
Балкан / Култура
Општество / Активизам

ОкоБоли главаВицФото