Превентивен шовинизам на германскиот министер

19.09.2012 11:52
Превентивен шовинизам на германскиот министер

Во исто време кога речиси цела Германија одбележува 20 години од тажниот настан во Росток, од погромот на тамошните Виетнамци и Роми имигранти од страна на скинхедсите, кој беше проследен со одобрување од обичниот свет и без навремена интервенција на полицијата, министерот за внатрешни работи во владата на Ангела Меркел одлучи еден повеќе-помалку безначаен безбедносен проблем (тероризмот инициран од исламскиот фундаментализам) да го пресели од статистиката во медиумите, односно, од хартијата на постерите, и, на тој начин, дополнително да ги искомплицира односите со имигрантските заедници.

Имено, Ханс-Петер Фридрих, германскиот министер за внатрешни работи, покрена постерска кампања наречена “Vermisst” („Исчезнати“): на билбордите се прикажани млади германски граѓани со муслиманско порекло, а текстот под секоја слика укажува на нивната можна радикализација и скршнување кон исламскиот екстремизам. Под една од нив, на пример, пишува: „Ова е мојата пријателка Фатима. Ми недостасува, бидејќи веќе не можам да ја препознам. Сè повеќе се повлекува во себе и од ден на ден станува сè порадикална. Се плашам да не ја изгубам – или меѓу верските фанатици, или меѓу терористичките групи.“ На крајот стои датумот и телефонскиот број на кој загрижените граѓани можат да се обратат за помош во врска со наводниот екстремизам на своите сограѓани, соседи, роднини или деца.

Двојно срамотење

Разбирливо, кампањата со такви големи билборди предизвика гнев во муслиманските заедници во Германија. Претседателот на турската заедница во Берлин, Бекир Јилмаз, ја коментира кампањата за Дојче Веле со следниве зборови: „Ова е паушално. Се тргнува од претпоставката дека сите муслимани можат да бидат радикални.“

Бирол Коцаман, уредник на онлајн магазинот MiGAZIN – Миграцијата во Германија, а адвокат по професија, предупредува: „Опасното во акцијава е тоа што на фотографиите се луѓе кои би можеле да бидат ваши колеги од работа, пријатели од спортски клуб или соседи, значи, сите граѓани кои изгледаат како муслимани. Сите тие се осомничени дека би можеле да бидат опасни.“ Истата редакција на MiGAZIN веднаш му одговори на министерот со сатиричен контранапад. Под неговата слика стои текст: „Ова е нашиот министер за внатрешни работи, Ханс-Петер Фридрих. Не ни недостасува, бидејќи веќе не можеме да го препознаеме. Тој сè повеќе се повлекува во себе и станува сè порадикален. Се плашиме дека целосно ќе одлепи – во редовите на десничарските фанатици и терористички групи.“

Инаку, ваквиот институционален начин на понижување, како на поединци, така и на цели заедници, не е германска посебност. На пример, летово кај нас, веројатно заради бројните пожари, некои забегани властодршци предложија на пироманите јавно да им се обзнанат имињата и сликите во јавноста. Случаи на јавно понижување имаше и во Англија. Тамошните печатени медиуми едно време се забавуваа со објавување слики на осудени педофили.

Германската акција во себе комбинира најмалку два вида понижување: прво, се деградира една цела заедница, во случајов муслиманската, која, на некој начин, станува колективно осомничена. Акцијата, исто така, содржи понижувачки апел до сите членови на тие „сомнителни“ заедници да изразат дополнителна лојалност кон земјата која ги примила.

Колективното сомневање е карактеристично за општества и земји во предвоена и воена атмосфера. Се сеќаваме, се разбира, и на овдешните списоци за отстрел, објавени во весниците. Тие списоци со имиња на луѓе имаа многу порадикални последици – ликвидација на поединци, како и на цели семејства – отколку што (за сега) има акцијата на германскиот министер за внатрешни работи. Меѓутоа, тоа битно не ги менува работите. Тука е важен и еден факт, а тоа е дека Германија не е во војна. Или можеби е, во еден судир од низок интензитет, своевидна невидлива војна против своите граѓани-доселеници од исламскиот свет.

Најмалку исламски тероризам

Тероризмот во Европа мотивиран од исламскиот фундаментализам е еднаков на статистичка грешка, го има помалку од еден отсто годишно од вкупниот број напади. На страниците на Европол лесно можат да се најдат информации од тој тип: на пример, оние за 2009 година покажуваат дека во Европа само еден терористички напад бил инспириран од исламизмот, и тоа во Италија, а една година подоцна имало три напади, еден во Италија и два во Данска. Општо познато е дека повеќето терористички акти, како што ги дефинира европската полиција, потекнуваат од сепаратистички организации, првенствено од баскиската ЕТА, од северноирската ЦИРА (Континуирана Ирска републиканска армија) и од редовите на курдските организации. Податоците покажуваат дека повеќе од 60 отсто од нападите се токму акциите на баскиските сепаратисти во Шпанија и Франција. Тука се, исто така, и акциите на левичарските групи во Грција, Италија и Шпанија.

Овие податоци, всушност, говорат дека кампањата на германскиот министер за внатрешни работи е целосно промашена: тука не станува збор за каква било борба против тероризмот, туку првенствено за своевиден превентивен шовинизам, спонзориран од десничарската влада на германската канцеларка. Во исто време, истата стигматизирачка акција на полицијата „на момчиња и девојки со потемна коса и боја на очите“ е дел, за жал, од редовниот репертоар на неснаоѓање на западноевропските влади со доселеничките проблеми.

Извор: www.novossti.com

ОкоБоли главаВицФото