Притисна Чилеанската зима

20.09.2012 12:26
Притисна Чилеанската зима

Повторно бунт, повторно конфликт и репресија: околу 150.000 луѓе излегоа на 28. август на улиците на Сантијаго, барајќи радикална реформа на образовниот систем, но протестите беа задушени од жестоката реакција на полицијата, заради насилството на неколкумина демонстранти. Гумените куршуми и солзавецот не предизвикаа толкав неред како пред една година, кога дводневниот марш на повеќе од половина милион демонстранти заврши со апсење на речиси илјада протестанти; јасно е, сепак, дека демонстрацијата на сила останува да биде значајна стратегија на власта во обидите да се стави крај на т.н. Чилеанска зима, која трае веќе четиринаесет месеци. Но, исто така, е јасно дека летните одмори не го ослабеа и распаднаа движењето на отпорот, како што предвидуваа бројни коментатори. Напротив, фронтот на борбата за јавно финансирање на образованието на сите нивоа – како што, барем кај нас, гласи преводот на синтагмата „бесплатно образование“, наменет за појаснување на љубителите на разбирливото – се прошири и зафати четириесетина големи и конвергентни протести и борби, во едно моќно барање за промена на курсот на неолибералната државна политика.

Наследството на Пиноче

На учениците и студентите им се придружија синдикатите, наставниците, професорите, рударите, еколозите кои се противат на планот за изградба на пет големи хидроцентрали во јужниот регион Ајсен, застапниците на децентрализацијата... Исто како и минатите месеци во Монтреал, борбата за пристапноста на образованието го кондензира и катализира многу посеопфатното незадоволство на граѓаните и создаде простор за артикулација на јасни алтернативи на општеството на растечка социјална нееднаквост. „Во контекст на глобалната криза, локализираните жаришта веќе не можат да останат самостојни“, пишува за Гардијан марксистичкиот теоретичар и активист, Ричард Сејмор, коментирајќи ги немирите во Чиле. „Различните групи, од студентите и работниците, до локалните заедници, сфаќаат дека нивните аспирации се надополнуваат и дека нивните борби се поврзани.“

Симболичното значење на „Чилеанската зима“ се состои, се разбира, првенствено во фактот дека отпорот се зголемува во земјата која стана симбол за глобалното ширење на неолибералните модели и практики. Откако американската надворешна политика и ЦИА во 1973 година помогнаа да се собори претседателот Салвадор Аљенде – првенствено затоа што тој на тогашната економска депресија одговори со зголемување на платите, замрзнување на цените и со национализација на банките, успешно намалувајќи ја невработеноста и разликите помеѓу богатите и сиромашните – воениот удар на Аугусто Пиноче го означи почетокот на еден од првите неолиберални експерименти на државно ниво, подготвувајќи го теренот за подоцнежните интервенции на Роналд Реган и Маргарет Тачер. Тоа многу бргу покажа колку биле депласирани тезите на советникот на Пиноче и главниот идеолог на новата чилеанска економија, Милтон Фридман, за нужната поврзаност помеѓу слободата на пазарот и слободата во општеството: додека мерките на приватизација, дерегулација и либерализација на пазарните односи ги привлекуваа странските инвеститори, бруталната репресија над левицата завршуваше со озлогласениот карван на смртта, со пренамената на стадионите во логори и со затворски тортури.

А доколку денешниот образовен систем е директен производ на неолиберализацијата на Пиноче, тогаш не е чудно што главниот противник на демонстрантите е десничарскиот претседател Себастијан Пињера: на едната страна се студентите оптеретени со големи кредити, без кои не би можеле да се школуваат дури и на подобри универзитети, а на другата страна стои милијардер и медиумски магнат од берлускониевски профил, кој огромното богатство почнал да го стекнува со туѓи задолжувања, влегувајќи во доцните седумдесетти години во бизниси со новововедените кредитни картички. Фактот дека претседателот – познат инаку и заради смешните „пињеризми“, настанати од светлите традиции на „бушизмите“ на Џорџ Вокер помладиот – своевремено докторирал на Харвард со дисертацијата за „Економијата на образованието во земјите во развој“, само додава уште една гнасна нијанса во иронијата во целата констелација.

При тоа, судирот со демонстрантите сериозно ја поткопува на неговата позиција: иако ова лето, гостувајќи на Г-20 самитот, тој ја фалеше со „здравје“ и „цврстина“ националната економија, неговата популарност, во одредени периоди на протестите, му паѓаше на мизерни дваесет и пет проценти поддршка, и тука не помагаа ниту малите отстапки на демонстрантите, ниту предвидливите медиумски спинови за нивните „наивни“ и „неразумни“ цели, ниту минатогодишното разрешување на министерот за образование, ниту трите предлози за делумни реформи кои студентите ги одбија.


Гледајќи во задниот двор

Инаку, Пињеровото инсистирање на националниот економски успех во услови на глобална криза, е местото каде актуелната ситуација во Чиле станува поучна за Хрватска. Навистина: Чиле во вториот квартал од оваа година оствари раст на БДП од 5,5 отсто, влијателни меѓународни институции го промовираат во најнапредна земја во Јужна Америка, а Standard & Poor го оценува со исклучително висок рејтинг А+. Меѓутоа, додека овдешниов медиумски мејнстрим провоцира нервоза воочи есенските оценки на рејтинг агенциите за Хрватска, не е неважно да се објасни зошто масовни немири се случуваат во задниот двор на јужноамериканскиот лидер: штом ја промениме перспективата на разгледување на економската ситуација, и земјите почнеме да ги рангираме според индексот на Џини, односно, според најприфатеното мерило за економската (не)еднаквост, се испоставува дека Чиле влегува во самиот светски врв на диспропорционална распределба на богатството. Толку, значи, што се однесува до анализите на Fitch, Standard & Poor, Moody и останатите истражувачи на територии погодни за брзо и елегантно оплодување на капиталот, толку за критериумите кои се водат според абецедното оценување: некогаш, едноставно кажано, цената за државата да не заврши во метафоричното ѓубре на рејтинг агенциите се состои во тоа во вистинското ѓубре да копа добар дел од нејзините граѓани.

Чилеанскиот одговор на системското економско насилство, во кое полициската бруталност е само помал и нешто повидлив дел, нуди единствена перспектива на постепено и макотрпно создавање општество на еднакви можности за образование, еколошка одговорност, вистински работнички права, солидарност. Оние кои сегашната економска ситуација во Хрватска не ја мерат само со разочарувачкиот пад на БДП-то, туку и со многу поостриот пораст на индексот на Џини кон горната амплитуда на нееднаквоста, можат од овој пример да учат за важноста на поврзувањето на навидум оддалечените точки на отпор.

Извор: www.novossti.com

Слични содржини

Општество / Активизам / Свет / Психологија
Активизам / Балкан
Активизам / Свет
Активизам / Свет / Екологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото