Бајка за кројачот

21.09.2012 09:33
Бајка за кројачот

 I

Не верувам дека тоа беше кројач.

            Стоеше пред судијата и зборуваше: „Сакам да одам во затвор; во затворот дури и најдобро се чувствувам. Мајка ми умре, со пријателите се разидов; поточно, ни кон мајка ми не бев каков што требаше да бидам. Каква вредност тогаш има животот?! Но, не се сите во состојба да извршат самоубиство. Смилувајте ми се, господине судија, и затворете ме засекогаш! Би бил среќен поради тоа! Во затворот би можел да работам како кројач и повеќе не би било потребно да излегувам надвор во светот.“

            Но, судијата немаше разбирање и го осуди на една недела затвор.

            Осудениот поднесе жалба заради преблагата казна.

            Судијата му објасни дека жалба заради премногу блага казна може да поднесе само јавниот обвинител. Меѓутоа, јавниот обвинител не покажуваше никаква желба да го направи тоа.

II

            Мислам дека наскоро потоа преку Рингот „12ти Ноември“ тркалав бомба, која беше поголема од мене. На неа работев целиот свој живот. Со неа сакав да го дигнам во воздух своето време. Ме запре еден полицаец и ја разгледа бомбата. Реков: „Со оваа бомба морам да го дигнам во воздух своето време, бидејќи не ме следи, господине полицаец, тоа се моите дела.“ Во тој момент бомбата ми се причини голема како огромните топови хартија истоварени пред печатниците за весници. „Ах, вие пишувате за весниците“, благо рече полицаецот, „вам не ви треба никаква писмена дозвола.“

III

            Мојата бомба во величенствен лак се истркала низ капијата на парламентот, во големото предворје, каде секогаш има многу полицајци кога се најавува некоја револуција. Смеев и да ја запалам, но таа се изгасна бидејќи горе се држеа говори. Кога извикав: „Тоа ќе биде бомба и дваесет години по мојата смрт!“ сите полицајци се нафрлија врз мене. При рака имав некоја алатка, која, мислам, се вика рачна дупчалка; тоa е дупчалка која ја потпирате на своите гради и со рачен придвижувач ја ставате во движење; со неа се дупчат дупки во железо; со неа се бранев. На еден полицаец му ја ставив меѓу второто и третото копче и почнав да вртам. Тој беше сè поблед. Но, другите ме зграпчија за рацете, па иако не успеаја веднаш цврсто да ме фатат, сепак на моите раце се струполуваше сè поголем товар под кој тие најпосле не можеа повеќе напред.

            Така ме уапсија.

IV

            „Господине судија!“ , реков.

            „Господине судија, многу нешта изучував во животот и со што сè не сум се занимавал сакајќи да станам поет, да го запознам своето време–, а не само—“ ; се бранев бесрамно, но сето тоа на судијата веќе му беше познато, се насмевна и запраша:

            „Дали трчавте по заработка?“

            „Никогаш!“ , извикав радосно, „па тоа е забрането!“

            Тогаш претседавачот го погледна оној што седеше покрај него, колегата правник лево од себе, јавниот обвинител новинар, и сите се насмеаја. „Барам стручно мислење од вештак“, триумфално извика бранителот.

            „Обвинет сте дека не трчате по заработка“, рече судијата.

V

            Оттогаш седам во затвор.

            Му недостасува вијуга за пари, објаснуваа вештаците, затоа не поседува ни морални регулативи и веднаш станува раздразлив кога се постапува поостро со него; освен тоа, страда и од неспособност да си ги собере мислите, не може да го запамети тоа што другите сто пати го кажале, секогаш е во потрага по нови идеи. И така натаму. Уште полоши беа мислењата на книжевните вештаци. Во целина сум оценет како човек со помала вредност на кој единствено не му се оспорува правото да биде казнуван.

             Но, откако е донесен таков суд за мене, живеам во бајката на редот. Никој не го осудува моето недолично однесување, напротив, мојата појава меѓу затворениците зрачи со некаква благост. Мојата интелигенција просто стрчи. Како книжевник, јас сум авторитет и дозволено ми е да пишувам писма дури и за надзорниците. Сите ме фалат. Јас, кој во светот на исправните граѓани бев човек со помала вредност, во светот на неисправните сум општо прифатен морален и интелектуален гениј. А јас ништо не правам за пари, туку сè за пофалба и самопофалба. Повторно работам како кројач. Чудесна е суштината на работата, мојата душа е игла; таа со часови влетува и излетува, со денови зуи како пчела, а мојата глава е толку празна, како кога човек лежи во гроб, а пчелите зујат.

VI

            Кога некој би ми докажал дека сето ова не е вистина и дека јас не сум поранешен кројач, човек со помала вредност, и дека не живеам во затвор, тогаш би го замолил претседателот на Републиката за почесно место во лудница.

            И таму е убаво. Би бил сосема дораснат за тамошните барања и никој не би се чудел што своите работи ги извршувам заради нив самите. Tаму дури би ми ги тргнувале од патот и сите пречки.

 

Слики: Marcel van Eeden

ОкоБоли главаВицФото