Лешинарска лустрација: Ни мртвите не ги оставија да почиваат во мир!

21.09.2012 12:20
Лешинарска лустрација: Ни мртвите не ги оставија да почиваат во мир!

Црниот хумор стана црна реалност

Пред повеќе од една година, предупредив дека лустрацијата веќе се претвори во морбидна карикатура и инструмент за политичко-полициска злоупотреба. Неколку месеци потоа го објавив и текстот-пародија „Лустрација на сè живо и мртво!“ со поднасловот „Дискриминација е да се лустрираат само живите, а не и мртвите функционери!“ Но, ѓаволот веќе одамна ја има однесено шегата од Македонија. Комисијата на „живиот мртовец“ (“живиот” претседател со “мртов” мандат) презеде мерки за борба против дискриминацијата врз основа на живот, па почна да лустрира ем живо, ем мртво!

Имено, во „Регистарот на лица за кои Комисијата утврди дека го исполнуваат условот со кој се ограничува вршењето на јавна функција“, под реден број 29 не фигурира никакво лице! Во графата „Име, татково име, презиме, ЕМБГ“ податоците (ако воопшто ги има) се прекриени со сива лента. Во графата „Носител, кандидат или бил носител на јавна функција“ стои само „бивш носител“, без други податоци за функцијата (кои се детални за неговите лустрирани колеги под број 27 и 28). Во регистарот има само „Број и дата на Решение на Комисијата (поради што не се исполнува условот за вршење јавна функција)“ - 07-3320/1 12.09.2012. Тоа е крунскиот доказ дека лустраторите, со сиот памет, навистина донелe решение дека починато лице не исполнува услов за вршење јавна функција!

 

Од кога мртвите станаа закана за демократијата и човековите права?

Секој што ја прочитал резолуцијата 1096 (1996) на Советот на Европа, би требало да знае дека фокусот на лустрацијата е на постоечките закани кон фундаменталните човекови права и кон процесот на демократизација. Секој, освен нашите некрофобични лустратори. Зарем тие не знаат дека главната зацртана цел на лустрацијата беше да исклучи одредени живи лица од позиции на моќ, за да се заштити новонастанатата демократија? Или не знаат, или пак намерно ја игнорираат дефиницијата на лустрацијата што ја понудија предлагачите на законот: „отстранување на опонентите на демократијата и на оние кои ги кршеле човековите права во поранешниот режим“.

Меѓутоа, по логиката на Аџиев и компанија, излегува дека некои починати поранешни функционери се опоненти на демократијата и треба да бидат лустрирани, макар што не биле наредбодатели во поранешниот режим, туку во демократска Македонија.

Според насоките на Советот на Европа, лустрацијата може да се користи само за да се елиминира заканата од страна на субјектот на лустрација, кој би можел да ја злоупотреби својата позиција за да ги повредува човековите права или да го блокира процесот на демократизација. На кој начин починатите би можеле да ја злоупотребат својата позиција? На кој начин тие би можеле да ги повредуваат човековите права или да го блокираат процесот на демократизација? На овие прашања треба да одговорат нашите лустратори, бидејќи чаршијата веќе почна да се мајтапи со нивните “пресуди”.

Дали лустрацијата на поранешни “наредбодатели” од државната безбедност е законска?

Насоките на Советот на Европа јасно укажуваат дека “лустрацијата треба да биде лимитирана на позиции за кои има добар разлог да се верува дека субјектот ќе претставува значителна опасност за човековите права или демократијата”. Според овие насоки, нема сомнение дека на лустрација подлежат и службениците за безбедност и разузнавање. Но, нема сомнение и дека значителна опасност за човековите права или демократијата можат да претставуваат сегашните, а не поранешните наредбодатели во службите за безбедност и разузнавање.

Во минатиот закон имаше експлицитни одредби за лустрирање на наредбодатели, но не беше лустриран ниту еден. Во сегашниов закон исчезнаа тие одредби, а само на едно место се спомнува “наредбодател” – во “осакатената” дефиниција: “За наредбодател, во смисла на овој закон, се смета службено лице кое вршејќи ја својата функција со писмен документ наредил или одобрил дејствување со кое се кршени или ограничувани основните слободи и права на граѓаните.” Дефиницијата е буквално препишана од претходниот закон, но е “осакатена” - избришан е последниот клучен дел: “од иделошко - политички причини”.

Во претходниот закон имаше експлицитна одредба дека дополнителниот услов го исполнуваат лицата кои не се евидентирани како наредбодатели. Но, во сегашниов закон мистериозно исчезна таквата одредба, па стои само дека комисијата лустрира штом ќе “утврди свесна, тајна, организирана и континуирана соработка и активност...” на “таен соработник, оперативна врска или таен информатор...”. Парадоксално, Комисијата не лустрираше наредбодатели кога имаше законска основа за тоа, а почна да лустрира дури и починати наредбодатели, без експлицитна законска основа.

 

Каква смисла има лустрацијата на починатите?

Лустрациската дисквалификација од службата не треба да трае подолго од пет години, согласно насоките на Советот на Европа. Логиката е дека не треба да се потценува “способноста за позитивна промена во индивидуалниот став и навиките”. Каква смисла има да се лустрираат починати луѓе, кога тие се веќе трајно дисквалификувани од можноста за вршење на било каква јавна функција?

Лустрацијата, генерално, беше предвидена за временската рамка од последната деценија на комунистичката диктатура, поради следниов разлог: ако некое лице не направило повреди на човековите права во последните десет години, малку е веројатно дека ќе ги направи сега. Постои ли воопшто некаква веројатност починато лице да направи повреда на човековите права?

 

Како ќе се почитуваат правата на лустрираните кои се починати?

Според насоките на Советот на Европа, ниедно лице не смее да биде лустрирано без соодветна заштита на правото на фер судење. Тоа подразбира право на адвокат, право да се предизвикаат и оспоруваат доказите, право на пристап до можните докази, право да се изнесат сопствените докази, право на јавно сослушување, како и право на жалба до независен судски трибунал. Практично, комисијата за лустрација има функција аналогна на било кој суд и мора да ја докаже индивидуалната вина во секој поединечен случај, притоа почитувајќи го правото на фер судење.

Лустрацијата на починатото лице предизвикува лавина правни парадокси. Според чл. 31 став 3 од новиот закон за лустрација, “Лицето над кого се врши проверка ќе биде известено од страна на Комисијата”. Како сега комисијата ќе го извести починато лице дека е проверено и лустрирано? Дали ќе испрати курир да му го остави решението за лустрација на гробишта? Или пак ќе се одлучат да го повикаат неговиот дух во спиритистичка сеанса, допирајќи со прстите превртена чаша на средината на лустрациската маса? Дали повиканиот дух ќе има можност да повика адвокат и да изнесува докази во негова полза? Што ќе се случи ако повиканиот дух на лустрираното лице не се согласува со решението за лустрација, па одлучи да поведе постапка пред надлежен суд заснована на начелата на приоритет и итност?

 

Лешинарска лустрација

Дури и луѓето со најнизок коефициент на интелигенција знаат дека лице што не е живо не го исполнува основниот услов за вршење јавна функција. Ама не и нашиве лустратори кои упорно спроведуваат идиотски закон. Според лустраторите, “лицето” под број 29 не го исполнува условот со кој се ограничува вршењето на јавна функција, не затоа што не е меѓу живите, туку затоа што…(?!?) И, никој не знае зошто.

Никој не би требало да знае зошто е лустрирано лицето бр. 29, оти решението, образложението и доказите не се воопшто објавени на веб-страницата на комисијата. Никој не би требало да го знае ни неговото име, затоа што не е јавно објавено (иако портпаролот на комисијата нè убедуваше дека „Законски не е спорно објавувањето на имињата на починатите функционери односно наредбодавци…”). Но, се случи уште едно лустрациско чудо. Медиумите го објавија не само името на лицето бр. 29 и неговата функција, туку и наводните причини зошто било лустрирано.

 

Комисија за апсурдизација

Лустрирањето на починатото лице бр. 29 не е единствениот апсурд. Ако се точни информациите дека починатото лице е лустрирано затоа што било директор на Службата за државна безбедност (од 1995 до 1998 година), тогаш истото е лустрирано според одредби кои веќе беа укинати како неуставни и дискриминаторски. Имено, Комисијата за лустрација продолжува да дискриминира поранешни функционери, не затоа што кршеле човекови права во време на “комунизмот”, туку во демократска и независна Македонија!

Но, еве, да претпоставиме дека лицето бр. 29 навистина кршело човекови права од 1995 до 1998 (и покрај тоа што не се објавени никакви докази). Тогаш се поставуваат следниве прашања: Зошто против лицето бр. 29 не била покрената кривична постапка по 1998 година, кога премиер беше Љубчо Георгиевски, а министер Никола Груевски? Потоа, дали по лустрацијата на починатиот раководител на СДБ ќе уследи и лустрација на починатата раководителка на Агенцијата за разузнавање, која беше аболицирана по обвинувањата за противуставно прислушкување на стотици јавни личности? Најпосле, зошто почнаа да се лустрираат само починати лица кои кршеле права во независна Македонија? Зошто прво не се лустрираат починатите судии на Ченто, како и наредбодателите на неговиот прогон? Дали Комисијата ќе ги лустрира и Лазо Колишевски и Јосип Броз Тито како наредбодавци или корисници на информации?

 

Бизарни фарси

Обидите на властодржците да ги судат, погубуваат или проколнуваат мртвите не се непознати во историјата. Во древниот Рим постоела практиката damnatio memoriae со која се осудувале на неспоменување поранешни императори или “предавници”. И тогаш имало обиди за бришење од историјата на видни личности, слични на актуелните обиди за бришење од историјата на ВМРО-ДПМНЕ на нејзиниот основач. Напати, диктаторите се обидували да ги уништат и сите постоечки траги на нивните порази. Таква бизарна епизода е и наредбата на Сталин за неспомнување (проследено со бришење на сите постојни фотографии и снимки) на поразот на фудбалскиот тим на СССР од страна на “предавничкиот” тим на Југославија, на олимписките игри во 1952.

Лустрацијата на починати не е помалку бизарна од јавните судења, казнувања или погубувања на починати. Едно од најбизарните судења на починати се има случено во 897-та година, кога римскиот папа Стефан VI(I) наредил да се откопа телото на неговиот претходник Формоз и јавно да се суди. Лешот бил поставен на трон, а бил назначен ѓакон да одговара наместо обвинетиот леш. По судењето лешот бил прогласен за виновен, му била соблечена светата одежда, му биле пресечени три прста од десната рака, а сите негови ординации биле поништени. Телото на “лустрираниот” поранешен папа прво било набрзина закопано во гробиштата за туѓинци, а потоа било откопано и фрлено во реката Тибер.

По ваквото спектакуларно судење (познато како Synodus Horrenda), јавното мнение на Рим се свртело против папата Стефан, кој бил затворен и погубен. Неговиот наследник ги поништил одлуките на лешинарскиот синод и забранил какво и да е идно судење на починати. Но, тука не е крајот на приказната. Еден од судиите на лешинарскиот синод подоцна станал папа, и повторно ја “воскреснал” осудителната пресуда на мртвиот папа Формоз.
Се разбира, сите сличности со нашава лустрациска фарса се сосем случајни.

Слики: Jean Paul Laurens