Англистиката не е за жени

21.09.2012 12:38
Англистиката не е за жени

Властите на Исламската Република Иран очигледно веруваат дека конечно дошло време, по повеќе од триесет години неуспешни обиди, и на универзитетите да се раздвојат мажите од жените. Во првата година на Исламската република оваа поделба беше спроведена во градинките и во училиштата. Од тогаш ниту едно момче не може да оди на училиште каде одат девојчиња.

Последниот обид за разделување на мажите од жените на универзитетите пропадна пред две години, по ветото на претседателот Махмуд Ахмединеџад, кој, во едно писмо упатено до министрите за образование и култура, побара да се воздржат од вакви „површни“ и „непромислени“ предлози.

Додека минатиот предлог се занимаваше со просторна поделба на половите, мерките кои овој семестар ги воведоа некои универзитети се далеку порадикални. На 36 универзитети, на жените им е забрането да присутвуваат на дури 77 предавања. На жените им се забранети предметите кои традиционално се сметаат за „машки“, како што се инженерството и геологијата, но и оние кои се посетувани првенствено од жени, како што се хемијата, педагогијата, англискиот јазик, книжевноста и книговодството. Многу универзитети отидоа и чекор понатаму во спроведувањето на овие ограничувања, така што на жените, на некои универзитети, им стои на располагање само еден предмет.

За вистинските причини за овие апсурдни постапки може само да се шпекулира. Според една верзија, се претпоставува дека станува збор за конечна пресметка со западното наследство во образованието. Пред две години, водачот на револуцијата, Али Хамнеи, се пожали дека влијанието на западната култура и цивилизација е сè уште задржано на универзитетите. Особено се „заразени“ општествените науки, а сегашните напори се во насока тие што е можно повеќе да се „исламизираат“. Стотици професори, за кои имаше сомневање дека имаат афинитети кон западот, се отпуштени.

Според други извори, се работи за нагло зголемување на бројот на студентки; во моментов, во Иран, повеќе од 60% од сите студенти се жени. Со цел овој тренд да се запре, најпрво парламентот расправал за воведување квоти за мажите, а сега се прават обиди за ограничување на бројот на предметите кои биле достапни за жените.

Причините кои одговорните ги наведуваат како оправдување за воведување на овие мерки се разновидни. Весникот Entekhab изложи неколку аргументи од кои се крева коса на глава: „Научно е докажано дека разделувањето на студентките од студентите делува позитивно врз нивниот успех на факултет: студентите се помирни и поконцентрирани, бидејќи со разделувањето се избегнува појавата на желбата за промискуитет и се спречува гледањето на сексуалноста како стока. Исто така е докажано дека многу жени веруваат дека универзитетите се најдобро место за запознавање мажи, што е и причината за голем број студентки. Овој нерамноправен однос на бројот на машки и женски студенти води кон тоа дека во иднина ќе има повеќе образовани жени, а сè помалку образовани мажи, што е за секој маж неприфатливо понижување.“

Авторот на статијата се повикува на Сигмунд Фројд, кој утврдил дека децата на силни жени и слаби мажи се повеќе склони кон хомосексуалност. „Мешаните универзитети придонесуваат кон тоа мажите и жените сè повеќе да личат едни на други, како што е случај на Запад, што доведува до тоа еротиката и сексуалноста меѓу брачните партнери веќе да не функционира. Значи, поделбата на половите би придонела не само за физичкото, туку и за духовното здравје. Младите порано би стапувале во брак и, на тој начин, би го стабилизирале семејството. Жените би се посветиле на децата и на домаќинството. Покрај тоа, овие мерки би придонеле за мирот на родителите, особено на оние религиозните, кои би можеле со мирна совест да ги праќаат своите ќерки на студии.“

Дежурните моралисти не го губат од вид ни паричникот. „Дали жените би можеле да студираат без финансиска поддршка на мажите? Кога сами би го плаќале студирањето, помалку време би посветувале на шминкање и на надворешниот изглед.“

Од самото доаѓање на власт, духовните лидери на Иран се опседнати со ова прашање. Нивната идеја за исламизација на општеството е фокусирана на сексуалноста, при што, во повеќето случаи, жените се цел на кампањите. Лидерите на „Божјата држава“ би биле најзадоволни кога би можеле жените повторно да ги вратат на шпорет. Но духовите, кои своевремено самите ги повикаа, немаат намера да заминат. Пред револуцијата, жените се собираа на големи демонстрации, на верниците им делеле касети со пораки на ајатолахот Хомеини од Париз, а понекогаш и оружје. Милиони жени помагале на војниците во војната помеѓу Иран и Ирак.

Откако еднаш влегоа во јавната сфера, жените веќе не дозволија да бидат потиснати: даваа отпор, бараа рамноправност, заземаа високи државни позиции, основаа здруженија на жени, објавуваа бројни весници и списанија. Станаа и политички активни, на протестите против владата секогаш беа во првите редови, што беше случај и во текот на последните големи протести, по претседателските избори во 2009 година, кога жените го сочинуваа мнозинството од демонстрантите.

Сево ова од иранските жени направи личности полни со самодоверба. Фактот дека на исламистите никогаш нема да им успее да ја наметнат својата идеја за моралот, го должиме не само на секуларно ориентираните, туку, исто така, и во многу поголема мера, на религиозните жени. Сите тие имаат дадено голем придонес за развојот на иранското општество и тие нема да дозволат мулиња да управуваат со нивните животи.

Извор: Neue Zürcher Zeitung

ОкоБоли главаВицФото