Што ако животните...

22.09.2012 12:21
Што ако животните...

Што доколку ние нема да умееме да им ОДГОВОРИМЕ на животните, еден ден, за она што сме им го направиле? Што ако тие побараат одмазда? Да нè набутаат нас во ТРЛА, со сè нашиот измет кој пропаѓа низ металните решетки врз струготините долу, каде што немате простор ни да МРДНЕТЕ? Што ако тие ги земат сите наши ЈАЈЦА? Што ако редум нè одведат на колење, пред очите на нашите пријатели и семејства, затоа за да можат да нè ЈАДАТ? Што ако тие викаат на нас ако им ѕиркаме в куќи, ако палат петарди во нашите газови, или ако нè фрлат низ пожарните скали, онака, од кејф? Што ако тие ги кастрираат мажите и вештачки ги оплодуваат жените? Што ако тие нас нè хранат со човечко месо, за што побрзо да се НАТОВИМЕ? Што ако нè МОЛЗАТ (СЕКОЈДНЕВНО)? Што ако тие ни набутаат УЗЕНГИИ во нашите усти, ако нè бичуваат и нè тераат да ги НОСИМЕ каде што тие сакаат, или ако нè принудат да прескокнуваме преку ПРЕПОНИ кои ни ги кршат нозете? Што ако тие се облекуваат во нашите влакна и кожа, ако прават перници од нашите коси, ако ги ВАРАТ НАШИТЕ КОСКИ за да прават желе за своите колачи? Што ако нè печат со јаболки во нашите усти и со НОЖНИТЕ МУСКУЛИ НА ДРУГИ ЛУЃЕ префрлени преку нашите грбови? И ако ги сметаат нашите фетуси и тестиси за посебна посластица? Што ако тие на телевизија гледаат ЕМИСИИ ОД ПРИРОДАТА, за нас како се париме или се тепаме и ГУГАМЕ во врска со слатките ноџиња на нашите бебиња, додека ги полнат устите со храна направена од нас, исечканите? Што ако тие НАЈДАТ ПОДЛОГА ЗА СЕТО ТОА - и го оправдаат тоа врз основа на НИВНИТЕ наука и религија, коишто потврдуваат дека ние сме тука за да бидеме искористени?

Што ако нè спуштаат во окната на рудниците за да го тестираме воздухот? Што ако китовите НАС нè напумпаат кога ќе се насукаат на некоја плажа? Што ако кучиња седат во санките додека НИЕ ќе влечеме, или кога ќе НÈ истренираат да душкаме патни торби барајќи бомби или ако НÈ пратат босоноги во зграда во пожар, за да им помогнеме на КУЧИЊАТА да излезат живи? Што ако магариња нè натераат да влечеме ЦЕЛИ КУЌИ за нив, а мачките да ги ставаат нашите бебиња в торби за да ги фрлат и да се удават? Што ако ние мораме да ги следиме животните во НИВНИТЕ војни?

Што ако тие нè набутаат во зоолошки градини и ако ПОЧНАТ ДА ЅВЕРААТ во нас, или ако го испробаат секој проклет хемиски производ врз нашите очи? Што ако тие всадат гени на медуза во нас за да БЛЕСКАМЕ, или ако нè клонираат и ги подарат нашите органи за добробит на СВИЊИТЕ? Што ако тие постојано ги катетеризираат нашите жени, за тие да произведуваат хормони за кобили?

Што ако јастозите се побунат и ако НÈ СВАРАТ ЖИВИ, а остригите ако нè полапаат живи и палави, со капка или две Табаско? Што ако пилињата ги стават НАШИТЕ еднодневни бебиња врз бескрајните ленти и ако телескопирачки ги пратат низ цевки и ги вртат низ инките кон иднината во инкубатор? Што ако биковите победуваат во сите БОРБИ СО БИКОВИ и ако зајците почнат да нè извлекуваат од шешири?

Што кога тие би им допуштиле на своите деца скришно да нè МАЧАТ? Што ако тие непрекинато нè заплашуваат, ја грабаат нашата земја и нè ЕБАТ кога ќе им светне?

Уметноста едвај да го признава ПОСТОЕЊЕТО на животните (освен ако не ги сметате Стабс, Сен-Санс, садистичките цртани филмови, Езоповите басни и оној одвратниот Бел песјак). Сè мора да биде за НАС: бескрајни приказни (ТОЛКУ МНОГУ ПРИКАЗНИ) за нас, кои успеваме да се сретнеме и да копулираме и слики за нас како се соблекуваме или за тоа како нè убиваат или за нас БОГАТИТЕ. Во што е целта да се охрабрат нашите ДЕЦА да сакаат животни, преку подарување домашни галеничиња и зајчиња играчки, преку читање приказни со животни кога, откако ќе пораснат, тие деца само ќе УБИВААТ, ЈАДАТ и ЗЛОСТАВУВААТ животни и ќе им купуваат животни на своите деца за тие да ги злоставуваат, јадат, убиваат?

Фрагмент од романот „Dot In the Universe“ од Lucy Ellmann
Слики: Donald Baechler

ОкоБоли главаВицФото