1015 hPa
57 %
24 °C
Скопје - Саб, 06.06.2026 21:59

Фетиш е специфичен сексуален предмет на перверзија, но одредени негови варијанти можат да се најдат и во невролошкото и културното функционирање.
Во мошне одредена клиничка рамка на перверзијата, според теориската поставка на Фројд, фетишот кај мажот се гради во повеќе етапи:
-со оглед на тоа дека перцепцијата на женскиот полов орган докажува постоење на друг пол, таа кај момчињата се толкува како можност за загуба на сопствениот пенис, што е извор на неподнослив ужас: таа перцепција ќе биде, значи, порекната, потоа заменета со една од сличните перцепции (по урнекот на споменот-екран) која и’ претходела на голотијата и на погледот кон очекуваниот но непостоечки пенис: кон рака, нога, коса, гаќички, чорапи, кецела, подсукња, марамчиња, чевли, чизми, крзно, свила, сатен итн.;
-оваа супститутивна перцепција е поставена одбранбено (таа штити од стравот од кастрирање) и ќе создаде сексуален предмет (контрафобичен) кој ќе биде супститут за „реалниот“ сексуален објект (пенисот на жената);
-потоа тој претерано вреднуван објект се одвојува од телото на жената, но така што ја претставува (тој е метонимија, дел за целина), што ја отелотворува и може, од тој момент, самостојно да постои (жената веќе не му е потребна), а, покрај тоа, и самиот е поседуван и преносив: меѓутоа, тој така станува единствен и изричит услов за можните возбуди и задоволства. Тоа првенствено ќе биде некој нежив предмет, но кој обврзно бил во врска со женското тело и со тоа што ќе биде пренесен ќе се сочува нејзината трага и така ќе се задржат сексуалната возбуда, желбата и нејзиното задоволување, а притоа ќе се избегне застрашувачката перцепција која ја одржува фантазијата за жена со пенис. Тој предмет, значи, мора да биде стабилен, видлив, стварен, да го симболизира присуството на отсутниот пенис, со самото тоа и уверлив, но и олфактивен, не човечки (отпорен на садистички напади), единствен и ексклузивен (не постојат два или повеќе фетиши, гаќички и чизмичка, на пример);
-тој предмет-фетиш овозможува, значи, да се избегне стравот поради половата разлика и кастрацијата, со што го штити задоволството од секоја опасност и ја чува фантазијата за мајката или жената како да се снабдени со пенис, како да се некастрирани; бидејќи фетишистичкиот предмет претставува еквивалент за пенис;
-обликот на фетишот е земен меѓу културно вреднуваните предмет, што ќе рече дека предметот фетиш е поврзан со културата и епохата: во нашето време тоа ретко е чизмичка или некое крзно, попрво е парче алишта, очила итн.

За фетишот добро да се разликува од другите сексуални предмети, да подвлечеме дека основниот квалитет на фетишот е тоа што тој е единствен предмет кој предизвикува возбуда штом ќе се здогледа, а задоволството најчесто е при самоеротизирачкото, мастурбаторско искуство, или овозможува сексуално задоволство само врз една специфична точка од телото на жената; а доколку има непосреден допир со кожата, тој мора да остане таинствен: што ќе рече дека ги повторува составните делови на првобитната сцена: тајното воајеристичко возбудување (самоеротизирачко) и кожата на видениот објект. Конечно, условот на тајноста може да води дотаму што фетишистот краде прамен од коса или женски алишта (марамче, кецела, чевла, свилена ткаенина) итн., а исто така и да го објасни фактот дека на ниеден фетишист не му пречи да биде тоа.
Според Фројд, само мажите можат да бидат фетишисти бидејќи само тие чувствуваат дека ги загрозува перцепцијата на отсутниот пенис како претпоставена последица од кастрацијата. Останува, меѓутоа, можноста за фетишизам и кај жената, прилично ретка, но треба да се разликува од снажно изразениот фалицизам или нарцизам на телото, било да станува збор за нејзиното или за телото на мажот (за неговата мускулатура, на пример). Бидејќи, за предметот да биде препознаен како фетиш во смисла на настраноста, тој мора да има својство на издвоен фрагмент, потоа мора да биде пренесен врз отелотворувачки супститут, преценет, со одбранбена улога, да биде единствен извор на задоволување, но во таен посед.

Бине прв го означил „обичниот фетишизам во љубовта“ во случаите кога некој омилен сексуален предмет е преценет и издвоен (од сите други жени) и кога е единствен кој предизвикува возбуда; уште почесто, како што тоа го покажува книжевната традиција на „блазоните“ во стих за женското тело (кај Клеман Маро или Морис Сев), еден дел од женското тело може да биде избран и издвоен за да ја претставува (гради, задник, коса итн.) независно од остатокот на нејзината личност и за да покрене исклучиво сексуална возбуда.
Фетишот исто така може да настане и по когнитивен пат: некоја клучна реченица, единствен поим (да се види Фројд или Асун) со одредено уживање ќе биде поставен како бедем наспроти секоја дискусија.
За некои поединци религијата и културата претставуваат извори на фетишот, но со содржина на потисната сексуалност: распетието, знамето, амајлијата итн. Материјалните предмети настанати во анимизмот или тотемизмот се предмети на обожавање и имаат таинствена моќ, како што култниот предмет е издвоен, апстрахиран од се’ и како таков е монотеистичен, наспроти политеизмот кој ги умножува изворите на возбудите и претставите. Се смета дека овие предмети истовремено имаат моќ за заштита и уживање.
Извор: Le dictionnare du corps, 2008