Почитувачите на природните уникатности на Македонија за проектот „Луково Поле“

24.09.2012 13:01
Почитувачите на природните уникатности на Македонија за проектот „Луково Поле“

Септември 2012 година. Без голема медиумска посветеност, започнаа градежните активности поврзани со хидросистемот „Луково Поле“. Тивко за еден таков огромен, според обемот на активностите, и несериозен, според нестручните анализи на теренот, проект.

Учесниците на традиционалното искачување на Голем Кораб по повод независноста на Македонија, веќе можеа да ги забележат новите пристапни патишта за изградба на тунели и каптажи во сливот на реката Штировица чии води еднаш веќе беа зафатени за полнење на Мавровското Езеро. Намената на тие тунели и каптажи е да ги зафатат водите од убавите притоки на Штировица и изворчињата што се наоѓаат во нејзината клисура пред каналот што ја носи водата во Мавровското Езеро и да ги пренасочат североисточно преку ридот Пројжаба со цел да ја полнат акумулацијата „Луково Поле“.

Без да навлегуваме во економската исплатливост на целиот проект и за тоа какви последици ќе има неговата реализација врз животинскиот и растителниот свет на поголемиот дел од масивите на Кораб и Шар Планина, а со тоа и на добар дел од неодамнешните строги заштитени зони на националниот парк „Маврово“, ќе наведеме многу поочигледна причина зошто не смее да се дозволи овој проект докрај да се оствари и да ги уништи сливните подрачја на Длабока Река, Габровска Река, Стрезимирска Река, Штировица, Убав Поток, а со тоа и на горниот тек на Радика.

Од 1952 година кога подрачјето на планината Кораб официјално се најде во рамките на НП „Маврово“, па се до последнава деценија, најголемиот дел од нејзините падини и долини беше неофицијално затворен за посетители, најмногу заради режимот на строгата гранична контрола во тогашната СФРЈ, како и заради стравот од вооружени илегалци што ја користат ненаселеноста на подрачјето за непречено крстосување по граничниот појас со Албанија и СРЈ/Косово. Токму таа ненаселеност на подрачјето на Кораб, во корелација со „затвореноста“ за посетители, како и непостоењето на планинарски домови и друга туристичка инфраструктура, овозможила природата да остане речиси недопрена и да ја сочува својата убавина.

Ако се изземат селата Нистрово и Ничпур, со стотина луѓе, останатите поткорапски села се одамна раселени, а и во минатото немале многу луѓе за да извршат којзнае колкаво негативно влијание врз планината. Освен жителите на блиските населби кои најчесто заради чувањето на стоката, без рестрикции се движеа по пасиштата и долините, тајните на убавините на Кораб ги знаеја само уште војниците и вработените во паркот. Последниве, со право тие природни реткости ги прогласија за строго заштитени зони.

Меѓутоа последниве десетина години со подобрувањето на општата безбедносна клима и интересирањето на планинарски и еколошки друштва, агенции за алтернативен туризам и поединци љубители на природата, тие реткости не можеа долго да останат скриени. Во тие кругови протекуваа информации за карпести планински врвови, високи и тесни кањони, леднички езерца, густи иглолисни шуми и останати релјефни форми невообичаени за нашето поднебје. На часовите по географија, Длабока Река и околината како уникатен предел во поширокиот регион, стана поексплоатирана тема.

Полека започнаа и првите организирани посети на овие подрачја, а по секое враќање учесниците раскажуваа со импресии за нешто што не виделе досега и немале претстава дека се наоѓа на територијата на Македонија. Фотографиите од тие патешествија почнаа да привлекуваат се повеќе домашни и странски туристи. Вториве, последниве 2-3 лета буквално ја преплавија планината и многу често можеа да се сретнат нивни кампови на висорамнините и покрај речните долини искажувајќи го нивното задоволство што конечно успеале да најдат една девствена планина во Европа.

Колку да нè потсетат со какви природни ресурси располагаме како држава. Малкуте останати луѓе во Нистрово се радуваа што по подолго време повеќе луѓе доаѓаат во селото, а некои од нив почнаа и да нудат сместување и логистика со помош на коњи. Причината за тоа заживување е податокот дека на само 15-тина километри пешачење од последната трага од некаква цивилизација се доаѓа до водопадот на Длабока Река висок 136 метри – рекордер на Балканот. Над пет децении се чуваше како најстрого заштитена зона во НП „Маврово“. Половина век чекаше да биде откриен од пошироката јавност.

Месното население, паркот и државата веќе имаат право да се гордеат со него и да го промовираат. Но, не само поради еден водопад, па макар бил тој и највисок. Него совршено го дополнува кањонот на Длабока Река кој настанал како резултат на топењето на огромниот глечер кон крајот на последното ледено доба. А низ него реката формира интересни брзаци, кади, помали водопади...

Посебна убавина во кањонот даваат и помалите притоки на Длабока Река кои стрмоглаво се влеваат од нејзината лева страна, прелевајќи се преку стрмните карпи под Кобилино Поле. Ни преку фотографии не може да се опише сета таа игра на водата со карпите. Повеќе нема потреба да се трошат ниту зборови. Мора да се посети и да се доживее целокупниот амбиент.

Но таа слика на спокојна интеракција меѓу планината и љубителите на природата полека почна да се поматува кога почнаа да се слушаат гласините за изградба на езеро во горното течение на Радика. Дел од мештаните беа убедувани дека новото езеро ќе донесе уште туристи и ќе отвори нови работни места за нив, без да им се објасни на кој начин тоа езеро ќе се полни. Затоа истите не се спротивставија на подготовките за изградба, не предвидувајќи дека за работа на браната нема да има потреба од обични работници од околните села, туку висококвалификуван кадар.

Меѓутоа, поединците кои се запознаени со тие активности, како и екологистите, почнаа да ја информираат јавноста, па дури и да носат обични луѓе и експерти за животна средина на теренот маркиран за експлоатација, кои штом ќе ги видат прекрасните природни облици најчесто коментираат – „Па зарем тие што го прават проектот дошле некогаш овде за да видат што ќе уништат?“

Постојат два можни одговори на тоа прашање. Или тие што го правеле проектот навистина не отишле на терен и само користејќи мапа определиле кои водотеци треба да се зафатат за да го полнат езерото или одговорните лица немаат трошка љубов кон природата и кон државата Македонија за да се дрзнат да ја соберат водата од неколку прекрасни реки и да ја однесат 20-тина километри североисточно само за побрзо да наполнат едно езеро, притоа дупчејќи ја планината со тунели.

Доколку успеат во својата намера да го дотуркаат овој проект до крај, фотографиите од планината Кораб веќе нема да бидат исти. Пристапните патишта ќе ги изобличат падините и врвовите, каналите ќе ги пробијат карпите и шумите, каптажите ќе ги исцицаат реките и потоците, а езерото ќе ја удави надежта дека посетителите ќе продолжат да доаѓаат на терен недопрен од човечка рака. Ќе остане само едно сеќавање на уништената природа, кое мештаните ќе им го прераскажуваат на ретките минувачи, како одговор на прашањето зошто оваа река воопшто ја именувале Длабока.

Додека има уште малку надеж нешто да се спречи, треба да се продолжи со едукативните екскурзии на Кораб и Шара, со изложбите на фотографии од убавините на кањоните и долините на Длабока Река, Габровска Река, Стрезимирска Река, Штировица, Луково Поле и останатите загрозени предели, со јавните дебати, како и со поканување на луѓе – релевантни фактори со моќ да ја повлечат кочницата на градежните активности, да земат учество во истите.

Доколку проектот „Луково Поле“ се реализира, уништувањето на ова природно наследство ќе оди на душа на НП „Маврово“, Владата на Република Македонија и другите институции вклучени во него, а најмногу на граѓаните на оваа држава што не успеаа да ги спречат неговите реализатори.

Сите користени технички податоци се од МЕД-Македонско еколошко друштво

Слични содржини

Општество / Активизам / Став / Екологија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Активизам / Јавни простори / Екологија
Активизам / Технологија / Екологија / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Активизам / Свет / Екологија

ОкоБоли главаВицФото