1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Иронично е што бесмртната поука дека „не постои бесплатен ручек“ на македонскиот премиер му ја соопштува првиот министер на сосема банкротираната држава Грција. Дополнително е иронично што цехот за националистичкото дивеење на Груевски му го испорачува еден во најмала рака исто толку голем и нетолерантен националист, Андонис Самарас. Како тие двајцата ќе се исплеткаат од своите национализми, како всушност од бедата ќе ги исплеткаат своите изманипулирани народи - во моментов не знае никој. А и никому не е особено гајле. Ако Македонците и Грците уживаат во обостраното истоштување, зашто некој би им ја прекинувал забавата?!
Зборот ми е: бев згаден од неодамнешниот текст во „Граѓански“ на бившиот грчки дипломат и амбасадор во Скопје, Александрос Маљас. Таков шовинизам, таква груба едностраност, таков примитивен тон - ретки се меѓу дипломатите. Самарас е уште полош и уште пофанатизиран грчки националист, барем според некогашните ставови кон Република Македонија. Башка, како што го губат тлото под нозе, и едните и другите и третите (Европјаните), така полесно прибегнуваат кон национализмот, најевтината дрога за дополнително замајување. А тлото под нозете и на грчките и на македонските политичари е мошне трусно - земјите им се наоѓаат на работ на хаос, кој нема само економски димензии.
Цехот за повеќедецениското банчење на Грците им дојде последниве години. Иако Груевски сè уште ги копа своите глувчешки дупки, дури и нему, виртуозот на пропагандата и лажните светови, јасно е дека ќе мора да излезе од дупката и на нацијата да ѝ ги соопшти мрачните вести: никаде сме и никаде не одиме. Тонеме во калта на темниот вилает, на повеќедецениската бесперспективност. Ако нам денес ни е лошо, на нашите деца ќе им биде бетер. Прво, зашто ќе бидат робови на разноразни третокласни империјалисти, така соголени, без каква било сопственост и можност за автономен развој; второ, на оние што ќе бидат по нас ќе им биде дабетер (како што им е на Грците денес) зашто ќе мораат да ги плаќаат долговите за глупостите на претходниците (на пример, за лудилото наречено СК014).
Најироничното, велам, е во тоа што Самарас има право. Да очекуваш од Груевски да се откаже од пропагандниот национализам е како очекувањето баронот Минхаузен да се извлече од живата кал влечејќи се за сопствената коса. Ненационалистичкиот кредибилитет на Груевски е - нула. Дури и внатрекоалициските конфликти со Албанците од ДУИ Груевски ги решава „економски“, коруптивно, а не градејќи широка општествена клима на доверба и толеранција. Напротив, единственото што Груевски го гради изминативе години се хроничните поделби, омрази и фрустрации на сите страни. Поделбите и омразите се горивото за неговото долго опстојување на власт. Тоа му е јасно и на Самарас. Мислам дека тоа им е јасно и на Европјаните и Американците. Затоа ќе го остават Груевски да си се крчка на сопствениот оган.
Не знам дали, во меѓувреме, пред да ни ги испорачаат лошите вести, ќе имаме шанса да сфатиме дека национализмот не е само дрога, туку е глупавост. Глупавост до самоуништување. (И поедноставениот комунизам беше исто толку глупав - заради тоа и беше ефикасен, втемелен во идиотски пароли и во некаква манихејски револуционерна слика за стварноста која брзо се претвори во бирократски терор на одвратни фрази.) Но, иако национализмот е глупав, тоа не значи дека не е исто толку опасен (не велам дека секоја глупост е опасна, ама националистичката е). На сметка на реалните и современите потреби на луѓето национализмот најпрвин ирационално се врзува за вкаменетите симболи од минатото, а потоа со своето мегаломанство и затвореност сосема ги задушува сите рационални и животвотворни канали на општеството. И притоа сее („сипа“, просто) такво количество фразетини и будалштини од кои (историски) долго боли глава. Притоа е сосема сеедно дали тие националистички магли и отрови ги сеат медиумски опасните кловнови и шарлатани или низ еден новоидеологизиран говор на македоноидството (ама вечно глупав и површен, оти само бара климоглав и општествена верификација од големата Сфингина глава на колективот) глупостите ги шират малку попристојните и поурбаните апологети (познати филмски режисери, уметници итн.) на актуелното македонско лудило наречено груевизам.
Токму таа дрскост на националистите е она најодвратното, вели Вук Перишиќ. „Нивното отсуство на срам и одбивањето во она што го нарекуваат национална гордост да ја препознаат сопствената, личната беда. Бахатото и самоуверено отсуство на иронија и сомнеж коешто во татковината и нацијата гледа светиња, наместо да ги препознае како перфиден удар врз човечкото достоинство. Нивниот ум е пострашен од нивните злосторства.“
Би можело да се рече дека националистите победија, продолжува Перишиќ. „Ним тоа им е важно бидејќи кај нив сè е борба, победа, пораз, тактичко повлекување, контранапад, артилериска подготовка. Кај нив сè е сериозно и се мери со еталоните на историјата и митологијата. Ние сакавме да живееме. По можност несериозно и за своја сметка, во секој случај по сопствен избор. Кога националистите ја окупираа стварноста, опасно ја стеснија нашата отстапница кон пределите во кои тие не постојат, а обидите за активен отпор ги осудија на залудност. Така е подобро. Оној што се спротиставува со сознанието дека отпорот е залуден, се спротиставува слободно и палаво. Залудноста е убава, како и самиот живот. Не ѝ треба смисла. Националистите не знаат за свеченоста на палавоста бидејќи љубовта кон татковината им ги притиска градите. Тие имаат обврски спрема смислата што ја избрале. Пред нив се важни историски задачи, грижи, идни битки, злосторства и измами кои допрва треба да се испланираат. Темелната противречност на национализмот е што тој е фасцинантно здодевен.“
Да, национализмот е затупително досаден, но неговата друга страна токму е возбудата, лудилото на препуштањето. „Лудилото е како гравитација: човека треба само малку да го поттурнеш за да се види тоа“, вели Џокер во едно од продолженијата на Бетмен-серијалот, „Темниот витез“. Слободан Милошевиќ, опслужуван од речиси целиот српски естаблишмент, и со голема поддршка на народот искажана во цела низа избори во текот на деведесеттите, го направи истиот скромен гест: само малку го поттурна српскиот човек и ја докажа гравитацијата на лудилото. И ден денес, иако многу заслабнато, трае неговата политика и чудните хокус-покуси на неговите „антигравитациски“ (недоволно пришрафени во новата светска и регионална политичка реалност) наследници; денес Србија е пример за медицински феномен во кој е можно срцето да функционира надвор од матичниот организам („Косово е Србија!“).
Се плашам дека нам ни се случува истото: митологизацијата на Македонија многу наликува на српската митологизацијата на Косово. Особено кога таа митологизација ја спроведуваат шарлатани и манипуланти, опасно размножени по телевизии, по факултети, по собранија и влади. Се плашам дека „светоста“ на Македонија сè повеќе ќе станува ирационална и спротиставена на интересите на Македонците; дека на Македонија ѝ се случува она што ѝ се случи на „светата српска земја“: толку ќе стане света што ќе престанаме да чекориме по неа.
Слики: Phillip Toledano