Весник за новинарите и за читателите

25.09.2012 13:50
Весник за новинарите и за читателите

Постојат и весници во сопственост на своите читатели, независни од интересите на огласувачите, сериозни, интелигентни и шегаџиски истовремено, со исклучително широка мрежа на странски дописници, во кои нема да има шефови кои би одлучувале што смее, што мора, а за што е забрането да се пишува; значи, постојат весници во кои функционира самоуправувањето. Наспроти медиумските могули и корпорациските идеолози, берлинскиот Die Tageszeitung, нагалено Taz, делува како остварување на новинарските сништа, впечаток кој дополнително добива на сила кога работите ќе се погледнат од перспективата на тажното балканско новинарство. Сепак, треба да се има на ум дека потеклото на успехот на овој дневен весник, со тираж од околу 55.000 примероци, лежи во деталите и во условите на (западно)германското општество од крајот на седумдесеттите години.

Пред сè, весникот не беше создаден од некоја издавачка куќа со цел да се заработат пари. Причината беше тоа што критичната маса новинари и луѓе во Германија во 1978 година не беше задоволна со известувањето за разни теми: од левичарскиот тероризам, до новите социјални, еколошки и други движења. Пред првиот број, луѓето на невидено ги плаќаа весниците кои сè уште не беа направени, а потоа со тие средства се влезе во производство. Всушност, ние сè уште им должиме пари на читателите. Забележливо е дека Taz и денес е алтернативен медиум: пристапот кон темите е поинаков, подлабок. Покрај тоа, прочуени сме по добрите наслови, кои се нешто како коментари на содржината. Кај нас таа е левичарско-хуманистички ориентирана, а Bild, најголемиот таблоид, го прави истото, со цел лошиот весник да се продаде што подобро. Може да се рече дека Taz е мал-голем противник на Bild, тој е контрамодел.“ – ни објаснува Рудигер Росиг, уредник во Taz, на речиси совршен хрватски јазик, односно на нашиот јазик, како што тој го нарекува. Росиг е поранешен дописник од Југославија, вистински познавач и љубител на сè што е поврзано со таа земја, односно, југофутурист, како што еднаш самиот се именуваше.

Во рацете на задругата

Колку што му е познато на Росиг, во светот постојат уште само четири весници создадени врз истиот модел: истанбулскиот BirGün и по еден во Уругвај, Шведска и Чешка. Имено, Taz нема сопственик во вообичаената смисла на зборот: весникот претставува кооператива или задруга (Genossenschaft), а членови стануваат сите граѓани кои ќе уплатат најмалку 500, а најмногу 100.000 евра. Секој од членовите (денес ги има повеќе од 12.000), без оглед на тоа колку уплатил, има само еден глас. Со уплатените пари се финансираат идните проекти, како што е, на пример, онлајн изданието. Профит најчесто нема, а и ако го има, тој повторно се инвестира во слободните медиуми.

Сепак, како што истакнува главната и одговорна уредничка, Инес Пол, средствата за секојдневното работење на весникот, во кој работат околу 120 новинари, се заработуваат со продажба.

„Нашите акционери ни помагаат во надминувањето на кризата. Последните три години малку заработивме, но порано имавме загуби кои ги кофинансираа акционерите. Во споредба со другите весници, нашите читатели се генерално високо образовани и релативно богати: тоа се професори во средни училишта и на факултети, лекари, политичари... Можеби само половина од акционерите ги читаат весниците, другите само инвестираат во независното новинарство. Исклучително е висок процентот на претплатниците: тоа е како некое мало семејство, силно поврзано со идејата за солидарност. Луѓето едноставно го сакаат Taz. Иако акционерите се наши сопственици, ним не им е дозволено никакво влијание врз содржината на весникот. Со нас никој не управува и не ни зборува какви коментари да пишуваме. Ние сме сами свои газди“ – вели Инес Пол.

За лојалноста на читателите говори фактот дека од 55.000 продадени примероци, околу четири петтини отпаѓаат на претплата, која има три ценовни категории: оние кои весникот сакаат финансиски да го поддржуваат плаќаат, во споредба со другите весници, мошне скапа, „политичка“ цена од 45,90 евра месечно; постои и економска цена од 37,90 евра, која ги покрива трошоците за печатење; како и „солидарна“ тарифа од 23,90 евра за студентите, младите и другите кои немаат доволно пари. „Политичката“ цена, всушност, ја субвенционира „солидарната“ тарифа, а притоа секој сам одлучува колку сака да плати.

Критика, критика и само критика

„Покрај тоа што не зависиме од огласувачите, ние не сме поврзани со ниту една партија. Точно, постои традиционалната блискост со Зелените, но тие, во меѓувреме, станаа етаблирана партија. Кога во 1998 година, заедно со SPD, дојдоа на власт, Taz остро ги критикуваше. Јошка Фишер, кој во осумдесеттите години беше постојано присутен во весникот, во тоа време воопшто не ни даваше изјави. Тие не беа ништо помалку критикувани од другите партии. Ист беше случајот и со поранешните комунисти, Die Linke. Имаме новинари од тие кругови: еден колега од нивниот весник, Neues Deutschland, прејде кај нас. Овде има повеќе слобода, но помалку се плаќа. Во Германија нè сметаат за „фабрика“ за образование на новинари. Создаваме голем број новинари кои потоа стануваат големи ѕвезди во етаблираните весници“ – вели Росиг, кој во периодов ги уредува првите четири ударни страници, вклучувајќи го и осмислувањето на честопати сатиричните насловни страни.

Инаку, весникот има скромни 28 страници, фотографии, за наши услови има релативно малку, а реклами незначително.

„Покрај независноста, другата наша максима е да се биде критичен и да се провоцираат оние кои ја имаат моќта“, коментира Инес Пол.

Бурни реакции предизвика и насловната страница по повод посетата на папата Бенедикт XVI на Германија, кога фотографијата на актуелниот папа беше заменета со сликата на Јода, измислениот лик од чудната раса во научно-фантастичниот серијал Војна на ѕвездите. Главниот и одговорен уредник на Bild, Каи Дикман, своевремено го тужеше Taz заради сатиричниот текст во кој се тврдеше дека тој хируршки го зголемил пенисот. Спорот го изгуби, а тој и неговиот голем орган се денес дел од ѕидниот релјеф во зградата на Taz.

Уредницата на интернет изданието на весникот, Дорис Акрап, чиј татко е со потекло од Далмација, вели дека нивниот портал е меѓу првите десет во Германија.

Во онлајн редакцијата нè има дванаесетмина и се разбира дека не можеме да се натпреваруваме со Шпигел, на чие онлајн издание работат 120 луѓе. Сепак, порталот на Faz, на пример, има приближно ист број читатели како и ние. Целата содржина на весникот ја даваме бесплатно, а секој може со еден клик да уплати пет или десет евра. Не се собираат многу пари, неколку илјади евра месечно, но и тоа е доволно за плата на еден или двајца новинари. Новата кампања е наречена „И јас го плаќам Taz“, бидејќи читателите плаќаат доброволно, колку што тие сакаат. Идејата не е „сиромашни сме, ни требаат пари“, туку сакаме да порачаме дека нашите читатели можат да бидат горди што нè финансираат“ – додава Акрап, со насмевка.

Претходно таа ја уредуваше културната рубрика, што денес е потешко од кога и да е. „Големите мејнстрим весници почнаа да пишуваат за алтернативните уметнички остварувања, за малите продукции. Пред пет години текстови на тие теми можевте да најдете само кај нас. Тоа е голем предизвик за нас: имено, треба да се биде поаналитичен и поостар, да се пишува од јасна левичарска перспектива. Културното новинарство е овде поинакво од, на пример, во САД. Многу е елитистичко, конзервативно и затворено. Таквото старомодно пишување отсекогаш сме го критикувале и сме се обидувале да се модернизираме, а сега се случува сите да пишуваат онака како што Taz пишуваше уште одамна“ – вели Дорис Акрап.

Во улицата на Дучке

Зградата на Taz е во улица именувана според лидерот на лево ориентираното студентско движење од шеесеттите години (Rudi-Dutschke-Straße). Кога страсниот читател на Bild, работникот Јозеф Бахман, на 11. април 1968 година, со три куршуми го уби Дучке, студентите сметаа дека за атентатот, од чии последици Дучке почина десетина години подоцна, се одговорни кампањите на омраза во публикациите на Спрингер и медиумскиот магнат лично. Имено, во Bild во тоа време излегуваа наслови како „Запрете го Дучке сега – инаку следува граѓанска војна“, „Руди – црвениот терор“ или „Не треба целата валкана работа да биде оставена на полицијата“, а Дучке бил нарекуван „водач на банда“.

Клучна улога во ваквото именување на улицата одигра Taz. Со оглед на фактот дека весникот произлезе од студентската револуција, во 2004 година беше покрената иницијатива дел од Kochstraße да го добие името на Дучке.

„Тоа беше делумно политичка, а делумно промотивна акција. Во наша непосредна близина е седиштето на најголемиот десничарски издавач во Германија, Аксел Спрингер, и тоа на улица која го носи неговото име. Сево ова е во алтернативната област Кројцберг, каде се случи револуцијата во 1919 година и каде беше зградата Vorwärts, на тогашниот најголем социјалдемократски весник. Идејата беше да се конфронтираат Берлин и Кројцберг со нивното минато. Конзервативците во областа се скандализираа од идејата Дучке да добие улица. Приказната заврши во сите медиуми, што за нас беше многу добро.

По 33 години постоење, Taz е сè уште непознат за 80 проценти од германските читатели. Освен во Берлин, голема публиката имаме насекаде каде алтернативното движење било силно, но сепак, не сме голем национален весник. Нè читаат главно новинари, специјалисти од различни области, политичари и луѓе од алтернативната сцена. Бидејќи немаме пари за телевизиски реклами, другите не ни знаат дека постоиме. Во споредба со Süddeutsche Zeitungom, нашиот промет е смешен“ – вели Росиг. Имено, тиражите на најголемите сериозни германски весници редовно надминуваат половина милион примероци.

До 1991 година, сите во Taz имаа еднакви, мошне ниски плати. Тоа функционираше, бидејќи животот во Берлин беше исклучително евтин, но и затоа што новинарите потекнуваа, во голема мера, од богати семејства. Многумина од нив пишуваа и сè уште пишуваат за други весници, што, освен заработувачката, служеше и како промоција за весникот. За разлика од Хрватска, во Германија се плаќаат и телевизиските настапи на новинарите.

„Смешно е бесплатно да го давам своето знаење во некој медиум кој има пари. За настап од еден час, во некои емисии се добива хонорар и по илјада евра. Сепак, ова е далеку поголем пазар и има многу повеќе пари отколку на Балканот.“ – вели Росиг и заклучува: „Може да се живее пристојно. Нема да бидете богати, но тоа е цената на слободата.“

Модел за иднината на независното новинарство

Мислам дека ваквиот начин на работење претставува модел за иднината, со што може да се обезбеди независно новинарство. Низ целиот свет некогаш независните весници пропаѓаат или, заради зависноста од реклами, се купуваат од големите компании. Кај повеќето германски весници приходите од рекламирањето изнесуваат помеѓу триесет и педесет отсто, а кај нас само десет отсто, што е занемарлив процент. Факт е дека станува сè потешко весниците да се продаваат, а луѓето се сè помалку подготвени да се претплаќаат. Мора да имате навистина оригинална идеја за тоа како да се работи новинарството“ – вели главната и одговорна уредница, Инес Пол.

Интересно е тоа што Taz не објавува реклами кои смета дека се во спротивност со нивниот етички кодекс, како што се рекламите за воената индустрија; првенствено објавува реклами за книги, ДВД-а и патувања.

Третина од приходот оди на меѓународните дописници

За разлика од германските и светските трендови на радикално намалување на странските дописници, Die Tageszeitung за тие намени издвојува дури една третина од вкупните приходи.

„Вестите од странство се многу важни за нас, за разлика од спортот, кој речиси не го следиме. Започнавме посебен фонд, во кој читателите можат да уплаќаат пари за репортажи од терен“ – вели Пол. За весникот работат неколку десетици новинари од Јужна Америка, Африка, Источна Европа, Централна Азија... Дури и хонорарците на Taz добиваат одредени паушални суми.

„Во цела Германија, само Die Zeit од Хамбург ја покрива Африка колку што ја покриваме и ние. Поранешна Југославија ја следевме уште во седумдесеттите години, а Балканот денес го следиме недоволно: таму има само неколкумина германски новинари. Во Букурешт нема никој од Германија, исто како и во Австрија и Швајцарија. За Романија знаеме колку и за Монголија, иако таа земја е дел од Европската унија“ – вели Рудигер Росиг.

Извор: www.novossti.com

ОкоБоли главаВицФото