Крвта и земјата македонска

26.09.2012 12:17
Крвта и земјата македонска

Големината и средепоставеноста на споменикот на Александар III Македонски во Скопје, не требаат да дозволат да падне трошка сомнеж дека тој е вистинскиот татко на нацијата и дека сите ние потекнуваме токму од неговите тестиси. Но, поради огромното незнаење и глупавост потребни ова измислено татковство да стане државна идеологија во Македонија, поверојатно е дека потекнуваме од тестисите на неговиот коњ... Сепак, зад овој споменик на глупоста и зад безумната решителност да се поништи македонскиот современ културно-историски континуитет во слава на античкиот мит, мора да стои некаква темна идеологија која го корумпира здравиот разум во Македонија, која им ја исполнува менталната празнина на „преродбениците“ и ги опива со мисионерска убеденост. На која идеологија, всушност, и’ е споменик скопскиот Александар?

Одговорот можеби може да произлезе од анализата на единствениот кафеански аргумент кој подржувачите на нaшето александарско потекло можат да го исцедат од нивните мозочиња. Тој гласи отприлика вака: „Белки античките Македонци не исчезнале без трага, туку оставиле биолошки наследници, а бидејќи живееме (тука некаде) на истата земја, јасно е дека МОРА ние да сме тие!“ Не потценувајќи ја длабочината на оваа плиткоумност, токму во тој ирационален амбис треба да ја побараме темната идеологија на ДПМНЕ. Ако разгледуваме само дел од крвниот, генетскиот аспект на „аргументот“ за нашето александарско потекло – наједноставниот и најлесно пресметливиот дел - ќе се треснеме од несовладливата математика за „крвниот удел“ на нашите предци од времето на Александар. Елем, во секое колено бројот на предците се удвојува, a „крвниот удел“ двојно се намалува, па ако претпоставиме дека до времето на Александар има (најмалку) 96 колена, дропката 1 / 296 ќе го претставува крвното учество на Александровата генерација во нашата крв. На просечно интелигентен и разумен човек оваа бројка јасно му ја отсликува неспознатливата димензија на минатото, при што вистинската непроникливост во сродствата од пред 96 колена е бескрајно зголемена дури со фактот дека не постои начин да се одреди крвното и географското потекло ниту на еден од несознајно големиот број учесници во оваа генетичка бајка... Фрапантната разлика во размери помеѓу бројот 1 / 296 (незамисливо мала честица која физички припаѓа на субатомскиот свет) и 26 метри високиот споменик, укажува на грандиозната глупавост на неговите градители, но уште повеќе, на злокобната моќ на темната идеологија која на луѓе што не си ги знаат своите предци од трето колено им дава привид на знаење за милениумското минато и фанатична убеденост која ги гони во злодејство.

Тоа што новата македонска идентификација со избраниот митолошки јунак е изградена врз генетичка бездна од незнаење наместо врз цврсти сознанија за документирано крвно потекло, укажува дека мора да постои друг мистичен чинител кој ја компензира непостоечката крвна врска со Александар III Македонски. Тоа е втората половина од „аргументот“ за александарското сродство – земјата македонска! Земјата е таа која на непостоечкото крвно сродство му ја „обезбедува“ историската веродостојност, па токму мистичната, хтонска врска помеѓу крвта и земјата го сочинува `рбетот на темната идеологија која некои денешни Македонци и нивните политички близнаци од другата страна на границата - ментално симетричните Грци, ги прави сигурни во нивното античко потекло. Бидејќи е од верска провиниенција, блиндираната убеденост на денешните „антички“ Македонци во нивното потекло не може ниту да се загребе од јасните податоци дека и пред и после времето на Александар на поголемиот дел од оваа земја не живееле античките Македонци, туку Пајонците, Дарданите, Илирите, Тракијците и Бригите, за чиешто „исчезнување“ денес никој не рони солзи. На Александровите современи сирачиња не им значат ништо ниту научните сознанија дека античката македонска држава никогаш не „стапнала“ посеверно од Валандово, а тој лично само еднаш - во првата година од владеењето, пројавал преку територијата на денешна Република Македонија, бесно бодинајќи го Букефал, брзајќи назад од неговата дунавска кампања. Значи, и покрај апсолутниот недостаток на какви било податоци за нашите крвни или територијални сродства со Александар, единствениот извор на слепата верба во нашето античко потекло е мистичната врска помеѓу крвта и земјата македонска, која ДПМНЕ ја претвори во државна идеологија. Дали некој памети што претставува идеологијата на крвта и земјата?

Крвта и земјата, или на германски Blut und Boden, е идеологија која ја потенцира врската помеѓу потеклото на луѓето (крв) и територијата што ја населуваат (земја). Оваа идеологија се појави кон крајот на 19-иот век како основен мотив на германскиот национал романтизам, а подоцна стана основна супстанца на германскиот расизам, антисемитизам и нацизам. Од произволното поврзување на крвта и земјата произлегоа нацистичките еугенички програми за одгледување на чиста ариевска раса, германскиот Lebensraum и холокаустот, најголемите злостори во поновата човечка историја. Национализмите кои се темелат на концептот на крвта и земјата се оние најдеструктивните, зашто го форсираат смртоносниот концепт на етнички нации чија врзаност за тлото им дава „старосна предност“ над другите народи и им создава илузија на супериорност само зашто се родиле со некое (измислено) име на некакво (случајно) парче земја. Како што национализмот на крвта и земјата е јадро на германскиот нацизам, тој е основниот мотив и на грчките етно-националистички и фашистички политики во 20-иот век, тој е инспирација и на современите грчки идентификации со античка Македонија, и, да, токму тој е суштината на фарсичната „антиквизација“ на современата Македонија како иконично овоплотување на македонскиот мимикричен фашизам.

Идеологијата која ги слави Александар III Македонски и Филип II како татковци на современата македонска нација е идеологија на национализмот на крвта и земјата или палингенетскиот ултранационализам, кој е генеричко својство на секој фашизам, зашто со помош на идеологијата на палингенезата или „преродбата“, нацијата се втемелува врз нејзиното „митскo јадро“. Сите есенцијално фашистички елементи на преродбеничкиот национализам се присутни во идеологијата и практикувањето на власта на режимот на Груевски: митот за херојската генеза на народот од таткото Александар III Македонски и расната супериорност на неговите разбудени и преродени потомци; шовинизмот кој ги дели Македонците на словенски и антички; ултранационализмот кој го прави невозможен меѓуетничкиот соживот; паранојата која нè изолира и нè оддалечува од соседите и од светот; ноторно еугеничките државни проекти за етнички селективно стимулирање на трето дете; тоталитарните и авторитарните практики на владеење, контролата на медиумите и заглушувачката пропаганда; ерозијата на човековите права и слободи и уште многу својства на фашизмот кои произлегуваат од идеологијата на крвта и земјата.

И, на крајот: на што е споменик скопскиот Александар? На ништо друго освен на монструозната идеологија на крвта и земјата и на затскриениот преродбенички фашизам на режимот на Груевски. Културно-уметничката и архитектонската вредност на овој споменик е колку еден товар коњски гомна, но неговата симболичка вредност е огромна, зошто тој го симболизира поразот на разумот, слободата и демократијата во Македонија. И пропаста на македонските модерни културни вредности и македонското слободно општество. Затоа неговото отстранување – еден сончев ден во блиска иднина - нема да биде само санитарно хигиенски чин на дефекализација на центарот на градот, туку и симболичен гест на освестеноста и решителноста на општеството да се ослободи од хипотеките на безумието на ДПМНЕ и да пристапи кон свое вистинско возобновување.

Колажи: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото