Центарот на Атина

28.09.2012 09:38
Центарот на Атина

Од каде толку кинески менаџери на овој лет од Барселона до Атина? Што ли можат да видат во тие градови во криза за да се упатат и во едниот и во другиот? Тонам во удобноста на седиштето и пуштам погледот да ми се изгуби меѓу страниците на денешниот печат; гледајќи ги сликите од протестите на Волстрит, ѝ се препуштам на фантазијата, па замислувам како набрзо, со својот ореол, ќе се вратат шеесеттите години и нивното тркало на младешки револуции и големи планови да се промени животот. Но, мојата блага насмевка бидува замрзната во мигот кога избричениот тил на Кинезот пред мене ме враќа во стварноста. Зарем беше толку лажно она што го замислував? Можеби не толку. Сепак нешто конечно се придвижува и од 15-М[1] треба да се очекуваат промени во моралниот пејзаж. 

Одам во Атина и додека размислувам за сè и сешто, се присетувам на неодамнешната случка со најмената чистачка во музејот Оствал во Дортмунд, која служејќи се со крпата за бришење на подот, го уништи уметничкото дело на Мартин Кипенбергер „Кога покривите почнуваат да прокиснуваат“. Тоа дело беше проценето на повеќе од еден милион евра: кулата висока повеќе од два метри е направена од даски кои ги монтирал самиот автор и својата конструкција ја комплетирал ставајќи црн гумен сад помеѓу нејзините пет нозе. Чистачката очигледно помислила дека слојот „сјајна супстанца“ која го прекривала садот мора да е мрсна нечистотија насобрана уште од настанокот на делото во 1987 година, па ја извршила својата должност: ја триела долго време. 

Мислам дека една уметничка бригада во рамките на 15-М би можела да ги земе работите во свои раце сфаќајќи дека нејзината акција е од пресудно значење, затоа што јасно нè потсетува на фактот дека е доволно само да се побунат добрите луѓе, за да се избегнат големи измами. Една морална бригада од 15-М би можела го следи примерот на гестот на дамата од Дортмунд, па да почне да ја трие нечистотијата во светот на уметноста.

На аеродромот, атинскиот таксист ме дочекува со извесен трагичен хумор, заблагодарувајќи ми се што не му се обраќам ниту на германски, ниту на кинески. Нешто подоцна, на пат кон градот, неочекуваниот спој на залезот на сонцето и грчката музика на радиото во мене будат чувство дека отсекогаш живеам тука. Помислувам на Годар кога вели дека би морале дури и да ѝ се заблагодариме на Грција: „Западот ѝ должи. Секогаш ја забораваме врската помеѓу демократијата и трагедијата“.

„Ова е трагедија“, рекол директорот на музејот во Дортмунд кога го видел исчезнувањето на патината од садот. А потоа, веројатно некој го потсетил дека не е прв пат едно уметничко дело да биде уништено поради претераната грижливост при чистењето. На пример, во 1968 експонатот „Fettecke“ (буквално, мрсна точка) на Јозеф Бојс, кој се состоел од парченца путер на една површина, бил уништен кога преку него поминала крпа за бришење прашина во музејот во Дизелдорф.

Навечер, во квартот Плака, ги слушам пријателските гласови на Нана, Антеос и Микел. Седиме во една таверна во близина на плоштадот Синтагма, на неколку чекори од Министерството за финансии, добро заштитено од луѓе вооружени до заби. Надвор, далеку од вревата на таверната, се чини дека некој бог кришум крстари низ стара Атина, исполнет со скриена радост. Оваа земја, се жалат гласовите, влегла во тунел без светло и нема иднина за нас. Но, би се рекло дека низ нивните лелекања пробива благ сјај на срамежлива радост, како да е ова единственото место на Земјата на кое е вистина дека животот оди понатаму. Овде, во центарот на Атина, човек доаѓа до неверојатниот заклучок дека животот во суштина и понатаму пулсира, дека одново, во секој миг, силовито се раѓа. Градот на Епикур, Сократ, Перикле, Платон, Еврипид, Аристотел. Некој, се јавува еден глас, ќе мора да побара милиони евра од Европа на име авторски права. И човек помислува дека би било логично тоа да им се даде. На крајот на краиштата, овде е измислена логиката.

Извор: arhipelag.rs

слики: Мартин Кипенбергер

[1]

15-М се однесува на мирните граѓански протести кои почнаа на 15 мај 2011 во Мадрид, а потоа се проширија низ цела Шпанија.