1025 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 05:59
За разлика од повеќето влијателни експерти, кои сметаат дека со откривање и промена на некои од поединечните структурни проблеми на капиталистичкиот систем, би се вратила неговата виталност од предкризниот период, познатиот американски економист, Ричард Д. Вулф, постојано се залага за потребата од промена на системот како таков: „Не е проблем само Вол Стрит, туку капитализмот во целина“, смета професорот, кого New York Times го нарече „најистакнатиот американски марксистички економист“.
Ричард Д. Волф е роден на 1. април 1942 година, во Јангстаун, Охајо. Докторирал економија на Универзитетот Јеил во 1969 година и предавал на голем број престижни американски универзитети. Автор е на повеќе книги и есеи за постмодерниот марксизам и за класната проблематика на Запад. Веќе долго време се залага за економска демократија, односно, за систем во кој работниците, наместо корпорациите, би управувале со производството и каде самите работници би биле свои газди.
Според урнекот на движењето „Да го окупираме Вол Стрит“, вашата најнова книга носи наслов „Да ја окупираме економијата“. Што значи „окупација“ на економијата?
„Да се окупира економијата“ значи да се замени раководството и насоката на компаниите кои произведуваат стоки и услуги од кои сите ние зависиме. Да не заборавиме дека со своите одлуки финансиската криза ја предизвикаа токму капиталистичките одбори на директори и мнозинските сопственици на акции во капиталистичките претпријатија. Решението не е во преминот на компаниите од приватна во државна сопственост; тоа никогаш не функционирало, ниту, пак, во иднина ќе функционира. Она што, во моментов, е потребно е промена на капиталистичките во кооперативни претпријатија, во кои работниците заедно би дејствувале, преку нивниот одбор на директори. На тој начин, работниците директно би ја контролирале производствената база во општеството. Вистинската економска демократија, во рамки на секое претпријатие, би можела да ја претставува потребната противтежа на прекумерната моќ која е концентрирана во државата. Новиот социјализам, социјализмот на 21-иот век, мора да учи од грешките во минатото, за да создаде противтежа на капитализмот преку „окупираната“ економија. Движењето „Окупација“ е првиот чекор во создавањето на едно ново масовно движење, кое би ја имало моќта за фундаментално преиспитување на американскиот капитализам. Во тоа е и неговата фундаментална важност. Заради тоа, политичките авторитети, во овој контекст, обединетите демократи и републиканци, од самиот почеток се обидуваат да ги искомпромитираат.
Неодамна ја посетивте баскијската корпорација Mondragon, една од десетте најголеми во Шпанија, која е во сопственост на своите работници (околу 100.000), со вредност која се проценува на околу 40 милијарди евра. Ја нарековте „самосвесна антикапиталистичка алтернатива“. Но, дали моделот на Mondragon може да функционира на глобално ниво?
Апсолутно. Баскијците покажаа дека ова за што јас зборувам е можно, дека кооперативните организации можат успешно да се натпреваруваат со капиталистичките корпорации, но, исто така, и дека работничките самоуправни корпорации можат да бидат исклучително успешни. Во Mondragon работниците колективно поставуваат и менуваат менаџери и извршни директори, за разлика од капиталистичките корпорации, каде практиката е обратна. Со самото тоа, нивната работа и нивниот живот се разликуваат во многу нешта од капиталистичките норми кои доминираат во светот.
Како гледате на кризата со која се соочува Европската унија?
Во Европа кризата е тешка колку и во САД, но има една значајна разлика: во Европа, работничката класа сè уште има влијателни организации, како синдикати, левичарски партии и слични движења, кои ја имаат моќта за многу побрзо мобилизирање на масите против државното спасување на големите банки и корпорации, а особено против програмите за штедење (преку правење резови во јавниот сектор и масовни отпуштања), и тоа токму во моментот кога работните места се најпотребни за државите кои се зафатени со криза.
Луѓе во неверување
Колку е, во тој контекст, значаен порастот на популарноста на левичарската партија Сириза и триумфот на Олан и социјалистите во Франција?
Политиката на штедење и резови е експлицитно отфрлена од голем број Грци, но и од мнозинството Французи. Овие резултати ќе влијаат врз сите политички калкулации во Европа и во светот. Големата популаризација на Сириза и на француските социјалисти, а да не заборуваме за антикапиталистичките партии кои добиваат на значење во остатокот на Европа, докажуваат колку е европската опозиција понапредна од онаа во САД. Сепак, мораме, исто така, да бидеме свесни и за тоа дека луѓето, по повеќедецениската пропаганда која капитализмот го претставуваше како систем кој гарантира благосостојба и економски раст, се сè уште во еден шок и неверување заради неуспехот на истиот тој капитализам – системот кој, сега е веќе очигледно, носи економски и политички проблеми насекаде и кој нема решение за сопствениот неуспех. Потребно е време за надминување на тој шок, за да се дојде до нивото на размислување околу она што е потребно да се направи за да се дојде до промени.
Ноам Чомски ги нарече европските мерки, како што е правилото на Европската централна банка за стапка на инфлација од 2%, како придонес кон продолжувањето на „класните војни“, со цел ослабување на работничкото движење и уништување на државата на благосостојба. Тој, исто така, смета дека тие мерки немаат потенцијал да ја извлечат Европа од кризата.
Да, се согласувам. Во Америка, пак, класната војна се одвива со децении. Да не заборавиме дека даночната стапка за најбогатите Американци изнесувала 91% во текот на 1950-тите и 1960-тите години, а денес таа е 35%! Од друга страна, реалните плати на американските работници се помали отколку во 1978 година. Јазот помеѓу богатите и сиромашните драстично се зголеми во текот на последните 40 години. Тоа се сè последици на класна војна. Нашите синдикати и левичарски партии се уништени, што е, исто така, последица на класната војна. Меѓутоа, тие процеси не се нарекуваат „класни војни“. Доминантната идеологија инсистираше на непостоењето на класи во САД, што е, иронично, однесување според моделот на советските лидери, кои го тврдеа истото. А сепак, дури кога работничкото движење возврати на нивниот економски пораз, американските корпорации и богатите почнаа да ги обвинуваат за водење класна војна.
Како, според вас, официјален Вашингтон гледа на ситуацијата во Европа?
Претседателот Обама посакува и, всушност, има потреба од окончување на европските мерки на штедење, и тоа првенствено заради претстојните претседателски избори во САД. Нему му е потребен економски раст и се надева дека стимулираната европска економија ќе поттикне раст и во Америка. Сепак, и покрај тоа, Обама не се осмелува јавно да ја поддржи Сириза, па дури ни Олан, заради стравот дека американската десница и републиканците повторно ќе го обвинат дека е социјалист.
Дали е таквиот дискурс, вклучувајќи го и етикетирањето на „социјалистите“, своевиден идеолошки рефлекс, кој служи за спречување на какво било преиспитување на капитализмот?
Последниве 50-ина години, преиспитувањето и критикувањето на капиталистичкиот систем беше своевидно табу во САД. Оние малкумината кои се осмелиле да направат такво нешто, набргу биле стигматизирани како луди, неуки или комунистички шпиони. Цели 50 години, огромно мнозинство од Американците само слушаше бескрајни глорификации на капитализмот, без каква било сериозна дискусија за евентуалните алтернативи на тој систем. Резултатот од тоа беше капитализам лишен од критики и од какви било ограничувања, систем на кој му беше овозможено манифестирање на своите најмрачни антиопштествени тенденции. Тоа е само една од причините за колапсот на американскиот капитализам во 2007 година и за последователната криза која глобално се рашири, а на која не и се наѕира крајот.
Уништување на благосостојбата
Што ја предизвика сегашнава ситуација?
Американските капиталисти биле шокирани од прописите и даноците кои им ги наметна Френклин Рузвелт, за време на Големата депресија во 1930-тите години, и тоа до степен што, од крајот на Втората светска војна, тие систематски работеле на тоа да ја поништат капиталистичката држава на благосостојба, односно, Рузвелтовиот капитализам со човечко лице. Уште од тогаш, работничките движења биле систематски уништувани, особено по 1950 година. Една од последиците на тоа е статистиката дека во синдикалните организации денес има само 7% работници од приватниот сектор. Во текот на тој период, уништувани биле сите социјалистички и комунистички опции кои, заедно со синдикатите, работеле на воспоставувањето на споменатата држава на благосостојба. Последиците се двојни: како прво, неолибералниот капитализам ја замени државата на благосостојба, особено по 70-тите години, и второ, неолибералниот капитализам ја урна глобалната економија. Меѓутоа, она што овој пат недостасува е едно ефикасно работничко движење или силна лева опција, која би се борела против таквиот систем. А таквата ситуација претставува незамислива опасност за светот.
Вашата најнова книга се занимава и со феноменот на бришење на Карл Маркс и на неговото наследство од американската колективна свест.
Тоа е, исто така, последица на два тренда. Како прво, бизнис лобито и богаташите истрајаа во уништувањето на Новиот договор (New Deal) преку Конгресот на индустриски организации, сотрувајќи го сојузот на социјалистичките и комунистичките партии, кои мобилизираа и организираа милиони работници во синдикатите во текот на 1930-тите години. И како второ, студеновоениот дискурс ја изедначи секоја критика на капитализмот со предавство на САД. Меѓутоа, сега кога СССР веќе не постои, и кога капитализмот влегува во својата петта година на криза, продолжувајќи да ги спасува оние кои кризата ја предизвикаа, наметнувајќи, пак, мерки на штедење за сите останати, граѓаните полека почнаа да ги преиспитуваат можностите за алтернатива на капитализмот, што, по правило, порано или подоцна, води кон Маркс и кон марксизмот. Впрочем, Маркс и марксизмот се последица на капитализмот и на неговите неуспеси. Светот е, во моментов, капиталистички, но капитализмот претставува неуспех, што, пак, меѓу другото, го прави Маркс и неговите теории повторно релевантни. Може да се каже дека марксизмот е критичка сенка на капитализмот.
Дали е денес можен нов Нов договор?
Нова варијанта на Нов договор е можна само под услов доминантните политики, преку своето дејствување и одлуки, мерките на штедење да ги направат невозможни. Меѓутоа, дури и доколку дојде до Нов договор, прашање е дали тоа ќе се случи навреме...
Во книгата „Да ја окупираме економијата...“ ја анализирате и реториката која градоначалникот на Њујорк, Мајкл Блумберг, ја користеше како изговор за преселување на протестниот камп од плоштадот Слобода. Тој, како и многу политичари и влијателни американски медиуми, зборуваше за „нечистотијата“ како повод за „чистење“ на парковите кои демонстрантите ги зазедоа.
Тоа е чиста пропаганда имплементирана со цел да се намалат големите симпатии кои движењето ги ужива меѓу граѓанството. Нивниот обид неславно пропадна, поради што веднаш преминаа на друг, а тоа беа насилните методи против демонстрантите, како што се принудните иселувања од јавните паркови кои беа окупирани. Власта едноставно нема аргументи против движењето, бидејќи поголемиот дел од граѓаните се согласува со тезата за најбогатите 1% и за останатите 99%, како клучен проблем на американскиот капитализам. Сепак, владините претставници, како и градоначалникот на Њујорк, продолжуваат да манифестираат насилство против демонстрантите, без какви било валидни аргументи. Мошне иронично беше да се види државниот секретар, Хилари Клинтон, како повикува на запирање на државното насилство кое режимите на Блискиот Исток и во Северна Африка го практикуваат против политичките противници и критичари, во време кога нејзината влада го правеше истото во САД.
Извор: www.novossti.com