Окно анкета за СК014 (4)

28.09.2012 11:05
Окно анкета за СК014 (4)

Трите прашања
1. Кое дело од многуте скулптури, споменици и згради од СК014 би го издвоиле како симбол или квинтесенција на целиот проект? (На неколку луѓе, заради актуелноста, наместо првото прашање им го поставивме прашањето: „Што мислите за споменикот „Паднатите херои“?)
2. Што друго би издвоиле од „Скопје 2014“, во позитивна или негативна смисла?
3. Вашето мислење за целокупниот проект?


Ирина Грчева, архитектка

1
За споменикот „Паднатите херои“ немам различно мислење од за сите други споменици кои се дел од проектот „Скопје 2014“ - тој е грд, непотребен, уништува јавен простор и треба да се дислоцира од паркот „Жена Борец“.

2
Проектот „Скопје 2014“ е грешен од секој можен аспект (архитектонски, урбанистички, естетски, историски, правен, финансиски, итн.) и, според мене, неговата единствена позитивна страна е тоа што физички зафаќа мал простор – отприлика 1 км2. Тој е рак на градот кој за наша среќа не се прошири повеќе од строгиот центар. И кога еден ден ќе се има можност да се менува, реконструира, деконструира, дислоцира или руши, неговата мала физичка зафатнина ќе ги олесни сите овие процеси од временска и финансиска гледна точка.

3
Како архитект, мислам дека проектот „Скопје 2014“ го уназади просторниот развој на Македонија до состојба која тешко ќе се поправи. Моменталниот просторен развој на Македонија е нерамномерен или моноцентричен, и се карактеризира со постоење на еден центар (Скопје и Скопскиот регион) кој е доминантен по популација (1/3 од население), економска моќ (1/2 од БДП и 2/3 од прометот). Надвор од Скопје, Македонија се карактеризира со автопат и железница кои ја поврзуваат со три од пет од соседни земји, само една депонија (од 57 вкупно) која задоволува дел од стандардите за депонирање на цврст отпад, енергетски капацитети кои произведуваат електрична енегрија за 1/3 помалку отколку што се троши, и водоводни системи кои наводнуваат само 17,5% од вкупното обработливо земјиште (кое е 1/4 од Македонија). Никогаш повеќе не било потребно да се инвестира во регионите надвор од Скопскиот. И токму поради ова, нема попоразителен факт од тоа дека проектот „Скопје 2014“, кој е најголемата финансиска инвестиција во урбанистички равој по пост-земјотресната реизградба на Скопје (250 милиони евра, неофицијално), е фокусиран во парче од 1 км2 во центарот на престолнината.

 

Драган Крстевски, архитект

1
Споменикот „Паднатите херои“ го немам видено во живо и не можам многу конкретно да коментирам. Би рекол само дека, како и повеќето други понови споменици во Скопје, не е ни време ни место тој да биде во паркот на Жената борец. Овде во Лондон, каде што престојувам, постои еден ептен паметен концепт за споменик, идеја што може и во Скопје совршено да се искористи. Лондончаните направиле само постамент и на секои 3 до 6 месеци го менуваат споменикот горе. Се случува некогаш горе да има некоја совршена скулптура, а во моментов има дрвено коњче. Ова за кај нас би било супер. Кој сака нека стави што сака и барем нема вечно да трае.

2
Во позитивна смисла би ја издвоил желбата за градење, одамна во Скопје (па и во Македонија) не се инвестирало толку многу во градба. Негативно е што таа желба е целосно искористена во погрешна насока. Целиот проект прави лажен идентитет на градот, се губи врската со сегашноста и уште повеќе не’ оддалечува од иднината. Додека земјите околу нас полека но сигурно фаќаат чекор со светот, на конкурси учествуваат (и победуваат) светски архитекти и во архитектонската јавност се зборува за нив, за нас во странство ретко може да се чуе некој збор, а уште поретко позитивен збор.

3
Па, мислам дека претходно одговорив. Инаку, ако треба да издвојам само една работа, тоа нека биде урбанизмот. Тој аспект се занемарува во сите муабети за Ск 2014. Архитектурата на објектите може повторно да се смени (како што сега менуваат фасади) ама деградацијата и уништувањето на урбаниот концепт ќе останат. А тоа е многу поголем проблем.

 

Татјана Миљовска, уметница

Одговорот на сите овие прашања е во моите текстови: Македонската скулптура и проектот Скопје 2014 и Што ни се случува?

Но, еве кратко на сите три прашања:

Навистина ми е жал што се направија овие капитални грешки, кои не знам дали воопшто можат да се поправат! Многу жалам! Бидејќи ние имаме голем креативен потенцијал, а вакви крупни промашувања да ни се случуваат, од урбанист-визионер - анонимус... Штета! Скулптурите се по нарачка на тој анонимус. Се разбира, и уметниците-скулптори имаат одговорност за своите дела во целина, но тие се само жртви на „визионерот“ на целиот овој проект. Мислам, не велам дека скулптурите се лоши (некои се стварно лоши, но не сите, некои се добри), меѓутоа целиот концепт е лош. Ниту велам дека не треба да имаме споменици, да не бидам погрешно разбрана, но, од друга страна, пак, да се манипулира со патриотизмот и да бидам наречена непријател на Македонија затоа што имам одреден став за естетиката на просторот и естетиката на скулптурата, е многу плитко и некултурно.

Овој проект се реализира без да се распише меѓународен конкурс за урбанистички проект за центарот на главниот град на Македонија! Тоа е тоа. Законски процедури мора да постојат и да се спроведуваат за да се заштитиме од неквалитет. Бидејќи секој смета дека неговото дело е најдобро, нели, но за да се избегне таа анархија и хаос во вредностите, мора, прво, да постојат институции во културата кои востановиле што е духовна и уметничка вредност и, второ, закон кој го штити првото. Потоа, што се однесува до комисијата која ќе одлучува на конкурсот, треба да се дефинира процедура за оформување комисија, која по секоја цена ќе обезбеди непристрасност во одлучувањето, за да се одбере најдобриот проект, за доброто на сите и за доброто на уметноста.

Ова ни се случи/ува во нашава држава! и ... едноставно, немам што повеќе да коментирам!

Колажи: Свирачиња

Слични содржини

Активизам / Јавни Простори

ОкоБоли главаВицФото