Окно анкета за СК014 (5) - Скопје и Париз

29.09.2012 11:37
Окно анкета за СК014 (5) - Скопје и Париз

Залудно е денес да се говори јавно. Ова е време на плоштадот и време на општа врева. Кога сите гласно викаат за да се чуе нивното мислење, никој никого не слуша. Вие денес можете да имате „свое мислење“ и тоа „ваше мислење“ може да биде кој знае колку значајно, но тоа не може да засега никого дури и кога би ја говореле вистината, а другите би посакале да ве слушаат. Настрана што најголемата измама на демократијата е тоа што ве убедиле дека секој има право на свое мислење. На секого му дозволуваат да го „изрази“ своето лично и неповторливо видување на нештата, без одговорност и без ограничувања, но заборавиле да ви кажат дека кога сите викаат и го „изразуваат“ своето мислење, во оштата врева никој не може да чуе никого.

Мојот глас е само уште еден глас во оштата врева на плоштадот и ако воопшто има некаква смисла да се говори јавно за проекти каков што е „Скопје 2014“ тоа е, по кој знае кој пат, одново повторената вистина, вистината за овој град, но и за нас самите.

Градот е проекција на колективната свест на сопствените граѓани во даден миг и тој е таков каков што е зашто вие сте такви какви што сте. Тој е проекција на вашата свест за себе, на вашето разбирање на минатото, на вашите очекувања од иднината, на вашата волја, на вашите претстави за животот, на вашето општо образование, вашата култура, вашите можности и вашите ограничувања... Скулптурите на јавните места се ваш одраз (проекција, холограм) и ако ликовите се лошо изработени, ако се несмасни, ако се наметливи, ако се насилни, ако се недовршени, недоделкани, несразмерно градени, ако имаат преголеми глави и стапала, ако наликуваат на споменици на малоумници со тап поглед, а не на јунаци - имајте предвид дека тоа треба да сте вие, или барем вашата идеална проекција, т.с. идеалната проекција на идеалниот Македонец во својата историска апотеоза. Не заборавете дека скулптури на јунаци се поставуваат сред град за да послужат како вечни примери и модели за идентификација и се подразбира дека овие споменици немаат никаква врска со историјата (не постојат национални истории, постојат само национални митологии), како што немаат никаква врска со уметноста (оттаму се бесмислени сите тие „стручни мислења“, сето тоа „тресење зелени“, сите тие колнења и лелекања над первертираната историја и промискуитетната уметност). Вистината е најочигледното нешто, таа е секогаш пред вашите очи. Овие бронзени јунаци, скаменети кралеви, паднати борци за слобода и нивните коњи, овие културни дејци и подвижници од мермер што, како самоубијци, се наредиле по фасадите и по покривите на опскурните градби, сите тие се ваша „слика и прилика“.

Значи, овде не станува збор за тоа дали мене ми се допаѓа градот или некој споменик. Ако ме прашувате за Скопје јас ќе ви ја кажам вистината за овој град, а не своето мислење.

А вистина е дека Скопје се’ повеќе наликува на Париз. И покрај бедното рамниште на изведба на нашиве скулптури, и покрај градбите што наликуваат повеќе на театарски кулиси за некаква евтина малограѓанска пиеса, отколку за озбилна историска драма, Скопје и Париз имаат многу заеднички нешта!

Наполеон III (мало човече со големи мустаќи) еден ден, незадоволен од изгледот на својата престолнина, решил да изгради нов Париз на местото на стариот град, и тоа токму овој град кој денес повеќето жители на нашава планета го сметаат за „најубав град на светот“. Тогашниот градоначалник Хаусман започнува да го урива градот и да гради нови улици, плоштади, нови градби и да поставува скулптури каде стигне по Париз според замислите на императорот, а сите напредни и лево ориентирани француски интелектуалци (што и да значи тоа) ќе се спротивстават згрозени од недостатокот на вкус, неукоста и насилноста на француските власти. Расправијата трае со години, се пишуваат петиции, се организираат демонстрации, но сето тоа е залудно. Ништо не може да го запре остварувањето на големата визија на малиот човек со големи мустаќи (секогаш постои некој мал човек, нели).

Денес, Париз, тоа повеќето туристи не го гледаат и не сакаат тоа да го видат, е „престолнина на кичот“, преполн со безвредни украси, со скулптури од гипс, крилести аморчиња и позлатени ангелчиња, фонтани со лавови од чии усти лее вода и коњаници на бронзени коњи пред колонади од лажни антички столбови на градби со бизарни фасади по кои висат венци и гирланди од лажно цвеќе, и сето тоа поради болните фантазии на еден владетел со лош вкус.

Иако сите добронамерни „културни“ граѓани го креваат јавно гласот против ваквото монструозно „преуредување на стварноста“ во Париз нема да се случи „естетска револуција“. Во Париз, во 1871 година, ќе се случи општонароден бунт против режимот на Наполен III, и тоа не поради лошиот вкус на владетелот, туку поради неговата неспособност.

Неспособноста и глупоста на владетелот и на насилните незнајковци и подлизурковци од неговото опкружување, ќе ја осиромашат и ќе ја турнат во непромислена војна земјата, осиромашениот народ ќе се побуни, непријателските сили ќе стигнат до престолнината и сето тоа на крајот ќе заврши со крвава граѓанска војна.

Вториот значаен историски миг што ги поврзува Париз и Скопје е EXPO 1937 година. Кога во Париз биле претставени „врвните достигнувања“ на светот во тоа време, во Германија на власт се нацистите, во Италија фашистите, а во Русија комунистите. Амбициозните проекти на овие држави го одбележуваат времето наметнувајќи го својот еднаков стил на градење и подигање споменици (кои, се разбира, немаат врска со историјата и со уметноста). А стилот на овие градби е истиот оној претенциозен псевдо историски неокласицизам кој ги одбележа мегаломанските потфати на Наполеон и кој денес, во некоја первертирана провинциска варијанта, го одбележува „Скопје 2014“. Да нема недоразбирања - Скопје не се гради и преуредува во „барокен стил“, туку во неокласичен, во истиот оној манир на Наполеон, на Хитлер, на Мусолини и на Сталин, а тие што зборуваат за барок, не знаат што зборуваат. Неокласицизмот од ваква провиниенција е обид за рекуперација на моќта и на славата на античкиот империјален Рим (Наполеон, Хитлер, Мусолини и Сталин ги замислуваат своите престолнини како Нов Рим) и е замислен како спектакуларна сценографија (тотална, која излегува надвор од рамките на даден објект и ја опфаќа целата територија на земјата) за изведба на идеолошките театарски претстави, националните ритуали на повикување на духовите на земјата и на крвта и јуначките митови на нациите со империјални амбиции.

Ако внимателно ги погледнете фотографиите на главните павиљони на EXPO 1937 година во Париз, ќе забележите дека потсетуваат на градбите од центарот на Скопје. Се разбира, овие објекти биле од времен карактер, а спомениците биле fake. Совршено е јасно дека тие се театарски кулиси кои што биле проектирани за да се постави сцената на која, неколку години подоцна, ќе се случи крвава драма.

Значи, таму каде што се градат театарски кулиси и се поставува сцена, таму треба да се очекува дека ќе се случи драма. Среќна околност за нас е што историјата се повторува само како сопствена пародија и фарса. Во спротивно, ова „избезумено производство на стварност“, ова „менување на стварноста со псевдостварност“, овие бизарни кулиси и оваа надреална тотална сценографија, би требало да не’ предупредат дека плоштадот, на кој сега сите се туркаме и залудно се бориме за збор, наскоро ќе стане лизгав од крв.

Авторот е историчар и теоретичар на уметноста

ОкоБоли главаВицФото