Си мислите дека сте живи, а?!

29.09.2012 13:39
Си мислите дека сте живи, а?!

Во филмот Дневникот на мртвите (Diary of the Dead), на мајсторот на зомби хоророт, Џорџ А. Ромеро, има една одлична, архетипска ситуација на препознавање на лузерот во себе. Двајца ликови, скриени на безбедна локација, ги набљудуваат зомбите како се тетерават по улиците, во еден постапокалиптичен град, опседнат со живи мртовци. Бидејќи веќе навикнале околу нив да шетаат живи мртовци (кои станале побројни од живите луѓе), едниот му вели на другиот:
- Види ги како одат, си мислат дека се живи!
Другиот, пак, на оваа забелешка само ладно одговара:
- Е добро де, па нели и ние го правиме истото?!

Да, се чини дека го правиме. Неодамна минував низ градскиот плоштад во Скопје. Прошетката ќе беше сосем нормална (механичко, навикнато, збоктисано, „рамно“ минување низ простор кој алудира на некаков центар на глупоста) да немаше еден нов момент. Од озвучувањето кое е поставено за аудитивно да го „збогати“ искуството на минување низ плоштадот на главниот град, овојпат можеше да се чуе прочуената главна музичка тема од научно-фантастичната класика, Војна на ѕвездите.

Уште во времето пред да биде поставен „Воинот на коњ“ и другите споменици (во времето кога само се најавуваа), јас и моите блиски се обидувавме да изнајдеме некаква рационализација за унакажувањето кое беше во најава. Па така, некој ќе се заколнеше дека, од сега, па натаму, ќе избегнува да минува низ плоштадот во Скопје. „Добро, не е неизводливо“, ќе речете. Некој друг можеби ќе се утешеше со прогнозата дека, кога на власт ќе дојдат „оние другите“, сево ова ќе биде срушено и срамнето со земја. Добро, вреди да се надеваме, иако не би бил толку сигурен. Третиот, пак, ќе коваше планови како да го саботира поставувањето на спомениците, иако многу добро знаеше дека, кога денот на нивното поставување ќе дојде, ништо, за жал, немаше да се случи. („Нели ти реков дека ќе немаш г’з за такво нешто, а!“) Четвртиот велеше дека ќе се пресели во некој град од внатрешноста...

Од денешна дистанца гледано, се чини дека мојот пријател, Јордан Шишовски, го понуди најдоброто решение во тоа време. Неговиот „излез“, како што јас го разбрав, беше, всушност, Влез. – Наместо попусто да се обидуваме да изнајдеме „план“ за уништување на проектот, многу подобро, помалку фрустрирачки, на крајот на краиштата, многу пореално би било да се обидеме да го ставиме во еден свој имагинарен контекст, да се убедиме (со силата на волјата) дека тој контекст е вистински/стварен и да го продолжиме својот живот (барем во моментите кога минуваме низ плоштад или кога мислиме за него) колку-толку нормално. Па така, зошто да не си замислиме дека се наоѓаме во еден амбиент сличен на оној од Војна на ѕвездите? Впрочем, со оглед на постоечката сценографијата, една таква претпоставка делува многу поверојатна за реализација, отколку тврдоглавото удирање со глава в ѕид, во обидите да се изнајде начин (а всушност, само пуста лажна надеж) за стварно уништување на проектот. Зошто да не им кажеме: „Сакавте неизмерна националистичка радост меѓу масите? Добро, ќе ја добиете, ама онака како што јас ќе си ја разберам!“ Со други зборови, наместо очајнички да го бараме излезот од лудилото, зошто да не влеземе ВО лудилото, ама на свој начин: како самосвесни зомби, кои се прават дека се живи, и тоа меѓу луѓе кои и самите се прават дека се живи.

Неколку месеци покасно, начинот на кој Јордан сакаше да влезе во лудилото, стана стварност за сите, барем во оние неколку минути колку што траеше интонирањето на главната тема од Војна на ѕвездите. Вистинското прашање во случајов гласи: Кој е тука новиот, овојпат прототипски лузер? Дали оној кој не знае подобро, па радосно си се шетка околу новите акциони фигури на градскиот Плашт во Скопје (прегрнувајќи ги како баба внуче), или, пак, оној кој знае дека е опкружен со лудаци, па се прави исто толку нетокму, влегувајќи во еден свој имагинарен контекст? (Патем, во еден друг зомби филм, Шон на мртвите [Shaun of the Dead], претставен ни е најефикасниот начин за снаоѓање во ситуација кога сте опкружени со зомби. За да минете незабележано меѓу нив, сè што е потребно е да се направите како да сте еден од нив: да се тетеравите, да испуштате неартикулирани звуци итн. Успехот е загарантиран.) Одговор на прашањето немам. Сепак, она што ми паѓа на ум е последната реченица од Митот за Сизиф, на Ками, која гласи: „Сизиф треба да си го претставиме како среќен.“

PS
Штом ја чув Војна на ѕвездите, кога минував низ плоштадот, му се јавив на Јордан и му кажав за искуството.
Немаше коментар.
Немав ни јас.