Оаза на мирот со обиколницата во Париз

30.09.2012 12:50
Оаза на мирот со обиколницата во Париз

Потребата да се премости главната обиколница во Париз резултираше со еден интересен проект чија задача беше да се уважи постојниот интензивен промет на автомобилите, што очигледно е невозможно да се измести, и да се поврзат соседните квартови Лил и Пре Сен Жерве, со акцент на зеленилото, комуникацијата и визурата на пешаците и велосипедистите. 

Програмата беше дефинирана со активното учество на жителите на овие квартови, што посакаа конечно да уживаат во достоен квалитет на живот и значително похумана околина. Во принцип, замислија место каде што ќе можат да уживаат во природата, да шетаат, да се вклучат во градинарство, да играат и, всушност, да ги добијат природата и мирот што со современиот начин и темпо на живот им се сè помалку достапни.

Тимот на урбанисти и пејсажни архитекти за таа цел ја разработи идејата за решавање на целата зона дефинирајќи ја позицијата и големината на самата градина, како и позицијата на автобусните јазли и принципите на пешачките рути.

За победник на натпреварот е избран проектот Градината Серж Геинсбург, а тезата дека природата мора да го најде своето место во градот и дека единствениот одржлив начин на размислување е само дополнително да се зголеми нејзината улога на повеќе нивоа, беше во целост применета во овој проект.

Така, водата од дождовите се собира од олуците и крововите на зградите и на тој начин се полни централното езеро поврзано со голем подземен резервоар што служи како извор на водата за наводнување на градината. Организацијата на градината е флексибилна, зашто се зема предвид дополнителната модификација што сигурно ќе настане со нејзиното користење, со интервенцијата на станарите или, едноставно, ако ветрот нанесе семе од некои нови билки.

Рутата на поврзување е едноставна и флуидна, а од видиковецот се отвора поглед на целиот Париз, но и на самата обиколница земајќи во обзир дека целта не беше нешто да се скрие, туку да се поврзат населбите како одговор на затекната ситуација.

Градината е организирана околу големиот отворен централен простор, простор што намерно е оставен празен како посвета за класичниот тревник. Од двете страни на таа недопрена ливада расте густа вегетација. Градината е организирана околу главната оска па така, од секоја страна под стеблата се нижат различни теми: детски парк, простор за читање, за градинарство итн.

Таа не е конципирана како декоративен елемент, туку како одговор на ситуацијата, предвидувајќи различни можни ситуации. Секоја зона на градината нуди нови можности, а може да се засадат растенија било каде, дури и на ѕидот по должината на главната оска.

Иако штотуку настана, изненадувачки голем број луѓе градината веќе ја открија како оаза на мирот во близината на нивниот дом, што всушност не е чудно, имајќи предвид дека нуди едно ново искуство, дури претставува и мала револуција во начинот на живот и проширување на често скромниот животен простор. Станарите велат дека секојдневно поминуваат низ градината, понекогаш дури и ако тоа значи да се избере малку подолг пат до работното место, и испробуваат низа различни активности, од утро до мрак. Во текот на ноќта, градината е затворена и минимално осветлена.

Подигнувањето на еколошката свест и интересирањето за темите околу враќањето на природата и оживувањето на градините како место на заедништво, веќе е во фокусот на интересите на сè поголем број луѓе, што очигледно може да се припише на забрзаното темпо на живот што на луѓето не им остава доволно време за самите себе и како краен резултат, предизвикува отуѓување. Затоа ваквите проекти секогаш се препознаени како добар пат, односно реакциите на околните станари што потоа доаѓаат речиси секогаш се позитивни.

Пејзажно уредување: Territories

Архитектура: Matthieu Gelin & David Lafon Architecte

Извор: pogledaj.to

 

ОкоБоли главаВицФото